Доналд Трамп во интервју за „Билд“ ја критикуваше бегалската политика на канцеларката Меркел и рече дека тоа довело до Брегзит. Меркел треба за делува самоуверено во односот со Трамп, оценува Миодраг Шориќ.
Реклама
„НАТО е застарен.“ Оваа реченица не потекнува од рускиот претседател Владимир Путин или од севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун. Ја изговори новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Ваквата оценка е спротивна на она што го велат од негова страна одбраните министри за надворешни работи и за одбрана. Тие минатата недела, при сослушувањето во Сенатот, го тврдеа токму спротивното. И сега, што би требало да биде валидно?
Ако на Трамп му е до тоа сојузниците во НАТО да издвојуваат повеќе пари за одбрана, тогаш тоа би требало да го направи недвосмислено. НАТО да се прогласи за прегазен од времето е оценка која ги прави партнерите несигурни. Тоа не се однесува толку на Германците и Французите, кои се доволно силни за да се бранат себеси. Но, балтичките држави и Полска во меѓувреме со право се прашуваат колку навистина вреди сојузништвото со САД. Дотолку повеќе што, како што се чини, Трамп пред сѐ бара пријателство со рускиот колега по функција Владимир Путин.
Како ќе реагира канцеларката Ангела Меркел на противречните сигнали од Вашингтон? Таа би можела самоуверено да укаже на германскиот придонес за трансатлантскиот однос. Сигурно, Германија би можела и ќе издвои повеќе за одбраната, но Берлин по терористичките напади од 11 септември испрати војници на Хиндукуш за таму да им пружи поддршка на САД. Во Авганистан се брани американската безбедност, а не германската. Осама бин Ладен и неговата терористичка банда го нападнаа Њујорк, не Берлин.
Селективноста на Вашингтон
Друг пример: САД и Германија го поддржуваат суверенитетот на Украина, но за тоа плаќаат само германските даночни обврзници. Кога украинскиот претседател пред извесно време во Вашингтон побара финансиска помош, Конгресот го испрати дома со празни раце. И претседателот Трамп ќе ги држи џебовите затворени. Уште еден пример? Германија за бегалците од Сирија и Ирак плаќа милијарди. Притоа, Германија со војната во Ирак нема ништо, дури и категорично предупредуваше пред да биде почната. САД и покрај тоа влегоа во војна. На тој начин дестабилизираа цел регион. Денес ја потиснуваат својата одговорност за оваа авантура.
Американските претседатели доаѓаат и си одат. Но, се чини, без оглед кој има збор во Белата куќа, политичката стварност се восприема само селективно.
ЕУ во никој случај не е, како што тврди Трамп, основана за да ги победи САД во сферата на трговијата. Таа не е ниту само во германски интерес. Од неа профитираат сите членки на Унијата. На крајот - дури и САД! Или Трамп сериозно верува дека САД на долг рок може да останат супер сила без притоа да ја имаат ЕУ на своја страна? Затоа ослабнување на ЕУ во никој случај не е во американски интерес. Брегзит остава само губитници. На крајот Британците си штетат себеси. Фунтата изгуби многу на вредност. Инвеститорите се повлекуваат од Велика Британија - дури и оние од САД.
Трамп: популист, могул, претседател
Тој е градежен претприемач, бестселер-автор, ТВ-ѕвезда, а сега и 45-ти претседател на САД. Во Трамп многумина гледаа комична фигура, но тој сега се вселува во Белата куќа.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Семејството, империјата
Во кругот на најмилите: Доналд Трамп со сопругата Меланија, ќерките Иванка и Тифани, неговите синови Ерик и Доналд јуниор, како и внуците Кај и Доналд јуниор III. Трите деца работат како заменици во „Империјата Трамп“.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Неговиот татко: Фредерик јуниор
Почетниот капитал за своите бизниси Трамп го добил од својот татко Фредерик. Тој на почеток му подарил еден милион долари, а по смртта во 1999 на Доналд и неговите три останати деца им оставил во наследство имот од 400 милиони долари.
Фотографија: imago/ZUMA Press
Милијарди заработени со помош на марката Трамп
Трамп инвестира агресивно, постојано доживува неуспеси, но долгорочно има успешен биланс, на пример со Кулата Трамп во Њујорк. Својот имот Трамп денес го проценува на десет милијарди долари. Експертите сметаат дека пореална е третина од оваа сума.
Фотографија: Getty Images/D. Angerer
„Многу добар, многу паметен“
Тао го вели Трамп самиот за себе, додавајќи дека студирал на елитниот универзитет Вортон во Филаделфија, каде се стекнал со бечелор-диплома во 1968. година.
Претходно неговиот татко го испратил 13-годишниот Доналд во воен интернат во Корнвол за да учи диспциплина. На крајот на школувањето се стекнал дури и со офицерски чин.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/
Со коскен шилец избегнат ангажман во Виетнам
Трамп меѓутоа успеал да избегне учество во војната во Виетнам. Спортскиот млад човек бил прогласен за неспособен за војска поради коскен шилец во петицата.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Првата сопруга: Ивана
Во 1977 година Трамп се ожени со чешката манекенка Ивана Зелничкова. Три деца се родени во бракот кој постојано беше во сенка на гласините за различни афери.
Фотографија: Getty Images/AFP/Swerzey
Семејство број два
Во 1990 година Трамп се разведе од Ивана и се ожени со својата втора сопруга, 17 години помладата Марла. Заедничката ќерка се вика Тифани.
Трамп не се покажуваше радо во јавноста само со својата жена, туку милуваше да се фотографира опкружен со „мисици“ од различни избори на убавици. Од 1996 до 2015 година тој беше главниот спонзор на изборот за Мис универзум во САД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Lemm
Како се прават пари
Како брзо да се заработат милиони? Книгата на Трамп „Начинот на склучување зделки“ дава упатства, таа е делумно автобиографска, делумно советник за амбициозни бизнисмени. Ова дело на Трамп не само што стана бестселер, туку и го стави авторот во фокусот на вниманието на јавноста.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Schwalm
Трамп во политиката
Трамп настапуваше во свое ТВ-шоу, се појавуваше пред камери, но со политика не се занимаваше. Но, на 16 јуни 2015 година најави учество во трката за избор на републикански претседателски кандидат. Неговиот слоган е „Да ја направиме Америка повторно голема“. Кампањата ја водеше со настапи со семејството и со навреди кон доселениците, муслиманите, жените и своите конкуренти.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Lane
Функција со достоинство
Дали популистот и шоумен сега ќе се претвори во предводник на слободниот свет?Многумина тоа не можат да си го замислат. Но, животниот пат на Доналд Трамп покажува: овој човек располага со преобразувачка способност на камелеон.