1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Трансплантација на срце и паркинг наместо Клинички

27 мај 2020

Среќен сум што првата трансплантација на срце се направи на државната кардиохирургија, но ме разочара тоа што на местото каде веќе требаше да биде изграден Клиничкиот центар изградија паркинг. Пишува Никола Тодоров

Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Два настана посебно ме погодија изминативе две недели.

Многу позитивно ме трогна фактот што на државната кардиохирургија за прв пат во историјата на македонското здравство и македонската државност се изврши трансплантација на срце. Длабок поклон до семејството на дарителката, кое овозможи да се спасат други три животи и да се напише убава историја на македонското здравство. Министерството за здравство покажа одлична организираност, но и големина да ги вклучи сите авторитети во областа на кардиохирургијата, анестезијата и урологијата во овој сериозен здравствен потфат. Оваа успешна трансплантација на срце не направи сите горди, ја зголеми самодовербата на нацијата и дополнително го зацврсти темелот на нашата државност.

Посебно сум среќен, но и горд, што првата трансплантација на срце се направи на државната кардиохирургија. Беше исклучително тешко да се основа и да профункционира државната кардиохирургија. Се сеќавам многу добро на нејзините почетоци. Практично се боревме против ветерници при нејзиното основање иако навидум сите мечтаеа да се основа државна клиника за кардиохирургија повеќе од 50 години. Се сеќавам дека првата операција на државната кардиохирургија ја направи доктор од Италија, а од наша страна му асистираше Д-р Јовев. Беше 19 март 2014 година, само два месеци од денот кога ја основавме клиниката за државна кардиохирургија и се беше подготвено за првиот пациент. Да бидам искрен, се беше подготвено за успешно да се заврши првата кардиохируршка операција во јавното здравство, но и се беше подготвено да се минира основањето на клиниката и нејзиното успешно функционирање. Докторот кој требаше да ја изврши операцијата, откако го прегледал пациентот, побара прием кај мене и ме извести дека станува збор за исклучително сложен случај со големи шанси пациентот да не ја преживее операцијата. Ми рече дека му е јасно дека некој се обидува да го минира проектот на министерството, па ако го одбиеме првиот пациент ќе покажеме дека клиниката не е поставена на здрави нозе и дека не е на задоволително ниво, а ако го прифатиме и почине првиот пациент, тогаш клиниката уште на почеток ќе пропадне  како и сите претходни обиди за нејзино основање во последните 50-тина години. Нормално, политичката одговорност нема да изостане. Размислувавме заедно со докторите и мојот тим  во министерството. Го прашав италијанскиот доктор дали е подготвен да го спаси животот на пациентот. Размислуваше и ми кажа дека е подготвен да го оперира. Влезе во сала и после десетина часа ме известија дека пациентот ја преживеал операцијата и дека е во добра здравствена состојба. Радоста беше огромна. Уште поголема беше радоста кога видов дека првиот пациент дојде на прославата од првата годишнина на државната кардиохирургија во новите простории на клиниката. Тогаш знаев дека вистински профункционира државната кардиохирургија и дека веќе нема назад. Се изборивме против сите оние кои 50 години зборуваа за државна кардиохирургија, а правеа сé таа да не се отвори.

Претходни колумни од авторот:

Корона изборен модел

Време е за постепена нормализација

Короната и анти-ваксерите

Корона- пропаганда

Денес имаме реномирана и одлично опремена клиника за државна кардиохирургија која одлично се развива и на која се случи првата трансплантација на срце. Во оваа клиника работат исклучителни професионалци и исклучителни луѓе кои еве оваа недела не направија и горди Македонци. Им честитам јавно на овие докторки, доктори, сестри и останати здравствени работници и соработници како и на министерството за здравство и на националниот координатор за трансплантација за овој подвиг кој уште повеќе го издигна македонското здравство на европската јавно-здравствена скала.

Паркинг наместо клиника

Од друга страна ме растажи и разочара фактот што на местото каде до сега веќе требаше да биде во голема мера изграден Клиничкиот центар изградија паркинг. И тоа за само двесте возила. Наместо во Клинички центар да се изгради клинички центар, на местото на клиничкиот центар се изгради клинички паркинг. Ме растажи и разочара бидејќи голем број на луѓе, професионалци, меѓу кои и експерти од Германија, Франција, Шпанија, Грција и Италија, околу 4 години работеа да се осмисли локацијата, да се обезбеди исклучително евтино финансирање од реномирана меѓународна финансиска институција, да се изработи основен проект по сите светски стандарди, да се добие позитивна ревизија од една од најголемите проектантски куќи во Европа, да се спроведе постапката за набавка во соработка со Банката на Советот на Европа од Париз, и да се изготви договор на англиски јазик на 139 страници. Договорот предвидуваше до март 2021 година (за девет месеци од денес) за сума од нешто помалку од 72 милиони евра да се изгради комплетно нов Клинички центар на 9 ката со хелиодром на десеттиот кат и да се реновира целосно зградата на хируршките клиники која требаше целосно да биде споена со новиот клинички центар. Интензивната нега требаше да биде организирана во посебни боксови за секој пациент, одделени со стаклени ѕидови меѓусебно за подобра прегледност со централен мониторинг систем, а требаше да има и шест боксови со негативен притисок доколку постои потреба од изолација на некои пациенти, 16 најсовремени операциони сали, билдинг менаџмент систем и систем на пнеуматски туби за интерен транспорт на примероци од крв. Влезот од булеварот Мајка Тереза требаше да биде наменет исклучиво за влез на амбулантни возила во новиот и најмодерен ургентен центар. Требаше да има и кровни зелени градини, 4 пати поголеми од тие на ГТЦ. Старата, грда зграда на интерни клиники која со својот габарит и поставеност го блокираше струењето на воздухот од Водно кон тој дел од градот ќе беше срушена и на нејзино место ќе беше изграден убав парк. Кога сме кај паркингот да потсетам дека требаше да се изградат две огромни катни гаражи секоја со по 1.250 места за возила, односно нови 2.500 паркинг места или 12 пати повеќе паркинг места од тие кои се направија на местото каде требаше веќе да бидат изградени и застаклени 9-те ката на новиот Клинички центар.  Жалам што не се изгради, но некако иако ми е криво што на тоа место се направи паркинг, сепак и се радувам бидејќи на тој начин ќе се зачува локацијата на која некогаш ќе се изгради нов Клинички центар. Ова од причина што сум прилично убеден дека нов клинички центар сепак ќе треба да се гради во Клинички центар, а не на некоја ливада во близина на Скопје. Сепак мислам дека рациото ќе ја победи желбата за мегаломанија која е карактеристична кај повеќето македонски влади. Да потрошиш 600 милиони евра за еден проект, па макар тој проект бил и изградба на нов Клинички центар е во најмала рака нерационално и непотребно расфрлање со пари кои како држава ги немаме. Ако тогашната опозиција, а денешна власт не критикуваше за мегаломански проекти кои ги окарактеризираше како расипнички, со одлуката за изградба на клинички центар на ливада покрај Скопје ја прави истата грешка, но прилично поскапа.

Одлично е да се инвестира во здравство, но на македонското здравство во овој момент не му треба нов Клинички центар за 600 милиони евра. Со 72 милиони евра се прави нов клинички, со 50 милиони се прави нова градска болница во Аеродром на местото на Мајчин дом, со 80 милиони евра комплетно се реновираат клиничката болница во Битола, болниците во Кавадарци, Куманово, Струмица, Кочани и Велес, со 50 милиони евра се реновираат сите здравствени домови во државата и со 50 милиони евра се набавува дополнителна најсовремена опрема за сите болници. Тоа се околу 300 милиони евра за да имаме здравствена инфраструктура и опрема на ниво на Германија или Франција. Со останатите 300 милиони евра може да се направи многу. Ќе наведам само некои од можните проекти. Изградба на комплетно нов студентски дом – медицинар, во кругот на Клинички, комплетно реновирање на студентските домови Гоце Делчев и Кузман, изградба на нов студентски дом во кругот на техничките факултети, реновирање на сите тоалети во основните и средните училишта, експресен пат кон Софија, комплетна ревитализација и средување на градскиот парк во Скопје, изградба на градинки во секоја општина со цел да нема ниту една општина во државата каде деца ќе чекаат на листа за чекање и да останат околу 100 милиони евра да се поделат на сите општини во државава за изградба на локални улици. Градежништвото во цела држава ќе работи и вработува, економијата ќе расте, платите ќе растат, невработеноста ќе се намалува и најважно задоволството и вербата на граѓаните во државата ќе расте. Што е подобро, ова или паркингот на клинички за 200 возила? Парадоксот е во тоа што доколку се инвестира на ледината покрај Скопје 600 милиони евра, на здравството ќе му бидат потребни дополнителни 230 милиони евра, за да добиеме здравствена инфраструктура и опременост на ниво на Германија или Франција. Значи ќе се потрошат 830 милиони евра, а истото може да се постигне и со 300 милиони евра. Разликата е во непотребната мегаломанија и желбата на секоја влада да остави зад себе нешто грандиозно што најчесто доведува тоа да биде потоа окарактеризирано како расипништво или корупција. Затоа изградбата на паркингот на Клинички наместо изградба на нов клинички во Клинички центар не треба да се слави.

Знам некои повторно ќе негодуваат и навредуваат бидејќи повторно му честитам на Филипче и го славам успехот на македонскиот здравствен систем. Но, јас сум таков опозиционер, знам да честитам кога е нешто добро, но знам и да критикувам кога е нешто лошо, но притоа да дадам предлог како сметам дека ќе биде подобро. Граѓаните се тие кои на избори одлучуваат кој е во право. Без навреди и омаловажувања, туку конструктивно и со дијалог. Таква треба да биде борбата помеѓу власта и опозицијата. Му предлагам на министерот Филипче, кон критиката за Клиничкиот центар да пристапи трезвено и рационално, да се откаже од мегаломанскиот проект за изградба на клинички центар на ливада во близина на Скопје, и клиничкиот центар да се изгради во Клинички центар, таму каде му е местото. Бил и тој во повеќе клинички центри во Европа и светот и добро знае дека најголемиот дел се изградени и функционираат во поширокото централно подрачје на главните градови. Уште еднаш, искрени честитки за првата трансплантација на срце и критика за „паркингот наместо клинички".

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми