1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Трамп со финансиска уцена на Палестинците

Керстен Книп
4 јануари 2018

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја укине финансиската помош за Палестинската автономна област. На меѓународен план поддршката опаѓа веќе со години. Ваквиот тренд е тесно поврзан со политиката.

Jerusalem-Konflikt  Proteste in Bethlehem
Фотографија: picture-alliance/dpa/N.Shiyoukhi

Овој твит на американскиот претседател имаше јасна порака: „Не е само Пакистан тој на којшто му даваме милијарди долари за ништо, има и многу други земји", порача Доналд Трамп. „На пример, на Палестинците им плаќаме стотици милиони долари годишно, а за возврат не добиваме никакво признание, ниту почит. Тие не сакаат ниту да преговараат со Израел за неопходниот мировен договор (...) Но, ако Палестинците веќе не се подготвени да разговараат за мирот, зошто тогаш во иднина би им давале толку пари?"

За Палестинците оваа порака е закана и веднаш реагираа. Радикалното исламистичко движење Хамас зборува за еден „евтин политички притисок." Палестинското ослободително движење, по дебатата која минатиот месец ја покрена Трамп со одлуката Ерусалим да се прогласи за главен град на Израел, истакна дека не сака да се потчинува на финансиски диктат. „Ерусалим и неговите свети места не се на продажба, ни за злато, ни за сребро, " порача портпаролот на палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Со сличен став е и Мухсин Абу Рамадан, хуманитарец од Појасот Газа. „Трамп е еден безобзирен човек кој не се залага за политички решенија туку ги злоупотребува парите како инструмент за политичка контрола," вели Рамадан за Дојче Веле. Но, со својот твит Трамп покажа дека не се грижи многу ни за Израел. „Бидејќи и за нив е важна стабилноста на палестинските територии. Доколку ја нема, тоа ќе влијае и врз Израел," смета Рамадан.

Зависност од помош од странство, Палестинци во супермаркет во ГазаФотографија: AP

Тешки последици при укинување на помошта

Заканата на Трамп значително ќе ја заостри ситуацијата на Блискиот Исток, смета социологот Гинтер Мајер, директор на Центарот за истражување на арапскиот свет на Универзитетот во Мајнц. Според него, доколку се спроведе заканата, таа би имала драматични последици за палестинските автономни области.

„Ако се прекине финансиската помош тоа би ја влошило економската ситуација. Америка со над 370 милиони долари во 2016 беше главен финансиер на организацијата на ОН за помош на палестинските бегалци. Доколку се повлече главниот финансиер на програмата за помош за училиштата, медицинска нега и социјалните програми, тоа ќе биде тежок удар за Палестинците," проценува Мајер во разговор за ДВ. Ако ги нема овие пари тие нема да може да ги надоместат останатите финансиери, како што се дел од европските држави.

Повеќе на темата: 

Ерусалим наскоро со железничка станица „Доналд Трамп“?

Зошто Арапите не се многу солидарни со Палестинците?

Палестинските автономни области се многу зависни од финансиската помош. Покрај САД, и Европејците се меѓу најголемите финансиери. Институциите и земјите членки на ЕУ во 2015. година дале 837 милиони долари. Германија учествувала со 92 милиони долари во оваа сума.

Најголемата помош од арапскиот свет доаѓа од Саудиска Арабија, со над 240 милиони американски долари годишно. ОН преку „Агенцијата за помош и работа" (UNRWA), префрлиле околу 452 милиони долари во 2015. година. Вкупната помош таа година била 1.8 милијарди долари.

Но колкава и да е сумата, со овие пари може да само да се олеснат некои работи во секојдневието на Палестинците и изолираниот Појас Газа и да се обезбеди опстанок на автономните области. „Во суштина опстанокот и на пПојасот Газа и на Западниот Брег, не би бил возможен без странска помош, со оглед на масовните ограничувања и постојани напади од страна на Израел," смете Мајер.

Графикон за намалувањето на поддршката за Палестинците

Поддршката слабее веќе со години

Финансиската поддршка на автономните палестински области видно слабее веќе со години. Само во периодот од 2014 до 2015 година таа е намалена за 614 милиони долари. Има многу причини за тоа. Голем дел земји ги намалија буџетите за развој и соработка.

Исто така во последниве години во фокусот се најдоа други глобални жаришта, пред сѐ хуманитарната криза која настана поради војната во Сирија. Конфликтот на Блискиот Исток за многумина е во втор план. Врз намалување на финаниската поддршка влијаеше и тешката ситуација во Ирак, како и катастрофалната ситуација во Јемен.

Во САД веќе со години се намалува финансиската поддршка за Палестинците. Тоа е поради влијанието на про-израелското лоби, смета Мајер. Но, исто така и Палестинците не направија многу за да ги поттикнат земјите да помогнат. „Недостатокот на реформи на Западниот Брег кој е под власт на ПЛО на чело со Абас, неодржувањето на избори и недостаток на демократија влијаеа на тоа некои земји да се решат да ја намалат поддршката,"објаснува Мајер.

Доколку Трамп навистина ја спроведе заканата и ја намали финансиската помош или ако целосно ја укине, тоа би можело да предизвика нови дебати. Тогаш едни ќе зборуваат за неопходен притисок, а други за политичка уцена со финансиски средства.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми