Претседателот на САД, Доналд Трамп, по сослушувањето на Џејмс Коми нема да биде отповикан од функцијата, смета Миодраг Шориќ. Но Вашингтон и натаму е во маѓепсан круг и се ослабнува самиот себеси.
Реклама
Штетно за угледот, но не и вистински опасно за Трамп. Така гласи заклучокот од сослушувањето на разрешениот директор на ФБИ, Џејмс Коми во Сенатот. Иако сослушувањето на виделина изнесе нови детали за очигледно дрското и самобендисаното однесување на американскиот претседател, сепак не донесе докази за потенцијални прекршувања на законите.
Американците различно ја интерпретираат политичката драма во Вашингтон. За демократите сослушувањето е натамошен доказ за тоа дека овој претседател, кој не е дораснат на функцијата, навистина е опасен. За фановите на Трамп сослушувањето уште еднаш покажа дека нивниот херој - политички аутсајдер - е жртва на политички интриги, поттикнати од либералниот естаблишмент во Вашингтон.
Остатокот од човештвото најрадо не би го гледало овој политички циркус. Но и тоа не е возможно, бидејќи она што се случува во Вашингтон има последици. Сигурно е дека Трамп засега останува на функцијата, но ќе му биде сѐ потешко да владее, да донесува закони преку Конгресот, да покаже надворешнополитичко лидерство. Зашто, и покрај тоа што републиканците ги контролираат двата дома на американскиот парламент, тие само колебливо го следат овој претседател. Малку нешта говорат во прилог на тоа дека оваа администрација, како што најави, во брзо време ќе усвои здравствена или даночна реформа.
Не е на повидок постапка за импичмент
Сослушувањето на Коми се погрижи за тоа, Вашингтон и натаму да се занимава со самиот себеси. Владата делува како парализирана и едноставно не ѝ успева да се ослободи од стегите. Трамп негира дека вршел влијание врз тековните истраги на службите. И така неговиот збор стои против оној на Коми. Така што, не може да се започне постапка против Трамп за отповикување од функцијата, дури и ако кон тоа стремат многу демократи.
Противниците на Трамп во рамките на Републиканската партија стравуваат да го предадат својот претседател. Процесот за импичмент би можел да трае со години, со неизвесен исход. Повеќето Американци, толку бргу по последните избори, не би имале разбирање за тоа. И така политички Вашингтон може да се влечка од едно сослушување до друго - сѐ до летната пауза.
Другите профитираат од слабоста на САД
Москва и Пекинг профитираат од оваа заплеткана ситуација. Колку послаби се САД, толку појаки се нивните противници. Онаму каде САД ќе отпаднат како водечка сила, Русите и Кинезите се обидуваат да го пополнат вакуумот. Често со успех. Кина го проширува своето влијание во Африка, Русија на Блискиот и Средниот Исток.
Во вакви околности, пријателите на САД - меѓу нив и Германија - посакуваат брз крај на аферата во Вашингтон. Таму, меѓутоа, демократските мелници мелат темелно. И полека.
Овластувањата на најмоќниот државник во светот
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.