1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп си направи бизнис, Полска доби американски војници

Бартош Дудек
14 јуни 2019

Претседателот на САД Трамп му приреди шоу на својот полски колега Дуда над Белата куќа. Ретко укажаната чест имаше за цел да го запечати последниот „дил“. Од тоа ќе профитираат обете страни, смета Бартош Дудек

US-Präsident Trump begrüßt den polnischen Präsidenten Duda im Weißen Haus in Washington
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

САД го зајакнуваат своето воено присуство во Полска. Американците сакаат да го зголемат својот контингент за околу 1.000 војници, или севкупно 5.500. Одлуката на Трамп беше далеку под очекувањата на Полјаците. Нема да има „Форт Трамп“, или голема постојана база, каква што е американската воена база во Рамштајн, Германија.
Наместо тоа, мрежа од помали логистички бази и магацини за тешко вооружување ќе бидат поставени во Полска со цел да се олесни брзото распоредување на трупи во случај на потреба. И локацијата на американските трупи насочува во таа насока. Притоа, американските војници ќе бидат распоредувани по принципот на „постојана ротација“.
Со таквиот чекор, Вашингтон сака да се придржува до договорот меѓу НАТО и Русија постигнат во 1997 година.
Тогаш Русија го прифати проширувањето на НАТО кон источните и централно европските држави со гаранција дека нема да бидат распоредувани големи единици на НАТО со постојано присуство на територијата на овие земји.

Бартош Дудек

Војници за бизнис

Распоредувањето на дополнителните трупи сепак ќе има висока цена за Полска, која ќе мора да купи 32 најнови Ф-35 ловци од САД. Главниот продавач приреди воздухопловно шоу за посетата на Дуда над Белата Куќа, иако прелетите над неа се забранети уште од 2001 година.
Дополнителен дел од договорот е обврската на Полска да купува течен гас од САД за 8 милијарди долари годишно. Споредено со бројот на распоредените војници, ова е неверојатен трговски договор за САД.
Сепак, продлабочувањето на воената соработка преку договорот кој го потпишаа Трамп и Дуда е голема дипломатска победа за Полска.
Од безбедносна гледна точка, присуството на американските трупи е гаранција од потенцијалните агресори, како што беа и во другите делови од западна Европа по Втората светска војна.
Иако присуството има првенствено симболичен карактер од воена гледна точка, како што беше и во Западен Берлин во минатото, сепак безбедноста на Полска е од интерес и на Германија и на ЕУ во целина. Интензивираната американско-полска воена соработка оттука е добра вест и за другите НАТО и ЕУ партнери.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми