1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трансјадранскиот гасовод напредува без Москва

Јанис Пападимитриу /П. Абс/ Елизабета М. Фиданоска6 октомври 2014

Европа од 2020 година преку Транјадранскиот гасовод ќе добива земен гас од Каспиското море. По почетните тешкотии, проектот почнува да добива контури. Централна точка - Москва е надвор од проектот.

Фотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP/Getty Images

Преку Трансјадранскиот гасовод (ТАП) треба да се транспортира земен гас од Каспиското море преку северниот дел на Грција и Албанија се‘ до јужна Италија, од каде има приклучок за постоечката европска гасоводна мрежа. Русија при овој проект е заобиколена. Финансирањето на јужноевропскиот коридор за гас беше на климави нозе откако германскиот електро-гигант Еон и францускиот концерн Тотал минатиот февруари сигнализираа желба да се откажат од ТАП-проектот. Тие тоа и го сторија на крајот на минатиот месец. Но во меѓувреме има нов инвеститор - Енагас, еден од најголемите лиферанти на гас во Шпанија презема големо парче од уделот на Еон. Најголем удел во ТАП-проектот, по 20%, и натаму имаат британскиот енергетски џин БП, норвешкиот Статоил, како и азарбејџанскиот државен концерн Сокар.

„Се разбира дека жалиме што Еон и Тотал се откажаа, но секое претпријатие мора да процени дали оваа инвестиција одговара во неговото порфолио“, објасни во разговор за ДВ Луц Ландвер, еден од раководителите на ТАП. Според него, шпанскиот концерн Енагас е силен и ќе донесе конкретни, специфични искуства, што е добро за проектот.

Прединвестициите, како за пристапните патишта, ќе почнат да течат веќе во 2015 година, изјави Ландвер на конференцијата за енергетика „Balkans and the Adriatic Oil & Gas Summit“ во Атина, што се одржа пред неколку дена (1.10). Првите количества гас од азарбејџанското гасно поле Шах Дениз најверојатно ќе тргнат на почетокот на 2020 година. Трансјадранскиот гасовод би требало да покрие до 20 проценти од европските потреби од гас.

Клучна улога за Грција

Од планираните 880 километри цевки, 540 се во Грција, со што земјата која е во криза добива клучна улога во спроведувањето на проектот. Уште во 2013 година Грција, Албанија и Италија во Атина потпишаа договор за изградба на ТАП и со тоа ја изразија својата јасна определба за политичка поддршка за проектот кој тежи милијарди евра.

Фотографија: Sakis Mitrolidis/AFP/Getty Images

Сепак, се‘ уште има одолговлекувања и одлагања. Не е позната точната траса на гасоводот низ северна Грција, со оглед на тоа што повеќе градови, општини и граѓаснки иницијативи протестираат против плановите за изградба и бараат промена на планираната траса. Според грчкиот весник Та Неа, досега има околу 140 барања за промена на трасата. Конзорциумот на ТАП ветува дека внимателно ќе ги разгледа барањата и дека ќе спроведе „социјална инвестициска програма“ во договор со општините за да се создаде малку поголем степен на прифаќање на инфраструктурниот проект.

И процесот на издавање дозволи не одеше секогаш мазно. За иритации се погрижи и левичарскиот сојуз Сириза со најавата дека во случај на изборна победа ќе почне нови преговори околу ТАП. Министерот за енергија и климатски промени, Јанис Манијатис, за ДВ вели дека е незамисливо да се водат наново преговори за еден проект од европско значење.

Пристап до европските енергетски мрежи

Гасоводот ТАП се чини атрактивен не само затоа што нуди исплатлив пристап до резервите со гас во Капсиското море, туку и поради желбата на земјите кои се дел од гасоводот да се позиционираат наново на европскиот енергетски пазар. На пример, Албанија: земјата досега одвај да имаше неккава можност да учествува во европските енергетски мрежи. Сега тоа треба да се промени, оценува албанскиот заменик министер за енергетика и индустрија, Доријан Дука, во разговор за ДВ. „Со ТАП-проектот Албанија ќе стане дел од јужноевропскиот коридор за гас и со тоа и дел од енергетските мрежи во регионот“, вели тој. Гасоводот на Албанија треба да и‘ донесе и странски директни инвестиции во висина од околу една милијарда евра, како и нови работни места и повисоки приходи од даноци.

Луц Ландвер: ТАП може да покрие до 20 проценти од европските потреби од гасФотографија: DW/J. Papadimitriou

Што е уште поважно, според долгорочните планови на Тирана, гасоводот ТАП во Албанија треба да се сретне со Јонско-Јадранскиот гасовод (ИАП), кој треба да носи гас во мрежите на Западнобалканските држави. „Со тоа Албанија ќе стане јазол за натамошен транспорт на земен гас во насока на Западен Балкан, односно Црна Гора, Босна и Хрватска“, вели Дука.

Слични размислувања има и во северна Грција. Оттаму, преку 180 километри долг грчко-бугарски гасовод би требало да се транспортира гас од Азарбејџан кон Бугарија, Романија и Унгарија.

Несакана конкуренција за Русија?

Останува да се расчисти уште прашањето - дали Русија на ТАП-проектот гледа како на конкуренција за Јужен поток. Речиси сите учесници на „Balkans and the Adriatic Oil & Gas Summit“ во Атина одговараа негативно на ова прашање. Според грчкиот министер Манијатис, ова рашање не треба воопшто да се поставува, со оглед на тоа што во наредните години на Европа и онака ќе и‘ бидат потребни дополнителни 100 милијарди кубни метри гас, па секој нов транспорт на гас и секоја нова траса е добредојдена.

Во 2013 година Грција, Албанија и Италија во Атина потпишаа договор за изградба на ТАПФотографија: Reuters

На ист став е и Теодорос Цакирис од катедрата за геополитика на универзитетот Никозија. Јужен поток и проектот ТАП не се конкуренти, вели овој експерт за енергија. „Јужен поток не ја зголемува европската зависност од увоз на гас и не треба да освојува нов удел на пазарот, туку едноставно нуди алтернативна рута за веќе договорените испораки на гас. Во тој дел ТАП не е сериозна конкуренција. Тој има мал капацитет. Јужен поток лиферува годишно до 150 милијарди кубни метри гас, додека капацитетот на ТАП е максимум 20 милијарди кубни метри годишно и тоа во 2025 година.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми