Пјонгјанг тврди дека со своите ракети може да погоди било која цел во САД. Но, дали Ким Јон Ун навистина сака да го стори тоа? Неговата цел е само да си ја зацврсти моќта, смета Јирген Ханефелд.
Реклама
Кога пред четири години Ким Јонг Ун најави дека до крајот на 2017 година ќе ја заврши ракетната програма речиси и никој да не го слушаше. „Лудиот“ или „непресметливиот“, беа коментарите тогаш. Други пак ја коментираа неговата способност да владее, предвидувајќи дека нема да трае долго. Но, кога Ким две години подоцна најави дека неговата земја е на пат да стане атомска сила и дека е подготвен да преговара со САД за разоружување, сите му се смееја. Но, сега сѐ помалку има смеа и секому мора да му биде јасно дека овој човек мора да се сфати сериозно.
Историски ден?
Секако, никој не знае со каков дострел се неговите ракети и дали во моментов може да ги погоди Њујорк или Вашингтон. Но, дали навистина сакаме да го дознаеме тоа? Нели е подобро да се намали ризикот отколку да се прифати? Дали изминатата среда ќе стане историски ден, во моментов не знаеме. Но во одредена смисла веќе е: Северна Кореа се прогласи за атомска сила! Тоа не само што значи зголемена закана, туку е и своевидна понуда. Јасно е дека ако севернокорејските ракети може да погодат било која цел во САД, тие тоа ќе може да го направат само еднаш, потоа нема да постои Пјонгјанг, па ниту Кореја, ни Северна ни Јужна.
Што му е целта на Ким? Тој едноставно сака да се заштити. Сака да си ја зацементира моќта. И токму поради тоа сака да биде на исто рамниште со САД. Не со Јужна Кореја, земјата којашто, барем воено е на страната на САД. Не со Кина, која лавира напред назад меѓу нејзините економски и стратешки интереси. Не, Ким наспроти Доналд Трамп е играта на која става влог Северна Кореја.
Во прашање е мир
„Каква надменост", е веројатно првиот коментар што паѓа на ум. Но погледнете рационално - нема друга алтернатива. Без разлика колку носачи на авиони да распореди, и покрај огромната воена надмоќ и предност на неговата земја - Трамп е немоќен да направи нешто – без опасноста да ја стави во залог Јужна Кореја, а веројатно ризикува и Трета светска војна. Нели вреди повеќе да се жртвува дел од своето огромно его ако американскиот претседател седне и зборува со Ким отколку да твитува за него? Нема да биде првпат Америка да треба да разговара со диктатор за да го вразуми. Најчесто ваквите средби со ваквите деспоти се за нафта, оружје или пари. Овојпат е за нешто многу поважно: за мир.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.