Американскиот претседател е повторно во потрага по имоти во странство. Откако веќе ги избра „прекрасните плажи“ на Северна Кореја како идеално место за одморалишта, сега сака да го купи Гренланд.
Реклама
Дали американскиот претседател Доналд Трамп е во потрага по овековечување во книгите за историја или е повторно во улогата на претприемач со недвижнини- неговата стара работа? Во секој случај, неговата последна идеја потсетува на купувањето на Алјаска во 1867 година. Во тоа време, САД ја купија територијата на сега најсеверната американска сојузна држава од Руската империја - за поволна цена од 7,2 милиони долари (што е еднакво на сегашната вредност од 120 милиони американски долари) . Сега, според инсајдерски информации, Трамп со советници и соработници во Белата куќа развива план за купување на Гренланд од страна на САД.
И претседателот Труман сакал да го купи Гренланд
Американскиот претседател е заинтересиран да го купи Гренланд од Кралството Данска, пишува „Волстрит журнал“. Два извора потврдиле за весникот дека Трамп повеќепати ги прашал своите соработници - „со различен стапен на сериозност“ - дали би било можно САД да ја купат автономната данска територија поради нејзините ресурси и геополитичката важност. Исто така, побарал мислење и од раководството во Белата куќа.
Распрашувањето на Трамп за островот, кој е инаку во континетален состав на Северна Америка, наиде на гласни реакции на Твитер, особено на оние со шеговит тон. Сепак, колку и да звучи неверојатно, пишува „Волстрит журнал“, купувањето на Гранланд не е фантазија.
Не е јасно како САД би го купиле најголемиот остров во светот откако поранешниот претседател Хари Труман претходно погреши и не го купи за тогашни 100 милиони долари во 1946 година, исто како и Стејт департментот во 1867 година. САД од Данска досега купија една важна територија и тоа во 1917 година, која денеска се вика Девствени Острови.
Трамп наредниот месец во Данска
Гренланд е остров со мраз во состав на Кралството Данска, со респектабилна површина од 2.166.086 квадратни километри. На островот се населени околу 56.000 луѓе и ако е технички во северноамериканските води самоуправната територија културно и' припаѓа на Европа. Со надворешната и со безбедносната политика на Гренланд управува Копенхаген.
Факт е дека Данска се бори со моделот за финансирање на Гренлад кој ужива висока автонимија. Гренланд годишно прима 591 милиони долари субвенции од Данска, што изнесува околу 60 отсто од неговиот годишен буџет. Што се однесува до моменталните односи меѓу САД и оваа данска земја, американската војска поседува голема воздухопловна воена база на северозападот од островот, која е дел од врвниот систем за рано предупредување на ракетни напади и системи за следење сателити. Интересно е тоа што Трамп во септември заминува во официјална посета на Данска, но не е познато дали Гренланд ќе биде една од можните теми.
Овластувањата на најмоќниот државник во светот
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.