1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Тренд - погребување на диви гробишта по пониски цени

1 мај 2018

Погребувањето отсекогаш било „сигурна работа“, а откако статистиките покажуваат дека во Србија повеќе луѓе умираат отколку што се раѓаат, станува и „вносна работа“. Притоа често не се почитуваат ни законите.

Serbien illegale Friedhöfe | Nis
Фотографија: DW/J. Djukic Pejic

Некогаш хектари овоштарници, а денес - само парче овоштарник околу неколку хектари со гробови во една нишка населба. Ниш нема само едни, туку шест диви гробишта! Притоа, не постои ни евиденција кој и кога е тука погребан. Согласно Законот за погребување и гробишта, локалните самоуправи одредуваат на кое земјиште ќе има простор наменет за погребување, како и кој ќе се грижи за него, но тоа важи само на хартија. Нишкото претпријатие „Горица“ се грижи за три гробишта, а останатите диви гробишта постојано растат.

„Овој проблем датира уште од пред повеќе децении“, вели в.д. директорот на „Горица“, Игор Новаковиќ. „На почеток тоа беа селски гробишта, неколкумина домаќини ќе се собереа и даваа свои парцели за погребување на селаните. Сега тука се погребуваат и луѓе од други делови на градот.“

Игор Новаковиќ, директор на претпријатието „Горица“Фотографија: DW/J. Djukic Pejic

Разлика во цената

До податоци за парцелите на дивите гробишта тешко се стигнува. Тие се продаваат преку посредници, најчесто преку цвеќарите покрај гробиштата, кои даваат телефонски броеви за информации. На нив се јавуваат посредници, а не сопствениците. Сепак, дознавме дека гробно место на такви гробишта за двогроб чини од 350 до 600 ера. Има и поскапи, во близина на црквата. Во цената спаѓа погреб, ископ и градежни работи околу гробницата. 

Од друга страна, најевтина парцела за двогроб на официјалните нишки гробишта чини околу 480, а најскапа - околу 2.500 евра. Во цената, покрај погреб, ископ и градежни работи околу гробницата, е пресметан и десетгодишен закуп на парцелата.

Разликата во цената е еден од факторите поради кои граѓаните се решаваат своите блиски да ги погребаат на гробишта кои не се во надлежност на јавното градско претпријатие. Битен фактор е и близината, зашто едните регуларни градски гробишта се на периферијата, а две во Нишка бања.

Проблемот не е вчерашенФотографија: DW/J. Djukic Pejic

Парцели на нива

„Не ни разгледувавме други опции, имавме малку време за рзмислување“, ги објаснува своите причини за купување гробница на диви гробишта Иван Петровиќ. „Не сум сигурен во регуларноста, но никој не прави проблем, плаќаш 500 евра за две гробни места, па добиваш гробови, така да се каже, во нива. Човекот кој ја продава својата нива по принцип парцела по парцела, живее од денес за утре, парите му се добредојдени, дури ти дава и некаква признаница“. 

Сопственик на гробно место со признаница, во катастар таква опција не постои. Со оглед што за таа намена е потребно земјиште од само девет квадратни метри, во катастар нема можност за пренос на правото на сопственост. Парцела по парцела, сопствениците на ниви и лозја на овој начин заработуваат дури и 25 пати повеќе отколку да го продаваат земјиштето во парче, со оглед што еден ар земјоделско замјиште во овие делови чини околу 260 евра, а во еден ар може да се сместат единаесет дупли гробници.

Луѓето со кои разговаравме не стравуваат од проблеми поради сопственоста, се сомневаат дека некој некогаш ќе посегне по гробови, без оглед што единствен доказ дека некој е погребан тука е испишана хартија од парагон-блок и евентуално потоа подигнат споменик.

Пријава против непознат сторител

Сепак, со дивите гробишта се кршат неколку закони, поради што директорот на „Горица“, Игор Новаковиќ поднесол кривични пријави во судот против непознати сторители. „Луѓето кои продаваат парчиња земјиште од девет квадрати и не плаќаат данок ги оштетуваат буџетите на градот и на државата, вршат повеќе прекршоци и кривични дела.“ Според него, лесно е да се утврди кој продава земјиште за таа намена.

„Управата за планирање ги идентификуваше катастарските парцели на кои се наоѓаат овие гробишта. Бидејќи не се наменети за тоа, тие не се ниту уредени, ниту некој води грижа за нив, отсуствуваат основни комунални услови задолжителни за гробишта, нема капела. Статистиката вели дека годишно во Ниш умираат околу 3.000 луѓе, а кај нас се погребуваат до 1.600. Јасно ви е тогаш колкава е загубата за градската каса“, вели Новаковиќ.

Сметката вели дека претпријатието и градот губат годишно околу 80 милиони динари. Новаковиќ бара надлежност на „Горица“ и врз останатите гробишта никнати на територијата на Ниш, но досега нема реакција од градот, тој се надева дека судот ќе утврди чија е кривичната одговорност, за што се пропишани и големи парични казни.

Новаковиќ вели дека на градските гробишта има места за уште две години експлоатација, а во деталниот урбанистички план на една градска општина, во планската документација е одреден двојно поголем зафат на земјиште за експропијација за таа намена во однос на сегашните гробишта. Тоа, според него, би било доволно за наредните 10 до 15 години. 

Важно гробиштата да се блиску до храмФотографија: DW/J. Djukic Pejic

Важно да е блиску до црквата

Но, засега граѓаните не ги интересира дали се гробиштата легални или не. Освен да платат помалку пари, важно им е во близина да има и црква, заради погребување во традиционалниот дух на православието. Тоа ѝ е важно и на црквата, вели парохот на Соборната црква во Ниш, отец Бранко.

„Според длабокото верување на црквата, последна станица на нашиот живот се гробиштата. Тоа е биолошката станица каде остануваат да се чуваат човечките тела, додека веруваме дека човекот е бесмртно битие и ќе воскресне. Затоа гробиштата се наоѓаат кај најсвети места, а тоа се храмовите. Денес во сите села гробиштата се тесно поврзани со цркви. За нас е единствено важно местата каде се погребуваат луѓето да бидат свети, а целата останата организација е препуштена на градот. Секогаш се трудиме покрај гробиштата да има храмови, зашто во храмот со крштевањето човек се раѓа, а придружуван од ѕвоно и опело, си заминува,“ вели отец Бранко. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми