Американскиот претседател Доналд Трамп и врвната политичарка на демократите, Ненси Пелоси, се во мала војна, која тешко дека може да биде побизарна.
Реклама
Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, денеска во Брисел попусто ќе ја чека Ненси Пелоси. Причината е американскиот претседател Доналд Трамп. Тој на демократската Пелоси, која е претседателка на Претставничкиот дом и со тоа негов најважен политички противник, ѝ го откажа патувањето во странство. Трамп, сосема традиционално, во писмо до Пелоси напиша: „Поради шатдаунот, за жал, мора да Ви соопштам дека Вашето патување во Брисел, Египет и Авганистан е одложено.“ И, уште додава дека доколку сака, Пелоси може да го реализира патувањето со редовна авиолинија.
Дали Пелоси ќе го стори тоа, не е јасно. Веројатно сега е доволно зафатена со нервозата поради Трамп и со размислување - како да реагира. Или да одлучи дали воопшто да реагира, па со тоа повторно да го навлече врз себе гневот на Претседателот. Писмото на Трамп може да се толкува како одмазда - имено, Пелоси прва започна кавга.
Демократката во средата го извести Трамп за одлагање на неговиот говор пред Конгресот предвиден за 28 јануари и предложи можност тоа да се направи само со писмена изјава. Како образложение наведе безбедносни причини. Поради шатдаунот на американската администрација, тајната служба и Министерството за внатрешни работи веќе 26 дена се без финансии, па можно е да не се во состојба да ја гарантираат безбедноста на Претседателот, наведе Пелоси.
Откажани и други патувања
Патувањето на Пелоси не е и единственото кое отпаѓа. Владата на Трамп сега не испраќа никого на Светскиот економски форум во Давос. Пред неколку дена сѐ уште се сметаше со тоа дека во Давос нема да пристигне американскиот претседател, но дека сепак ќе има делегација од САД.
Шатдаунот, односно блокадата на буџетот во САД, трае веќе четири недели. Причина за тоа е судирот поради ѕидот кон Мексико кој го бара Трамп. Претседателот не сака да го потпише законот за буџет поради тоа што во него не се предвидени пари за ѕидот. Демократите, на чии гласови е упатен Претседателот во Конгресот, отфрлаат изградба на ѕид.
Граница САД-Мексико: Бетон наместо челик
Ѕидот на границата со Мексико ќе се гради. Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша соодветен декрет. На делови од границата веќе има ограда. Дали сега челикот ќе биде заменет со бетон?
Фотографија: Reuters/J. L. Gonzalez
Трамп има искуство со градење
„На нашата јужна граница ќе изградам голем ѕид. Никој не гради ѕидови подобро од мене и за тој ѕид ќе плати и Мексико.“ Тоа американскиот претседател Доналд Трамп го изјави во текот на кампањата. Досега тој градеше пред сѐ висококатници и хотели. Ѕидот на границата е на прво место на неговиот план од 10 точки во делот на политиката на доселување.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Torres
Крај кој завршува „нигде-никаде“
Границата меѓу САД и Мексико е долга околу 3.200 километри. Од нив со жица се обезбедени околу 1.100 километри. Границата минува низ четири американски и шест мексикански сојузни држави, минува низ пустина и големи градови. Поради лошата пристапност, еден мал дел од границата во Њу Мексико е отворен. На други места пак патролираат службеници за заштити на границата.
Фотографија: Reuters/M. Blake
Несовладлив челичен џин
Бројот на илегални доселеници во САД се проценува на околу 350.000 годишно. Голем дел од нив доаѓаат од Мексико. Дел од доселениците од Мексико се толерираат. Од друга страна, мексиканските семејства не добиваат виза. Доселениците си посакуваат подобар живот, работа и повеќе пари за своите семејства.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Zepeda
Само мал допир
Семејствата живеат разделени со ограда. Прегратка не е можна. Во најдобар случај низ челичните шипки може да се протне рака. Ако Доналд Трамп го оствари најавеното, тогаш наместо челик овде ќе има бетон. Тогаш и мал допир нема да биде можен.
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress/J. West
Од изолација до предрасуди
„Кога Мексико праќа луѓе, тогаш не ги испраќа најдобрите“, рече Трамп во текот на кампањата. „Испраќа луѓе кои прават многу проблеми. Тие носат дрога, злосторства, силувачи. Некои, би рекол, се и добри луѓе.“ Трамп сака да ги протера илегалните доселеници, барем оние кои се со криминално досие. Сепак, и покрај заканите, многу Мексиканци не се откажуваат од своите планови за бегство во САД.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Bull
Пустина, граница и назад
За некои Мексиканци сонот завршува на границата. Тие завршуваат в затвор. Други за илегално минување преку границата плаќаат со својот живот. Медиумите критикуваат дека безбедносните сили пукаат преку границата. Дури во 2015 година за тоа првпат е обвинет припадник на американската погранична служба.
Фотографија: Reuters/D.A. Garcia
Со сачмарка против непожелните гости
Џим Чилтон, американски фармер, во патрола низ својот имот. Неговата фарма на површина од 200.000 квадратни метри на југоистокот од Аризона граничи директно со Мексико. Помеѓу има само бодликава жица. Чилтон се смета себеси лично одговорен за безбедноста и одвреме-навреме посега по сачмарката.
Фотографија: Getty Images/AFP/F.J. Brown
Чуден крај
„Тортиља ѕид“ е потценувачкиот назив на 22,5 километри долгиот дел од границата меѓу Отеј Меса Бордер Кросинг во Сан Диего (Калифорнија) и Пацификот. Оградата завршува во водата. За да се побегне на другата страна е доволно само да се исплива околу оградата.