1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Viktor Bout in den USA angeklagt

12 октомври 2011

Во Њујорк почна судскиот процес против еден од најголемите нелегални трговци со оружје во светот, Русинот Виктор Бут. Тој беше уапсен во 2008 во Тајланд и екстрадиран во САД во 2010. Кој е „трговецот со смрт“?

Виктор Бут при пристигнувањето во САД во 2010 годинаФотографија: picture alliance/dpa

Американската администрација го смета Виктор Бут за еден од најголемите трговци со оружје во светот и го товари дека склучувал зделки дури и со Ал Каеда и со талибанците. Обвинителниот акт се концентрира меѓутоа поконкретно на зделката на Бут со колумбиската терористичка организација ФАРК, на која тој сакал да и’ продаде ракети за против-воздушна одбрана. Притоа, влетал во замка на американски иследници, по што бил издаден налог за негово апсење.

Непознато место на раѓање

Виктор Анатољевич Бут е роден најверојатно во Таџикистан, во градот Душанбе, иако постои и информација дека се родил во градот Ашгабад, во Туркменистан. Во секој случај, тој потекнува од руски родители и студирал на Воената академија во Москва. Потоа служел до 1991 година во една воздухопловна единица на руската армија, од кои две години бил во Мозамбик, каде во тоа време владееше граѓанска војна. Таквата биографија му овозможила да воспостави одлични контакти како со воената индустрија на поранешниот Советски Сојуз, така и со кризните региони во Африка. Подоцна успева да го прошири бизнисот со оружје во повеќе африкански земји како Ангола, Сиера Леоне и Конго. Дали притоа ја уживал и закрилата на руската тајна служба КГБ, останува спорно. Во секој случај, официјална Москва долго протестираше против неговото апсење и посебно против екстрадицијата во САД.

Тајландските власти по две години натегање сепак го испорачаа Виктор БутФотографија: AP

Поволни историски околности

Кариерата на Виктор Бут се должи на историските околности, кои ги карактеризираше распадот на источниот воен блок и на Советскиот Сојуз кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години од 20-тиот век. „На крајот на студената војна државите од Источниот блок ги префрлија инфраструктурните врски во рацете на приватни трговци со оружје, кои со тек на време станаа вистински воени претприемачи“, објаснува Кати Остин, директорка на „Проектот за свест за конфликтите“. Таа со години ја следеше кариерата на Бут и има голем број информации за неговата и слични безнис-империи, кои произлегле од поранешниот Источен блок.

Виктор Бут пред суд во БангкокФотографија: APImages

Фирма за продажба на „цвеќе“

Формално неговото мало претпријатие на почетокот се занимавало со трговија со цвеќе од Јужна Африка, но наскоро на располагање му стоела цела мрежа тајни помошници, кои со флота на стари руски авиони од типот „Антонов“ пренесувала оружје во многу кризни региони ширум Земјината топка. Меѓу неговите муштерии, на пример, бил и поранешниот претседател на Авганистан, Бурханудин Рабани, кој неодамна беше убиен во самоубиствен атентат на талибанците. Американската администрација меѓутоа го обвинува дека правел здлеки и со терористички организации, како колумбиската ФАРК. Крунски сведок во процесот треба да биде поранешен бизнис партнер на Бут и еден пилот, кој учествувал во транспортот на оружје за Африка. Бут, кој веќе една година седи во истражен затвор во САД, во меѓувреме признава дека се занимавал со трговија со оружје и радо нагласува дека правел зделки и со Пентагон, на пример за време на ирачката војна.

Автор: Даниел Шешкевиц / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми