1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп, Сандерс и американската средна класа

Џејмс Гелбрајт/БГ15 март 2016

Агресивноста на Трамп е наменета за остарената Реганова генерација додека младите луѓе му се приклучуваат на Сандерс. На крајот, клучен електорат на изборите во САД е средната класа, пишува Џејмс Гелбрајт.

Фотографија: Reuters/Getty Images/DW Montage

Тешко е да им се објасни на граѓаните на една република со жена-канцелар, дното во кое западна кампањата за претседателската номинација на Републиканската партија. Но, можеби и не е толку тешко. Психо-сексуалните референци испливуваат на површина во несигурни времиња, а со нив и жедта за голем маж. Смиреноста, конзистентноста и искреноста не се вредности кои се на цена; агресивноста, заканите, опортунизмот и лукавоста растат. А поддршката за Доналд Трамп расте.

Несигурноста во Америка денес доаѓа во две пакувања: физичка и економска. Огновите на физичкиот страв се, сепак, слаби. Траумата од 9/11 се губи; инцидентите во Бостон и Сан Бернардино остануваат далечни со оглед дека сторителите се мртви. Париз е далеку, тој ја нема повеќе аурата на икона за Американците како во 1950, на пример, кога неговото ослободување се уште беше во свежо сеќавање. Со исклучок на црните граѓани кои се соочуваат со белата полиција, повеќето Американците денеска се чувствуваат безбедно. Сепак, Трамп потсетува на Париз, Сан Бернардино и Бостон секогаш кога може.

Економската несигурност е сеприсутна. За подзаспаните жртви на глобализацијата, сега веќе остарената генерација на Реган, Трамп е последната шанса. Неговата економска платформа, доколку воопшто има таква, содржи три основни постулати: тешки преговори со Кина и Мексико за надминување на трговскиот дефицит- смешна фантазија, но сеедно; масивни даночни олеснувања за подигнување на економијата; и клучно, како и Реган, Трамп барем привремено ќе го остави социјалното и медицинското осигурување намира, барем засега. Неговата порака е насочена специјално за гласачите на Реган, од кои мнозинството денеска живее од државна помош. За останатите- зид, депортации, измачување- расистичка агресивност во секој случај. Но Трамп е бизнисмен од Њујорк и подготвен е на сѐ. Подгответе се; откако ќе биде номиниран ќе го гледате и во афроамериканските цркви и во џамии.

Поделба поради економијата

Далеку поинтересен е развојот кај Демократите. Партијата има два ешалони. Обата се социјално либерални и расно инклузивни; верските реакционери и белите супрематисти одамна си заминаа кај Републиканците. Но Демократите се поделени во однос на економијата. Една страна е благо мелиористичка, тесно поврзана со финансискиот модел на раст, отворена за бизнис лобистите и за трговски договори, расположена за компромис за социјалното осигурување и за подигнување на лажните работни места како микрофинансирањето на статус на големо јавно достигнување.

Џејмс ГелбрајтФотографија: privat

На другата страна е „демократската база“- неповрзани групации на млади луѓе и работници кои, во најголем дел, беа исклучени од врвот на партијата која зависи од нивните гласови, и кои се акутно свесни и вознемирени поради привилегиите за големиот бизнис. Оваа фракција во последните години немаше свој глас. Но годинава го доби во сенаторот Берни Сандерс.

И Сандерс ја води кампањата токму на таа економска програма која има три постулати: мининална плата од 15 долари, бесплатно јавно високо образование, а универзално здравствено осигурување. Тоа ќе биде фундирано со данок на богатите; Сандерс е само случаен Кејнзијанец. Неговата програма немаше да изненади никого во 1960-те во Германија, но за младите Американците, во денешните САД, тоа има призвук на политичка револуција.

Тие веруваат во Сандерс

И така Берни Сандерс се наметна кај младите- меѓу студентите, кај родителите со деца кои еден ден треба да студираат, меѓу работниците со ниски плати и меѓу оние кои немаат здравствено осигурување или не можат да издржат товарот на Обамакер. За оваа генерација, ветувањата на Сандерс се граничат со трансформација.

Како резултат на тоа, во политиката на Демократската партија се отвори генерациски јаз невиден уште од времето кога тука пристигнаа Битлси во 1964 година. Меѓу гласачите помлади од 45 години, Сандерс има убедлива предност во сооднос 60-40. Меѓу постарите гласачи и особено во афроамериканската заедница на југот, слична предност има Хилари Клинтон. Со оглед на тежината на демократски „тешкаши“ на конвенцијата, нејзината номинација изгледа многу веројатна.

Но иднината дефинитивно му припаѓа на Сандерс. Демографијата е судбина. Тој, а не таа, ги освои младите и ја редефинираше американската политика за следната генерација. Тој ја постави агендата за иднината. Дури и доколку таа стане претседател, за четири години партијата ќе им припаѓа на неговите луѓе, а земјата ќе им припаѓа ним, наскоро потоа.

На крајот, не е Доналд Трамп оној кој го презеде револуционерниот дух на Роналд Реган годинава и за следните години. Што и да се случи, нема да има Трамп револуција. Не- брзината на следната револуција е поставена од човекот кој е најмалку исто толку убедлив, добродушен и јасен во својата порака како што беше и Реган. Човек кој случајно е 74-годишен, неопседнат еврејски социјалист од Вермонт.

Џејмс Гелбрајт е професор на Универзитет Тексас во Остин.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми