Доналд Трамп сѐуште не го признава изборниот пораз, но најави дека ќе се повлече од Белата куќа доколку Изборниот колегиум ја потврди победата на Џо Бајден.
Реклама
Речиси три недели по поразот на претседателските избори, републиканецот Доналд Трамп навести повлекување од Белата куќа. На Денот на благодарноста, вчера пред новинарите Трамп изјави дека ќе ја напушти Белата куќа доколку Изборниот колегиум го изгласа неговиот демократски противкандидат Џо Бајден за иден претседател. Но, со оглед на „масивните изборни измами", тој и натаму смета дека гласањето за Бајден би било грешка.
74-годишниот актуелен претседател беше искрен – признавањето пораз би му било многу тешко, а го погодува и го смета за неисправно тоа што Бајден веќе го составува својот кабинет. Ова е првпат по 3 ноември Трамп да одговара на прашања на новинарите.
Образложувајжи го своето тврдење за наводна изборна измама, Трамп избирачката структура во САД ја стави на исто рамниште со „земји од третиот свет". Гласале и мртви, упорно настојува тој: „Овие избори беа измама, тие беа фалсификувани", а за тоа се одговорни корумпирани службеници во одделни клучни сојузни држави како Пенсилванија и Мичиген, кои му го донесоа поразот, тврди Трамп.
78-годишниот Бајден според сегашната состојба по пребројувањето на гласовите може да смета на 306 електорски гласови, значително повеќе од доволните 270, додека Трамп има добиено 232 електорски гласа.
Изборниот колегиум треба да изврши избор на идниот американски претседател на 14 декември, но резултатот од изјаснувањето ќе биде соопштен пред Конгресот дури на 6 јануари идната година. Двата чекори во меѓувреме се сметаат за формални, со оглед на познатите резултати. Бајден треба на 20 јануари официјално да положи заклетва како нов претседател на САД.
Кои се избраниците за новиот кабинет на Џо Бајден?
Избраниот претседател на САД Џо Бајден почна да го екипира својот кабинет подготвувајќи се за влез во Белата куќа. Многумина од неговите кандидати беа во администрацијата на Барак Обама, а изборот го потврдува Сенатот.
Фотографија: Mike Coppola/Getty Images
Ентони Блинкен, министер за надворешни работи
Блинкен е долгогодишен близок соработник на новоизбраниот претседател Џо Бајден. Тој работел во администрацијата на двајца демократски претседатели и бил истакнат советник во Комисијата за надворешни работи на Сенатот. Извршувал и функција заменик – национален советник за безбедност, како и заменик државен секретар во втората влада на Обама, кога Бајден беше вицепретседател.
Фотографија: Mike Coppola/Getty Images
Џон Кери, специјален претседателски пратеник за клима
Поранешниот министер за надворешни работи ќе биде специјален претставник на Бајден за прашања поврзани со климата. Кери од 1983 до 2013 година беше сенатор во Масачусец, пред да ја преземе највисоката функција во надворешната дипломатија во втората влада на Обама. Кери во името на САД во 2015 година го потпиша Парискиот договор за климата, а две години подоцна Трамп ја повлече земјата од него.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen
Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во ОН
Линда Томас-Гринфилд од 2013 до 2017 година беше на важни позиции во Министерството за надворешни работи. За време на епидемијата на ебола, таа ја раководеше американската политика во Африка јужно од Сахара. Бајден планира да ѝ ја довери важната функција за Белата куќа, амбасадор во ОН.
Фотографија: DW/S. Broll
Алехандро Мајоркас, министер за внатрешна безбедност
Адвокатот со кубанско потекло за време на претседателот Обама беше заменик-шеф за внатрешна безбедност и раководеше со реализација на програмата ДАЦА, која на т.н. „сонувачи“, како деца илегално донесени во САД, им овозможуваше останување во земјата. Доколку биде потврден неговиот избор, тој би бил прв доселеник и латино кој ќе го води секторот за внатрешна безбедност.
Фотографија: Thilo Rückeis/picture-alliance
Џејк Саливан, советник за национална безбедност
Саливан од 2013 до 2014 беше советник на Џо Бајден за национална безбедност, додека тој беше потпретседател. Тој беше и заменик на Хилари Клинтон на функцијата министер за надворешни работи. Подоцна Саливан беше нејзин највисок советник за надворешнополитички прашања за време на нејзината претседателска кандидатура во 2016 година.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Аврил Хаинс, директор за национално разузнавање
Хаинс беше прва жена заменик директор на ЦИА, во периодот од 2013 до 2015 година. Таа го наследи Ентони Блинкен на позицијата заменик-советник за национална безбедност кога тој во 2015 година замина во Министерството за надворешни работи. Ако се потврди нејзиниот избор, таа ќе биде прва жена која ќе раководи со американските тајни служби.