1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трета серија разговори меѓу Камчев и Јовановски

БГ
10 август 2019

Италијанскиот весник Ла Верита објави и трета серија разговори меѓу осомничениот во случајот Рекет, Бојан Јовановски и сведокот-жртва Јордан Камчев. Во нив, тие лицитираат со имиња на политичари и обвинители

Screenshot von  der italianischen Zeitung La Verita über das Skandal in Nordmazedonien
Фотографија: La Verita

Серијата нови разговори меѓу Камчев и Јовановски во најголем дел се однесуваат на обидите да му се врати пасошот на Камчев, но и да се најде начин да се затвори случајот „Империја“ во кој, тој, е еден од обвинетите, заедно со Сашо Мијалков, Цветан Панделески и други. Италијанскиот весник Ла Верита, овојпат објавува една подолга серија разговори во траење од 27 минути. 
Според првиот разговор објавен денеска меѓу Камчев и Јовановски произлегува дека нивните контакти траеле уште во периодот додека Камчев бил во притвор, а комуникацијата се одвивала преку неговата сопруга Ана и преку извесен „Дејан“ кој се споменува, а според преводот на транскриптот на англиски јазик, наводно се работи за Дејан Панделески. 
„Заради тебе излегоа и други“, му порачува Јовановски на Камчев, објаснувајќи му колку било тешко „да се изменаџира“ неговото излегување од притвор. Јовановски му ветува дека во првата фаза ќе му биде вратен пасошот на Камчев, а одмрзнување на имотот и уделите ќе следува по „спогодбата“. Тука веројатно се мисли на спогодбата за која вчера зборуваше обвинителката Лиле Стефанова, а која, според неа, обвинителката Катица Јанева планирала да ја постигне со обвинетите во случајот „Империја“. 
Камчев и Јовановски во повеќе наврати ги споменуваат имињата на: „Катица“, „ЗЗ“, „Зоки“ и други во различен контекст. Во еден момент Боки 13 му кажува на Камчев дека следниот ден ќе се види со „ЗЗ“ и верува дека тој нема да се меша во случајот односно дека „нема да прави проблеми“. 
Глас кој наликува на оној на Јанева повторно се појавува во снимките исто како и во вчерашните. Во една снимка, Јовановски и објаснува на Јанева како оди постапката за враќање на пасошот на Камчев во судот, по што додава: „Тој (мислејќи на Камчев) се плаши од Лиле (обвинителката Стефанова)“. На тоа, гласот на Јанева му одговара: „Јас сум многу ангажирана, затоа не ја држам под контрола, инаку без мене таа не може ништо“. 
„Му кажав јас дека таа е под тебе, и дека не смее ништо да направи“, додава Боки 13. 
Јанева се појавува и во следната снимка. На неа, Камчев телефонски го повикува Јовановски кој е заедно со Јанева и разговараат на интерфон. Камчев прашува зошто е испратена покана до уште 8 лица (за случајот Империја), а Јовановски, цитирајќи ја Јанева чиј глас исто така се слуша во позадина, му објаснува дека „тоа не е ништо“. Двајцата го смируваат Камчев дека „тоа е подобро заради постапката, за на крај да биде силна спогодбата“. 
„За малку активности да има во април“, додава Јанева. 
„Шминка, шминка“, заклучува Камчев. 
Камчев во еден момент му објаснува на Јовановски дека испратил порака и „Бугарите веќе да не се мешаат“. Според контекстот на разговорот, такво мешање веројатно имало додека Камчев бил во притвор, а Јовановски и испратил порака на Ана, сопругата на Камчев, тоа повеќе да не го прават. 
„Добро, тие се обидоа нешто, пријатели сме, пријател треба да проба, ама сега знаеме кој клуч ја отвора вратата“, вели Камчев. 
Камчев, кој поседува и бугарско државјанство, беше номиниран за почесен бугарски конзул во Македонија од страна на официјална Софија во април 2018 година. Македонските власти го одбија барањето. 
Бугарските власти досега тврдеа дека не биле контактирани за случајот од страна на Камчев, ниту му пружале помош. 
Се разговара и за парите од „Бетон-Штип“, за изградбата на проектот „Панорама“ на Водно во Скопје, за Сашо Мијалков, за извесен Жарко, инаку кум на Камчев, кој успеал благодарение на Јовановски „преку СЈ и ЗЗ“ да заврши голема работа. 
Јовановски му кажува на Камчев дека имал можност да слуша и некои „прислушувани разговори“ и дека во нив „тој бил добар“.  
Комплетната трета серија разговори можете да ја слушнете на Јутјуб. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми