Изградба на ветениот ѕид кон Мексико и забрана за влез на муслимани од повеќе земји на Блискиот Исток и Африка. Ова, според најавите, се следните чекори на новиот претседател на САД.
Реклама
Доналд Трамп ќе го преземе првиот чекор кон исполнување на ветувањето за „подигнување ѕид“ на границата кон Мексико со потпишување на извршна наредба.
Белата Куќа најави дека Трамп ќе го посети одделот за внатрешна безбедност попладнево и се очекува да претстави серија мерки насочени против имиграцијата.
„За утре планираме голем ден во однос на националната безбедност. Меѓу другото, ќе градиме ѕид!“, твитна Трамп доцна синоќа.
Намалувањето на имиграцијата кон САД беше централен столб на изборната кампања на Трамп. Неговата идеја е да изгради ѕид со должина од 3.200 километри на границата меѓу САД и Мексико. Дел од границата е веќе ограден, но Трамп смета дека е потребен и ѕид за да се сопре илегалната имиграција од земјите од Латинска Америка.
Експертите се сомневаат дека ѕидот всушност ќе ја намали илегалната имиграција, и дали вреди да се инвестираат милијарди долари во таков проект кога постојат многу поефективни мерки за постигнување слични резултати. Но, прашањето стана мобилизаторски повик за десницата и крајната десница во САД, основата на поддршката на Трамп.
Сепак, неговата одлука за изградба на ѕидот ќе мора да биде потврдена и од Конгресот, каде мнозинство имаат Републиканците. Тие ќе мораат да ги одобрат средствата за изградба на ѕидот, иако со години бараат поголема фискална одговорност. Дополнително, поголемиот дел од земјата на која Трамп сака да гради ѕид е во приватна сопственост, што имплицира долги правни процедури и значителна исплата на обесштетување.
Брана за бегалците
И самиот секретар за државна безбедност, Џон Кели за време на сослушувањето рече дека ѕидот нема да биде изграден набрзо. Трамп вети дека Мексико ќе плати за ѕидот, најава која во мексиканската влада ја отфрлаат со индигнација. Соработниците на Трамп веќе бараат начини да ги зголемат граничните тарифи или трошоците за транзит, како можен начин да го „натераат Мексико да плати“.
Трамп размислува да ја исполни и идејата за забрана на муслиманите да доаѓаат во САД. Од кругови блиски до администрацијата се најавува дека се бараат начини да се запре или забави доаѓањето на бегалци, особено од Сирија и други муслимански земји. Досега САД примија околу 18 илјади бегалци од Сирија, од вкупно 4,8 милиони колку што се водат како раселени од земјата. Се очекува рестрикциите да ги опфатат и Ирак, Иран, Либија, Сомалија, Судан и Јемен.
Но Трамп веќе се соочува со сериозен отпор во намерата.
„Доналд Трамп исполнува едно од најсрамните и дискриминаторско ветување кое го даде во кампањата“, вели Трита Парси од Националниот иранско-американски совет.
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.