Јасно предупредување од американскиот претседател Трамп во насока на Анкара: во случај на напад врз курдските трупи во северна Сирија, Турција мора да смета со тешки економски последици.
Реклама
Турција ќе биде „економски уништена“ доколку ги нападне Курдите во Сирија, напиша на Твитер американскиот претседател Доналд Трамп. „Истовремено, не сакам ниту Курдите да ја провоцираат Турција“, додава тој. Освен тоа, Трамп на Твитер пишува и за создавање безбедносна зона од 20 милји (околу 32 километри), но притоа не соопштува детали за плановите.
Американскиот претседател во декември изненадувачки најави целосно полвекување на американските сили од Сирија. Тоа ја ослабнува позицијата на курдските милиции кои досега со американска поддршка се бореа против џихадистичката милиција „Исламска држава“ (ИД).
Курдските Единици за народна одбрана (ИПГ) во северна Сирија стравуваат од напад на Турција. Владата во Анкара ги смета борците на ИПГ за терористи и за продолжена рака на забранетата Курдска работничка партија ПКК. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека сака многу бргу да преземе мерки „за да се неутрализираат овие терористички организации на сириска почва“.
Поради заканите на Ердоган кон ИПГ советникот на Трамп за безбедносни прашања Џон Болтон неодамна рече дека повлекувањето на американските трупи зависи од гаранциите на Турција за безбедноста на курдските милиции. Меѓутоа, ваквите оценки на Болтон наидоа на категорично отфрлање од турска страна.
Во текот на изминатиот викенд турската армија ги засили своите трупи на границата кон северносириската провинција Идлиб. Меѓутоа, од безбедносни кругови не се наведува дали тоа значи подготовка на акција од другата страна на границата.
Алепо: Уништувањето на раскошниот град
Алепо пред војната беше метропола полна со живот, омилена туристичка цел и економско срце на Сирија. Денес источниот дел на градот е разурнат. Фотографиите од пред војната и сега ги покажуваат размерите на уништувањето.
Џамијата Омејади пред војната
Ова е фотографија од 2010 година. Бунтовите во арапскиот свет тогаш не беа стигнати до Сирија и Алепо. Џамијата е изградена во 775 година и е дел од Светското културно наследство на УНЕСКО.
Фотографија: Reuters/K. Ashawi
Џамијата Омејади денес
Џамијата беше тешко оштетена во борбите во 2013 година. На 24 март 2013. се урна минарето изградено во 11. век. Денес џамијата наликува на напуштена руина.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Амамот Ел Нахасин пред војната
Во амамот во старото градско јадро на Алепо посетителите уживаат во мирот по направената бања. Фотографијата е направена есента 2010 година.
Фотографија: Reuters/K. Ashawi
Амамот Ел Нахасин сега
Шест години потоа амамот не зрачи со мир и спокојство. „Раните“ од војната му се видливи.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Цитаделата на Алепо пред војната
Цитаделата на Алепо е една од најстарите и најголемите тврдини на светот. Голем дел од објектот е изграден во 13. век.
Фотографија: Reuters/S. Auger
Цитаделата денес
Некогашната туристичка атракција е во голем дел уништена и денес како сениште се издига над градот.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Старото градско јадро некогаш
24. ноември 2008 година: Старото градско јадро на Алепо. Луѓе седат во кафулињата, сместени како во рамка од шарени светла.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Старото градско јадро денес
13 декември 2016: Старото градско јадро е престорено во прав и пепел.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Трговскиот центар Шахба пред војната
Божиќни подароци висат закачени на таванот на трговскиот центар Шахба во декември 2009 година. Петкатниот трговски центар беше отворен во 2008 година и се вбројуваше во најголемите во Сирија.
Фотографија: Reuters/K. Ashawi
Трговскиот центар Шахба денес
„Трајно затворен“ - оваа информација се појавува на Гугл кога се пребарува поимот „Shahba-Mall“ денес.Трговскиот центар беше тешко оштетен во воздушните напади во 2014 година.
Фотографија: Reuters/A. Ismail
Пазарот Ал Зараб пред војната
Влезот во пазарот Ал Зараб во 2008 година, облеан во топла светлина.
Фотографија: Reuters/O. Sanadiki
Пазарот Ал Зараб денес
Декември 2016: Влезот во пазарот е уништен речиси целосно.