1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Трајковски не бил единствен цариник во посета на Груевски?

24 декември 2018

Извори од опозицијата тврдат дека и лицето кое е снимено како седи до Груевски во ресторан во Будимпешта, исто така било вработено во Царинската Управа на Македонија.

Mazedonien - Wahlkampf: Führer der Oppositionspartei VMRO-DPMNE Nikola Gruevski
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Александар Трајковски, кој неодамна беше фотографиран во Будимпешта во друштво на Никола Груевски, најверојатно не бил единствениот вработен од Царинската Управа на Македонија, што бил на средба со поранешниот премиер кој минатиот месец доби азил во Унгарија.

Истиот ден кога Трајковски авионски заминал за Будимпешта, според неофицијални информации, кон истата дестинација со возило од Скопје тргнале уште две лица. Како што велат извори од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за нив е познат идентитетот на едниот кој во полупрофил е снимен на 12-ти декември од унгарската „24“, кој разговара и седи непосредно до Груевски во ресторан во Будимпешта. Велат дека на снимката е лице од Скопје, исто така вработено во Царинската Управа на Македонија. Според нашите соговорници, тој бил член на ВМРО-ДПМНЕ, но, не бил познат за пошироката јавност. Според нив, условно речено, „попознат“ бил неговиот брат, чие име испливало на површина по објавување на некои од опозициските „бомби“, во кои низ разговор Јанкулоска го открива нејзино незадоволство од „учество на вагабонти од МВР во изборно 'средување' на состојбите во Охрид“.

Фотографија: Hungarian Democratic Coalition

Логистичка шема?

Нашите соговорници велат дека немаат информации кое е лицето што го придружувало овој цариник, но сметаат дека „некој во партијата сигурно знае“, алудирајќи дека посетата сигурно не е случајна, а веројатно ни изборот на лица кои заминуваат на средби со Груевски во Будимпешта.

Повеќе на темата:

-Груевски се шета или влече потези од Будимпешта?

-Груевски во Будимпешта: Шета, џогира и бара апартман

-Орбан му помага на Груевски од три причини

Разработена ли е шема за логистичка поддршка на Груевски, со лица кои не се на функции и се помалку познати за пошироката јавност, со цел помалку забележливо да ги остваруваат посетите на Груевски, да разнесуваат пораки и други нешта?

Поради деновите од викендот, надлежните во МВР и во Царинската Управа не беа достапни за потврда или демант на ваквите наводи, поради што, ДВ нема да го објави идентитетот на цариникот кој го посочија негови сопратијци.

Истиот ден (12.12) кога беше објавена снимката од Груевски и неговото друштво во ресторанот во Будимпешта, од Јавното обвинителство најавија дека во наредните две недели ќе излезат со информации за резултатите од предистражната постапка за начинот на кој Груевски ја напуштил земјата. До денес такви информации се уште не се објавени.

БудимпештаФотографија: Reuters/B. Szabo

На преглед за синусите

Царинската управа на Република Македонија веќе отвори истрага за отсуството од работа на Александар Трајковски, кој додека користел боледување беше фотографиран во Будимпешта во друштво со Груевски. Од Царината соопштија дека инспектори од Секторот за професионална одговорност од Трајковски побарале изјава за отсуството. Тој доставил Извештај за привремена спреченост за работа, поврзан со неговото отсуство. Исто така, отворена е истрага и побарани се докази и извештаи од Фондот за здравствено осигурување.

„Истрагата е поврзана со почитувањата на правилата за ред и дисциплина на Царинската управа, Законот за работни односи (член 81) и Колективниот договор. За текот на истрагата и резултатите од можна злоупотреба на отсуството согласно актите на Царинската управа и законските прописи, медиумите ќе бидат навремено информирани“, беше наведено во соопштението минатата недела.

Александар Трајковски, кој е советник на ВМРО-ДПМНЕ во општина Гази Баба, на минатонеделното рочиште за предметот „Насилство во Центар“, во кој е еден од обвинетите, рече дека бил во Унгарија поради специјалистички преглед за синусите и дишните патишта, за што приложил и медицинска документација.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми