1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Трет ентитет во БиХ“ засега не е политичко прашање во Хрватска

Синиша Богдановиќ / Симе Недевски26 февруари 2014

Хрватските медиуми, по избувнувањето на протестите во БиХ, спорадично се занимаваат со прашањето за оправданоста на основање трет (хрватски) ентитет во соседната земја. Официјален Загреб засега не го поддржува тоа.

Фотографија: DW

Многумина очекуваа дека протестите во БиХ ќе се прелеат и во Хрватска, но тоа не се случи. Демонстрациите во соседната земја имаа одек во Хрватска само преку неуспешните обиди за организирање на „случување на народот“, но и преку бесконечните анализи за тоа дали хрватскиот премиер Милановиќ го распламтeл национализмот во БиХ кога во екот на безредијата го посети Мостар, а го заобиколи Сараево. Медиумите срамежливо и многу претпазливо ја отворија темата за таканаречениот трет (хрватски) ентитет во БиХ, но се чини дека ова сепак не е тема со која Хрватска во блиска иднина активно ќе се занимава. Политичките експерти оценуваат дека хрватската политика не се завртела кон идејата за основање на трет ентитет, а засега ниту една од релевантните политички опции во земјата не покажала интерес за прекројување на соседната држава.

МостарФотографија: DW

Посетата на Милановиќ на Мостар преценета

Доаѓањето на хрватскиот премиер во Мостар, при што го заобиколи Сараево, во Хрватска сепак не предизвика значајни полемики околу преуредување на БиХ. Станува збор за невнимателност, па дури и маркетиншки потег, кој, судејќи според сѐ, нема да ги влоши односите меѓу конститутивните народи во соседната земја, смета шефот на одделот за комуникологија на универзитетот во Дубровник и гостински професор на факултетот за филозофија во Мостар, Ѓорѓе Обрадовиќ. Тој наведува дека таа посета не е толку важна за да ги влоши меѓунационалните односи кои се засноваат на латентна недоверба, иако сите истакнуваат дека целта им е просперитет, но секој поинаку гледа на тој просперитет. Обрадовиќ тврди дека посетата на Милановиќ на Мостар била наменета за јавноста во Хрватска, со цел пред европските и парламентарните избори да добие поени кај делот од избирачите кој не му е наклонет, во што и успеал.

Колумнистката на порталот Политика плус, Илијана Гргиќ, која е родена во Дервента во БиХ, а во 1992. година пребегала во Загреб, каде живее до денес, наведува дека Милановиќ во ситуација на распламтување на бунтот во БиХ нема друга можност освен да замине во Мостар. „Тој има уставна обврска да ги заштитува правата на Хрватите во БиХ. Тоа беше добра одлука. Мостар е поделен град, а протестите лесно можеа да прераснат во меѓунационален судир“, вели Ѓргиќ. Според неа, сето тоа не е нешто што би требало да предизвика отпор и страв во Сараево дека Загреб сака да ја прекројува БиХ.

Хрватскиот премиер Зоран МилановиќФотографија: picture-alliance/dpa

Хрватските граѓани се незаинтресирани за БиХ

А каков е односот на граѓаните на Хрватска кон соседната држава, во која живее голем дел од хрватскиот национален корпус? Новинарката Илијана Гргиќ од лично искуство тврди дека граѓаните на Хрватска често на Хрватите во БиХ гледаат како на некој кој ги искористува. Од друга страна, Хрватите во БиХ се гледаат себеси како жртва на хрватската држава која ја поддржуваат, а не добиваат доволно за возврат. „Граѓаните на Хрватска не се чувствуваат посебно порзани со Хрватите од БиХ. Мислам дека просечниот Хрват од Хрватска не смета дека случувањата во БиХ некако го допираат. Но всушност не е така, со оглед на должината на границата која ги дели двете држави. Хрватска треба да има интерес на својата граница да има средена држава.“ Гргиќ уште додава дека ни хрватската десница не е претерано заинтересирана за ситуацијата во БиХ и тамошните Хрвати. „Освен декларативни ставови, немаат конкретни решенија.“

И авторката и уредничка на политичкиот радио магазин Афтершок, Силвија Шепаровиќ, смета дека со оглед на длабоката криза во која не знаат како ќе преживеат граѓаните на Хрватска не размислуваат за БиХ и трет ентитет во соседната држава. „А оние кои размислуваат за БиХ имаат став каков што отсекогаш имале. Национално дефинираните и националистичките партии отсекогаш имале јасни ставови и ги немаат променето уште од 90-те години на минатиот век.“ Официјалната хрватска политика и натаму го држи ставот „без мешање“ и впрочем никој во таа политика нема каква било замисла, вели Шепаровиќ. „Ми изгледа дека дури и политичките елити во БиХ не знаат што да прават сами со себе. Впечатливо е дека тие не можат да се договорат ниту во момент кога граѓаните им порачаа дека им е доста од сѐ“, заклучува Шепаровиќ.

Од протестите во БиХФотографија: Jodi Hilton
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми