1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Трајанов: За една ноќ ја одзедовме целата воена евиденција!

7 септември 2021

Со една акција го блокиравме процесот на мобилизација на регрути во ЈНА, а со други - кражба на оружје од магацините на ЈНА, потсетува Павле Трајанов на турбулентните времиња пред 30 години.

Pavle Trajanov -  ehemaliger Innenminister Nord-Mazedoniens
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Многу крупни настани се запишани во тридецениската историја на македонската независност, но постои општ консензус дека еден од најважните е мирното заминување на ЈНА. Македонија е единствената држава од поранешна СФРЈ која ја испрати федералната армија со потпишан договор и без ниеден испукан куршум. На важната улогата што ја имало МВР во тој сензитивен процес, потсетува Павле Трајанов, кој како припадник на тогашниот Републички сектретаријат за внатрешни работи (РСВР), имал можност темелно да се запознае со сите анализи и проценки за можниот распад на Југославија. 

„ЦИА мошне прецизно и со карти го предвиде тој распад пред смртта на Тито. Платформата на САНУ, експлицитните ставови на Фрањо Туѓман, барањата на Словенија за редефинирање на СФРЈ и поголема сомостојност на федералните единки, беа сигнали дека Југославија е на крстопат и дека се можни две сценарија - или договор за разделба или крвопролевање“, се потсетува тој на турбулентните времиња. 

На жешкото столче седнал кога Владата на Република Македонија, пред 1-ви мај 1991 година го назначила за потсекретар на Службата за јавна безбедност.

„МВР тогаш беше единствена вооружена сила, добро организирана и целосно самостојна институција. Главна и стратешка цел беше по секоја цена да се поддржи процесот за осамостојување на Македонија. Одлука за одржување на референдум донесе Собранието, но овој процес практично беше инициран од Министерството за внатрешни работи. Подготвивме проглас со кој повикувавме на востание доколку не се организира референдум. Тоа беше тешко време, кога ЈНА која имаше огромна ударна моќ и настојуваше да го спречи распадот на Југославија. Преку разговори со командниот состав и со секој припадник на МВР, обезбедивме единство, лојалност и пожртвуваност кај сите припадници на полицијата. Успеавме да обезбедиме на располагање, заедно со резервниот состав, над 18.000 вооружени припадници на МВР“, наведува Трајанов.  

Тајна операција 

Работите станале покомпликувани кога во август 1991 година добил информација дека на барање на ГШ на ЈНА, Претседателството на СФРЈ донело одлука за преземање на воената евиденција за резервистите на ЈНА од Републичкиот секретаријат за одбрана и подрачните единици, со цел процесот на мобилизација на резервните сили да се одвива непречено, но и да се спречи можно активирање на истите сили против ЈНА. 

Процесот на регрутирање Македонци во ЈНА бил сопрен од полициските служби, вели ТрајановФотографија: Getty Images/AFP/G. Bouys

„Тогаш му предложив на министерот за внатрешни работи, Јордан Мијалков, да одиме на разговор кај претседателот Глигоров, кој беше на одмор во Охрид. Во Охрид беше и Слободан Богоески, тогашен потсекретар на Службата за државна безбедност, кој ни се приклучи на разговорот. Го информирав Глигоров за одлуката на Претседателството, и му го презентирав планот како МВР да ја преземе воената евиденција преку тајна операција. Не добивме негов став. По два дена ја спроведовме најдобрата оперативна операција - ја одзедовме целокупната воена евиденција од подрачните единици на Секретаријатот за одбрана и ја сокривме на безбедни места. При преземањето на воената евиденција за резервниот состав немаше отпор, освен во Куманово и Дебар. Акцијата не беше пробиена, оперативците на СЈБ И СДБ ја завршија операцијата без каква било грешка. Во текот на ноќта, но и подоцна, командниот состав на ЈНА беше оперативно ‘покриен’ од одделите за тајно следење. Mатеријалите со камиони, теренски возила и автобуси пристигнуваа во Собранието, но од таму со претовар ги упатувавме во објекти на РСВР или во приватни куќи. Tака процесот на мобилизација на регрути беше блокиран. Првично, Глигоров и Андов беа информирани дека воената евиденција е сместена во подрумите на Собранието и дека затоа го чуваме со силни полициски сили. Во суштина, на тој начин се заштитивме доколку ЈНА подготвува план за насилно враќање на евиденцијата, затоа што знаевме дека од парламентот многу брзо ќе бидат информирани дека евиденцијата е сокриена во подрумите на Собранието. За префрлувањето на евиденцијата на други места наредниот ден усмено го информиравме Киро Глигоров, но не и Стојан Андов. Андов подоцна на новинарите им раскажуваше дека тој ја чувал евиденцијата и дека цело време седел на бомба“, вели Трајанов. 

Нема да гинат луѓе заради куп железо! 

Додека во Југославија забрзано се одвиваа процесите за „разделба" на федералните единици, главна македонска заложба остана ЈНА да не се вмеша во тие процеси. Конечно, на 21-ви февруари 1992 година македонскиот претседател Киро Глигоров и претставникот на федералната армија, генералот Благоја Аџиќ, потпишаа договор за дислокација на ЈНА од Македонија со краен рок до 15-ти април. 

„Јас и Алекса Стаменковски од Министерството за одбрана подготвивме нацрт- договор за дислокација на ЈНА од Македонија. Но, успеавме тајно да го видиме и нацртот подготвен од Сојузниот секретаријат за одбрана, каде се предвидуваше 30% од оружјето и опремата да ги отстапат на Македонија. Но, Глигоров ни рече: "Нека носат се, само да си одат". Се сеќавам дека откако се потпиша договорот, за време на ручекот Аџиќ го предупреди премиерот Никола Кљусев: „Оружјето од територијалната одбрана ви го враќаме, но ако се пука со него и загине војник на ЈНА, ти ќе ми одговараш!“ Кљусев му одговори: „Врховен командант е Киро Глигоров, а не јас“, сведочи Трајанов. 

Никола Кљусев, прв премиер на владата во независна МакедонијаФотографија: Thomas Imo/phototek/imago images

И денес во сеќавање на соработниците на Глигоров, остануваат запаметени неговите зборови: „Колку тенкови или камиони на ЈНА вреди еден човечки живот? Нема да дозволам заради куп железо да ни гинат луѓе!“ 

Сепак земјата не останала без оружје, како резултат на неколку акции реализирани пред повлекувањето на ЈНА. 

„Преку Македонци припадници на ЈНА, како и еден Хрват, организиравме „кражба“ на оружје од магацините на ЈНА, договоривме дезертација на единица со 40 тенкови, 8 борбени авиони, транспортери и други борбени возила. Беше подготвено нивно активирање доколку дојде до обид за државен удар во Македонија или вооружен судир со полициските сили. Посебно за издвојување е одземањето на оружје од магацините на ЈНА во Визбегово во 1992 година. Беа одземени над 20.000 автоматски пушки, митралези и друг вид на оружје и муниција, но и 5 топови со висок калибар. Заради безбедно одвивање на операцијата беа заробени 8 војници на ЈНА кои ги обезбедуваа магацините. Нив ги дислоциравме на безбедно место во Велес. Веќе наредниот ден јас и Богоески бевме повикани на средба кај командантот на третата армиска област, во присуство на началникот на воената безбеност (КОС) и неговиот заменик. Бараа објаснување и ослободување на војниците. Јас искажав сомнение дека тоа го направила некоја екстремна група, но и дека ќе издадам налог да се пронајдат војниците и оружјето. Војниците ги ослободивме, но оружјето го задржавме“, раскажува Трајанов. 

Обезбедување на границите

Додека ЈНА постепено ја напуштала земјата, полициски единици биле распоредени за длабинско обезбедување на границите со сите соседни држави. 

„По кусо време границите беа херметички затворени со полициски сили. Во тие драматични денови, двајца оперативци на ДЕА побараа средба со мене, при што во текот на разговорите проценив дека не се експерти за борба против наркобизнисот, туку припадници на најмоќната разузнувачка агенција на САД. Практично од тогаш се воспостави првата соработката со САД, кои станаа силен поддржувач на суверена Македонија. Со нивни претставници разработивме и конкретни планови за дејствување, вклучително и на НАТО, доколку е загрозен територијалниот интегритет на Македонија“, сведочи Трајанов. 

ЈНА целосно се повлече на 27-ми март 1992 година, кога Македонија ја напушти и нејзиниот последен војник. Паралелно, македонските војници организирани во територијална одбрана (ТО) успешно го извршија преземањето на границите и воените објекти. На 6-ти март беше преземен првиот воен објект - зградата на Републичкиот и Градскиот штаб на ТО во Скопје, на 11-ти март и првата караула „Рамна нива“ на македонско - бугарската граница, а на 26 -ти март и последниот, но и најголем воен објект - сегашната касарна „Илинден“. На 14-ти април во касарната во Охрид пристигна првиот македонски регрут - Панче Јамадиев од Велес, а следниот ден во касарните во Скопје, Битола, Штип и во Охрид веќе беше примена првата генерација млади војници во АРМ, со што и почна формирањето на вооружените сили на Република Македонија.  

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми