1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трговијата со дрога - закана за членство на Албанија во ЕУ

Марина Штраус
4 октомври 2021

Албанија се стреми да стане дел од ЕУ. Но нелегалното одгледување на канабис, мрежи за трговија со дрога, особено кокаин, како и раширената корупција ги минираат шансите на земјата.

Drogen Drogenschmuggel Albanien
Фотографија: Hektor Pustina/AP Photo/picture alliance

Јавниот обвинител Алтин Думани знае дека има многу работа. Неговата канцеларија во главниот град на Албанија е натрупана со купишта документи. Сето тоа се случаи за организиран криминал, особено за трговија со дрога и корупција – проблеми кои со децении ги осакатија малите земји од Југоисточна Европа, вели Думани за ДВ.

Тој има 46 години и е заменик шеф на релативно новото албанско Специјално антикорупциско тело (СПАК) – независно судско тело формирано кон крајот на 2019. Основањето на ваква агенција е еден од предусловите кои ЕУ ѝ ги постави на Албанија за почеток на преговори за членство.

Многу Албанци дилери се „доста активни“ во подземјето во ЕУ. Думани вели дека неговите колеги ја интензивирале соработката со соодветните служби во Италија, Германија и други земји од Унијата поради „важноста на борбата против организираниот криминал“. Тој вели дека она што до сега го направила неговата агенција веќе се покажало како успешно. СПАК на пример конфискуваше огромна количина наркотици во Италија и Албанија.

Алтин Думани, раководител на СПАКФотографија: Adriaan De Loore/DW

„Вмешаност на државата“

Албанија, земја со околу 3 милиони жители, подолго време е неславно позната како една од земјите во кои нелегално се одгледува канабис. Според извештајот на ОН за дроги од 2021 година, во периодот од 2015. до 2019. Албанија е шестиот најголем снабдувач со канабис во светот, а најголем во Европа.

Фатона Мејдини, како координатор за Балканот на невладината Глобална иницијатива против транснационален организиран криминал, активно го следи ова прашање. Таа за ДВ вели дека проблемот со дрогата има свои корени во 1991. кога Албанија од изолирана комунистичка диктатура премина директно во капитализам. „Тоа беа тешки времиња за сите. Многу луѓе кои ги загубија државните работни места се свртеа кон одгледување канабис за да си ги прехранат семејствата,“ вели Мајдини.

Со години владата се преправаше дека не гледа што се случува со овој бизнис. „Имаше и  случаи во кои државните структури соработуваа со луѓе кои одгледуваат канабис“, вели Мејдини и додава „Тогаш станува опасно.“  

Криминалните групи станаа повлијателни. Во последниве 10 до 15 години исто така има нов развој – во бизнисот на трговија со дрога влезе и кокаинот. Веќе етаблираните мрежи за трговија со дрога и рутите низ Европа беа одлична стартна позиција. „Тие си ја имаат инфраструктурата. Сега само додадоа нешто со кое може да се збогатат уште побрзо,“ вели Мејдини.

Војна против дрогата?

По доаѓањето на власт во 2013. година, социјалистичката влада на премиерот Еди Рама објави војна против дрогата, обидувајќи се да го исполни предизборното ветување. Албанската полиција на Јутјуб канал објавува видеа од операции против производители на канабис и шверцери со кокаин. Но, и покрај намалувањето на насадите со канабис во земјата, дрогата останува голем горлив проблем. Според истражувачки новинарски стории и извештаите на Мејдини, државни структури помагаат во трговијата со дрога. Водечки политичари постојано се обвинувани за вмешаност во овој бизнис.

Има и друг проблем со кој се отежнува успешното справување во „војната против дрогата“. И покрај тоа што Албанија напредна економски во последниве децении, се уште голем број млади луѓе заминуваат од земјата во потрага по подобар живот и можности во странство. Оние кои остануваат, понекогаш е тешко да им одолеат на брзо заработените пари кои доаѓаат со тргување со дрога. Особено во места како Фуша-Кроја, познато место за одгледување канабис северно од Тирана.

Таму го сретнавме Ралди, 26- годишен автомеханичар кој побара да не му го споделиме целото име. На 22 години животот целосно му се променил кога бил уапсен за продажба на наркотици. Ралди за ДВ вели дека тој всушност самиот конзумирал канабис, а никогаш не бил дилер. Додава и дека негови пријатели кои тргувале со дрога го правеле тоа оти немале друго што да работат. Нема работа, нема иднина. Ралди сега работи 14 часа дневно и заработува околу 500 евра месечно.

Напорите на Албанија за влез во ЕУ

Мејдини вели дека владата не се труди доволно за да им помогне на младите луѓе како Ралди. Како и многу други, надежите таа ги полага во ЕУ. Според анкетите, речиси 100% од Албанците сакаат да бидат дел од унијата на 27 држави. А, политичките лидери во земјата се сѐ понетрпеливи бидејќи сметаат дека тие го испорачале бараното исполнувајќи ги сите критериуми за отпочнување на претпристапни преговори. 

Фатона Мејдини, координатор за Балканот на невладината Глобална иницијатива против транснационален организиран криминалФотографија: Adriaan De Loore/DW

Зеф Мази, главниот преговарач со ЕУ, за ДВ рече дека криумчарењето дроги не е само национално прашање. „Транспортот на канабис или други дроги е меѓународен проблем”, изјави тој. Мази е во постојсн контакт со европските лидери и рече дека на пример Ангела Меркел и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во повеќе наврати истакнале дека Албанија е подготвена да ги отпочне преговорите.  

Де факто сите членки на ЕУ го одобрија отпочнувањето преговори со Албанија. Едунствената причина што тоа уште не се случило нема никаква врска со Албанија. Бугарија ја блокира Северна Македонија поради конфликт околу јазичното прашање. Двете земји ЕУ ги третира како пакет, па затоа и преговорите со Албанија се заглавени.

#dw_BalkanBooster: Младите сакаат да си заминат од Албанија

02:14

This browser does not support the video element.

И покрај овие факти некои земји како Холандија и Франција се екстремно критички настроени кон натамошно проширување на Унијата. Една од нив е генерално негативниот став по Брегзитот. Но, исто така растат и фрустрациите поради повредите на начелото за правна држава во Централна и Источна Европа. Се стравува дека ако се примат земји како Албанија во кои корупцијата и трговијата со дрога се широко распространети, тоа би предизвикало уште повеќе проблеми во ЕУ. 

Алтин Думани вели дека тој и неговиот тим даваат сѐ од себе за да се справат со ваквите проблеми. 41% од анкетираните од страна на телевизијата Еуроњус Албанија велат дека имаат доверба во СПАК. “Сѐ уште не сме задоволни со постигнатото”, вели Думани и додава дека тоа е сепак релативно нова Агенција и дека е потребно уште малку време за да се етаблира и да покаже уште подобри резултати. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми