Откако ја презеде функцијата, претседателот Трамп не ги беше посетил американските борбени сили во странство - досега. Тој ја искористи актуелната посета на Ирак за да упати јасна порака до меѓународната заедница.
Реклама
САД не можат да продолжат да бидат „светски полицаец", рече американскиот претседател Доналд Трамп во воздухопловната база Ал-Асад во провинцијата Анбар, западен Ирак. Во овој контекст, тој, исто така, ги бранеше своите планови за целосно повлекување на американските сили од Сирија. На таа операција , според Трамп ѝ било оставено доволно време.
Освен тоа, рече претседателот, терористичката милиција Исламска држава во Сирија во голема мерка поразена.
„Ние повеќе не сакаме да бидеме експлоатирани од земји што нѐ користат нас и нашата неверојатна војска да се заштитат себеси, а не плаќаат за тоа!" рече Трамп дополнувајќи: „Не би било праведно само САД да го носат тој товар“. Во однос на бројните американски воени операции ширум светот, Трамп нагласи: „Ние сме распоредени низ целиот свет, ние сме во земји за кои повеќето луѓе дури никогаш не чуле, Искрено кажано, тоа е смешно“ Премиера за Трамп
Претседателот Трамп во придружба на сопругата Меланија инаку синоќа пристигна во ненајавена посета на американските војници стационирани во Ирак. Ова е прва негова посета на трупите на САД во една нестабилна зона.
„Претседателот Трамп и првата дама отидоа во Ирак... да ги посетат нашите трупи и нашите воени команданти, да им се заблагодарат за нивниот ангажман, нивниот успех и нивната жртва и да им посакаат среќен Божиќ“, напиша на Твитер портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, со слика на двојката во друштво на војници во униформи.
Посетата на Трамп следува по неговата најава дека ќе ги повлече американските сили од соседна Сирија. Тој им рече на новинарите на летот за Ирак оти воопшто не планира да ги повлече американските војници од Ирак. Тој уште додаде дека сака да ги врати американските трупи од Сирија и оти Ирак може и натаму да служи како база од која можат да се спроведуваат напади на екстремистите од Исламска држава во Сирија доколку тоа биде потребно.
Одлуката на Трамп да ги повлече Американците од Сирија ги вџаши неговите советници за национална безбедност и сојузниците, и ја поттикна оставката на министерот за одбрана Џејмс Матис. Трамп, кој наредниот месец влегува во третата година на власт, е критикуван затоа што не ги посетил американските трупи кои се наоѓаат во опсаните зони. Тој претходно изјави дека не мисли оти таквата посета е „претерано потребна“.
Овластувањата на најмоќниот државник во светот
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.