Германија е загрижена за економската стабилност на Турција, но недоволно за да понуди финансиска помош. Но германската поддршка може да биде средство за да се спречи Ердоган да ѝ го заврти грбот на ЕУ, смета Седа Сердар.
Реклама
Германската канцеларка Ангела Меркел ја отфрли изјавата на лидерката на Социјалдемократската партија на Германија, Андреа Налес, за можна германска финансиска помош за Турција. Без оглед на тоа, клучно е Турција да остане закотвена за Западот и Германија би можела да игра водечка улога во тоа.
Последните ослободувања на германската државјанка и новинарка Мешале Толу и заштитникот на човековите права Танер Килиџ се сигнали дека Турција е подготвена за нормализација на односите со Германија и со Европската унија. Ова, меѓутоа, се бебешки чекори. Турската влада би требало да направи сериозни промени, како економски, така и политички, доколку сака да добие каква било значајна помош од Германија. На пример, би морала да ја осигура независноста на турската централна банка, да докаже дека Турција е подготвена да го врати владеењето на правото и да создаде простор за слободни и независни медиуми.
За да преземе такви чекори, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган мора да биде подготвен да се откаже од значителен дел од моќта која ја приграби на претседателските избори во јуни. Зашто, целта на Ердоган е да ја среди економијата по секоја цена, а сѐ полошата ситуација на домашната економија би можела да изврши притисок врз него.
Меѓутоа, Ердоган исто така би можел да се заврти кон Русија или Кина, а уште една опција е и Катар. Анкара и Доха имаат исти ставови за многу прашања, а Катар веќе објави дека има намера да инвестира 13 милиони евра во Турција во форма на економски проекти и депозити.
Зацврстување на односите
ЕУ, а особено Германија, не смеат да дозволат Турција да се оддалечи од западните вредности, ниту пак да потоне во нестабилност. Тоа не е од полза за никого поради повеќе причини.
Прво, Турција ја има втората по бројност армија во НАТО. Таа е стратешки важна и со својата воздухопловна база Инџирлик игра клучна улога во борбата против таканаречената Исламска држава во Сирија и во Ирак.
Покрај тоа, Турција е тампон-зона меѓу Европа и Блискиот Исток, и нестабилна Турција би можела да предизвика нов миграциски бран. ЕУ и Турција постигнаа договор за бегалците во 2016 година со кој требаше да се запре приливот на мигранти преку Балканската рута на територијата на Унијата.
И конечно, економските врски меѓу Турција и Германија се значителни. Повеќе од 7000 германски фирми работат во Турција, така што и на Берлин и на Анкара им е во интерес да спречат германските инвестиции да избегаат од земјата.
Се разбира, целта на Германија не треба да биде зајакнување на авторитарниот режим преку обезбедување финансиска помош. Но доближувањето на Турција до западните вредности и упатувањето порака до оние Турци кои веруваат во демократијата дека не се напуштени треба да биде важно за германската влада.
Претстојната посета на Ердоган на Берлин би можела да биде важен чекор во унапредувањето на германско-турските односи и во доближувањето на Турција кон Европа.
Патот на Турција кон авторитарност
Преминот на Турција кон авторитарност е во тек веќе 10 години. Но, по неуспешниот воен пуч во 2016 година, претседателот Ердоган и АКП ја забрзаа консолидацијата на власта.
Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Weiken
Јули 2007: Абдула Ѓул станува прв исламистички претседател
По повеќегодишни реформи на пазарната економија, транзицијата на Турција полека почнува да оди наназад. Кандидатурата на исламистот Абдула Ѓул за претседател во 2007 сигнализира напуштање на секуларистичката политика и ги затегнува односите меѓу АКП и армијата. Сепак, со широка поддршка на исламистите и либералите, Ѓул е избран за претседател, а АКП победува на парламентарните избори.
Фотографија: A.Kisbenede/AFP/GettyImages
Септември 2010: Уставни реформи
Тогашниот премиер Реџеп Таип Ердоган предлага уставни измени за зголемена контрола над правосудството и армијата, овозможувајќи и на владата да бира судии и високи воени офицери. Амандманот, комбиниран со мерки за заштита на децата и засилување на правото на жалба, е одобрен со големо мнозинство на референдум.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Tumer
Мај 2013: Ерупција на незадоволство во Гези Парк
Насобраниот гнев на младите луѓе кон Ердоган, Ѓул и исламистичката АКП достигнува точка на вриење во мај 2013. Насилното полициско расчистување на мал собир за заштита на Гези Парк предизвикува масовни анти-владини протести. Најмалку 11 луѓе загинаа, а повеќе од 8.000 се повредени, пред демонстрациите да згаснат еден месец подоцна.
Фотографија: picture-alliance/abaca
Јули 2015: Офанзива против Курдите
Нестабилното примирје меѓу турската влада и курдската бунтовничка ПКК се распаѓа поради тензиите кои ги создава војната во Сирија. Воените сили ги продолжуваат операциите во југоисточниот дел на Турција против Курдите. На почетокот на 2016, групација на ПКК ја презема одговорноста за два бомбашки напади во Анкара во кои гинат речиси 80 луѓе.
Фотографија: picture-alliance/abaca/M. Coban
Јули 2016: Неуспешен воен пуч
Воен удар против владата до темел ја потресува Турција и накусо ја претвора земјата во воена зона. Околу 260 цивили ги загубија животите во ноќните судири со армијата во пет големи градови. Ердоган ги повикува своите поддржувачи на отпор, и веќе следното утро војници се во заседа на илјадници цивили на мостот Босфор, каде и се предаваат.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T.Bozoglu
Јули 2016: Ердоган воведува вонредна состојба
По неуспехот на пучот, Ердоган воведува вонредна состојба. Се апсат десетици илјади луѓе осомничени за учество во пучот, но и политички противници. Меѓу уапсените се воени и судски функционери и избрани претставници на про-курдската ХДП партија. Чистчката подоцна опфаќа и јавни службеници, универзитетски професори и учители.
Фотографија: Reuters/U. Bektas
2016: Задушување на медиумите
Како дел од пресметката на Ердоган со наводните „поддржувачи на тероризмот“, Турција станува една од водечките земји во светот по бројот на уапсени новинари.Владата затвора околу 110 медиуми по пучот и затвора повеќе од 100 новинари, меѓу нив и Германецот со турско потекло Денис Јуџел.
Фотографија: Getty Images/S.Gallup
Април 2017: Ердоган победува на референдум
Ердоган тесно успева да победи на референдумот на кој се гласа за проширување на неговата моќ. Турскиот парламентарен систем практично се напушта во корист на силна егзекутивна власт. Ердоган добива можност да владее до 2029 година. Меѓународните набљудувачи велат дека на гласањето имало неправилности, а медиумската кампања во целост била во корист на кампањата на Ердоган.
Фотографија: Reuters/M. Sezer
Јуни 2018: Нова изборна победа на Ердоган
Ердоган си обезбедува нов петгодишен мандат и огромни извршни надлежности откако убедливо победува на изборите на 24 јуни. Неговата АКП и нивните националистички партнери добиваат убедливо мнозинство во парламентот. Меѓународните набљудувачи го критикуваат гласањето, со оценка дека медиумското покривање и вонредната состојба му дале огромна предност на Ердоган.