Заради ограничување на пандемијата на коронавирус, САД посегнаа по драстични мерки и го суспендираа влезот на патници од Европа на 30 дена.
Реклама
Американскиот претседател Доналд Трамп во телевизиско обраќање најави дека границите за луѓето од Европа ќе бидат затворени од петок на полноќ. Тој ги обвини државите од ЕУ за недоволно брзо реагирање против раширувањето на новиот вирус. Според Трамп, посебно критика заслужува тоа што по избувнувањето на вирусот во Кина, европските граници не беа затворени за патниците од Кина, мерка што ја презедоа САД. Раководителот на Здравствената служба на САД, ЦДЦ, Роберт Редфилд, изјави дека Европа во кризата со коронавирусот претставува „вистинска закана“ за САД. Сепак, во забраната не е вклучена Велика Британија, а Трамп не го објасни исклучокот. Вирусот во меѓувреме се рашири и во Велика Британија, досега таму се потврдени преку 450 инфекции. Затворањето на границите за патници важи за 26 држави од Шенгенскиот простор, во кој Велика Британија не припаѓа.
Оној кој во изминатите 14 дена престојувал во Шенгенскиот простор, не смее да влезе во САД, изземени се само американски државјани и луѓе со постојан престој во земјата.
Кои фирми профитираат од коронавирусот
Стравот од коронавирусот тешко ги погодува финансиски пазари. Кога компаниите мора да ги коригираат своите прогнози за добивка и промет надолу, тоа е отров за курсот на акциите. Но, сепак има и такви кои профитираат.
Кога во последната недела од февруари курсот на акциите ширум светот драматично падна, акциите на платформата за видео стриминг успешно се спротиставија на трендот. Аналитичарите сметаат дека т.н. „останете дома“ акции , како оние на „Нетфликс“ можат да им обезбедат богатство на инвеститорите за време на појавата на коронавирусот, бидејќи на сѐ повеќе луѓе им се вели да останат дома.
Фотографија: picture-alliance/AA/M.E. Yildirim
„Откачете“ го фитнес-клубот
Акциите на фитнес старт-апот Пелотон Интерактив, кој произведува велосипеди за вежбање и, исто така, нуди фитнес часови преку интернет, скокнаа бидејќи стравот од коронавирусот може да поттикне многу фитнес ентузијасти да не одат во своите теретани и клубови и да се одлучат за понудите на Пелотон.
Шефот на фармацевската компанија „Модерна“, Стефан Банкелза кусо време стана милијардер откако компанијата испорача експериментална вакцина против коронавирусот за клиничко тестирање кај луѓето, со што се зголеми цената на нејзините акциите. И Лим Ви Чаи од Малезија, мнозински акционер во фирмата за медицински ракавици „Топ Глав“, влезе во клубот на милијардери среде избувнувањето на вирусот.
Останете дома, останете поврзани
Акциите на телеконференцискиот старт-ап „Зум Видео“ пораснаа речиси за 50% од февруари, откако инвеститорите проценија дека сѐ повеќе луѓе поради стравот од коронавирусот ќе работат од дома. Компанијата веќе придодаде повеќе активни корисници годинава - 2,22 милиони - отколку во целата 2019 година.
Фотографија: zoom.us
Празни полици во супермаркетите
Во супермаркетите, како германскиот „Реве“ и францускиот „Карфур“, прехранбените производи „летаат“ од полиците додека купувачите во паника ги зголемуваат домашните залихи. Затоа инвеститорите засилено вложуваат во акциите на компаниите за пакувана храна. И онлајн трговците, како Амазон, исто така, имаат поголема побарувачка, бидејќи купувачите поради страв од вирусот ги избегнуваат продавниците.
Произведувачите на маски за лице, дезинфекциски средства за раце и дезинфекциски марамчиња се сведоци на огромен раст на побарувачката, бидејќи купувачите бараат начини да се заштитат од вирусот кој брзо се шири. Фирмата „3M“, која меѓу останатото произведува и маски за лице, е една оние со најголема добивка.
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/Yichuan Cao
„Во секое време, насекаде“
Германската софтверска компанија „ТимВјуер“ која им овозможува на корисниците да работат од далечина (од дома), е сведок на голема побарувачка на нејзините услуги, особено во Кина, епицентарот на коронавирусот. На Франкфуртската берза цената на акциите на оваа компанија забележа огромен раст во изминатите неколку дена.
Фотографија: picture-alliance/B. Kammerer
7 фотографии1 | 7
Мерките се неопходни заради зачувување на здравјето и благосостојбата на американските граѓани, изјави Трамп.
Коронавирусот однеодамна е проширен и во САД. Официјалните информации од Џонс-Хопкинс Универзитетот велат дека кај 1300 луѓе е регистрирана инфекција со Ковид-19, а има околу 40 смртни случаи.
Првично, забуна настана дали најавените ограничувања за влез на луѓето од Европа во САД ќе се однесуваат и за производите од Европа. Претседателот во обраќањето изјави дека ќе биде засегнат огромен протокот на стока. Подоцна, преку Твитер појасни: „Ограничувањата ги запираат луѓето, а не производите.“
Во телевизискиот говор Трамп најави и мерки против економските последици на пандемијата. Предвидено е пролонгирање на роковите за плаќање данок на одредени претпријатја и групи граѓани. На тој начин во американската економија би требало да се впумпаат преку 200 милијарди долари дополнителни ликвидни средства. Трамп апелираше до Конгресот на кризата со коронавирусот да реагира со брзо намалување на данокот на приход.
На азиските берзи најавите на Трамп доведоа до нови падови на индексите, цената на нафтата повторно бележи намалување.
Пандемијата на коронавирусот во меѓувреме и во САД има силни ефекти врз јавниот живот. Натпреварите на Кошаркарската лига НБА привремено се прекинати поради позитивен тест на коронавирус кај кошаркар. Во Њујорк е одложена традиционалната парада за Санкт Патрик која требаше да се одржи во вторник.