1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трговски тензии меѓу Белград и Приштина

2 јули 2011

И покрај војната (1998-1999 година) и исклучително затегнатите политички односи, Србија и Косово останаа блиски партнери во економската област. Но, сега и таму се закануваат проблеми - трговската размена опаѓа.

Косовски производ наменет за германскиот пазарФотографија: Beqiraj

Косово е земја-увозник: минатата година таа увезе стоки во вредност од речиси две милијарди евра, додека извозот изнесуваше само околу 114 милиони евра. Главно се увезуваат енергенси, прехранбени производи, машини, како и хемиски производи. Според податоци на Државниот завод за статистика во Приштина, најголемиот дел од увезените производи доаѓаат од Србија, вкупно 16 проценти. Потоа следуваат Македонија со 13,7 проценти и Германија со 10,3 проценти. Четвртото и петтото место го заземаат Турција и Кина. Од друга страна, Косово најмногу извезува во Италија, потоа следуваат Македонија, Албанија и Германија.

Од Србија се импортираат пред се` жито и пченка. На тој начин Белград ја одредува цената на лебот во Косово, вели Лумир Абиџику, раководител на Институтот за економски истражувања и развој „Реинвест.“ Од тие причини цената на лебот минатата година се зголеми за триесет проценти, вели експертот.

Од прогласувањето на косовската независност пред три години, во Србија официјално веќе не можат да се најдат косовски производи. Не бидејќи нема потреба од нив, туку затоа што Белград го забрани увозот на стоки на кои стои печатот „Република Косово.“ Истото важи и за Босна и Херцеговина, која исто така не ја признава косовската независност. Тоа наскоро би можело да доведе до последици во трговските односи меѓу тие земји.

„Косово треба да покаже дека е држава“

Косово повеќе увезува, отколку што извезуваФотографија: Beqiraj

Во мај годинава, косовската влада одлучи од средината на јуни да преземе чекори против забраната за увоз. Сите стоки, кои се увезуваат од Србија и Босна и Херцеговина, треба да се оданочуваат со најмалку десет проценти, иако сите три земји ја имаат потпишано Спогодбата за слободна трговска размена во Централна Европа (ЦЕФТА). Сепак, Приштина беше замолена од меѓународните претставници да ја одложи таквата одлука до следната рунда преговори меѓу Белград и Приштина, што денеска (2. јули) се одржува во Брисел, истакнува косовската министерка за трговија и индустрија Мимоза Кусари-Лила.

Косовските бизнисмени ја поддржуваат одлуката на владата. Косово треба да се брани, вели претседателот на Стопанската комора, Сафет Герџалиу. „Мораме да покажеме дека сме држава“, додава тој. Се` погласни се и барањата до косовската влада за целосна забрана за увоз на српските производи, доколку пропаднат преговорите во Брисел. Косоварите се надеваат дека Белград ќе попушти и ќе го признае печатот на Република Косово. Со тоа би се отворила вратата за косовските производи на српскиот пазар.

Српската влада, пак, и натаму гледа на Косово како дел од својот внатрешен пазар и нагласува дека никогаш нема да ја признае неговата независност. Потпишување договор со Приштина не доаѓа предвид за Белград, бидејќи „не се работи за официјално призната држава“ - тоа е официјалниот став на Србија. Сепак, Белград е заинтересиран за успешен дијалог со Приштина, бидејќи се надева дека до крајот на годината ќе ги почне пристапните преговори со ЕУ. Притоа, нормализирање на односите меѓу државите од Западниот Балкан е еден од најважните предуслови за членство во Унијата.

Автор: Бахри Цани/Трајче Тосев

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми