Американскиот претседател Доналд Трамп остро ја критикуваше Русија поради нејзиниот став во конфликтот околу Северна Кореја. Според него, Москва му помага на Пјонгјанг да ги заобиколува санкциите.
Реклама
„Русија воопшто не ни помага околу Северна Кореја“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за агенцијата Ројтерс. Тој додаде дека „Русија делумно го уништува она што го постигнува Кина“, без притоа да наведе на што конкретно мисли.
Трамп особено го пофали кинеското раководство за неговите напори за запирање на доставата на нафта и јаглен за Северна Кореја. Сепак, уверен е дека Пекинг може да придонесе уште повеќе.
Севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун, како што рече Трамп во интервјуто, е сѐ поблиску до целта за напад врз САД со ракети: „Сѐ уште не се стигнати дотаму, но блиску се. И, секој ден се сѐ поблиску.“ Американскиот претседател оцени дека не е сигурен дали негова средба со Ким Јонг Ун би можела да придонесе за деескалација. „Не сум сигурен дали разговори би довеле до нешто разумно“, рече Трамп, додавајќи дека и преговорите што ги воделе неговите претходници не ја запреле Северна Кореја во нејзините намери.
Според Трамп, можно е и пропаѓање на дипломатските напори во атомскиот конфликт. Тој се надева на мирно решение на кризата, но „многу е можно тоа и да не успее“.
Тензиите поради атомската и ракетната програма на Пјонгјанг се зголемија во последните месеци. Причина за тоа, меѓу другото, беа повеќе ракетни тестови и досега најголемиот нукеларен тест на Северна Кореја, како и жестокиот вербален судир меѓу Трамп и Ким Јонг Ун.
Од почетокот на годинава, меѓутоа, дојде до придвижување во конфликтот. Во текот на минатата недела првпат по две години се одржаа директни разговори на владини претставници на Северна и Јужна Кореја. Покрај учеството на Северна Кореја на Зимските олимписки игри, постигната беше и согласност за преземање чекори за воена деескалација .
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.