1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тридневен прекин на огнот во Појасот Газа

АТ/ дпа/афп/ртр1 август 2014

На притисок на САД и ОН, Израел и Хамас се согласија на тридневен прекин на огнот, кој почна утрово. Во Каиро треба да почнат преговорите за подолгорочно положување на оружјето.

Фотографија: picture-alliance/AP

72-часовниот прекин на огнот започна утрово (1.08) во 8.00 часот по локално време (7.00 часот СЕВ). Како што соопшти портпарол на ОН, Израел и Хамас му ветиле на специјалниот посредник на ОН Роберт Сери дека имаат намера да се придржуваат до „безусловниот хуманитарен прекин на огнот“. Периодот од три дена би можел да биде продолжен. За време на прекинот на огнот трупите ќе останат на своите позиции, се вели во заедничкото соопшение на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и американскиот министер за надворешни работи Џон Кери објавено во Њујорк.

Преговори во Египет

Египетската влада веќе официјално ги покани Израел и Палестинците на преговори за подолгорочен прекин на огнот, кои ги најавија Бан и Кери. Висок по ранг претставник на Хамас во Газа рече дека во делегацијата на Палестинците ќе има и претставници на Хамас. Делегацијата за кратко време ќе отпатува за Каиро. САД, според информации на член на делегацијата на Кери, кој моментално е во Индија, на разговорите во Египет ќе го испратат посредникот за Блискиот Исток, Френк Ловенстеин.

Израелската армија пред повеќе од три недели започна со воздушна офанзива во Појасот Газа, каде владее радикално-исламистичкиот Хамас. Цел на воената опарација беше да се прекине стрелањето на ракети од крајбрежната област кон Израел и да се уништат тунелите преку кои милитатни Палестинци влегуваат на израелска територија за да извршат напади.

Уништувањето на тунелите продолжуваФотографија: JACK GUEZ/AFP/Getty Images

Речиси 1500 жртви

Неколку часови пред да почне прекинот на огнот во Појасот Газа на двете страни имаше нови загинати во борбите. Од почетокот на израелските напади на 8. јули, во Појасот Газа, според палестински наводи, загинале околу 1.400 луѓе. Жртвите во поголемиот дел биле цивили, меѓу нив многу деца. На израелска страна загинале 61 војник и биле убиени тројца цивили. Хамас и другите милитантни палестински организации истрелале околу 2.700 ракети, се вели од израелски извори.

Со оглед на големиот број жртви, страдењето на цивилното население и разурнувањето во Појасот Газа, во изминатите денови се зголеми притисокот врз страните во конфликтот.

ОН бараат безусловен хуманитарен прекин на огнотФотографија: picture-alliance/AP

Советот за безбедност на ОН вчера го повтори барањето за безусловен хуманитарен прекин на огнот. Исто така се заостри и критиката на САД за однесувањето на Израел. Послениот напад врз училиште на ОН, каде што прибежиште најдоа невини цивили, е „целосно неприфатлив“, изјави портпаролот на владата Џош Ернест во Белата куќа.

По договорот за прекин на огнот Кери предупреди дека не треба да се имаат преуранети надежи: „Ова е земање воздух, момент за шанса, ова не значи крај“ на конфронтациите, рече тој. Според него, не е време за „радост или нешто друго, освен за сериозна одлучност“ да се бара пат за ставање крај на конфликтот.

Прекинот на огнот, смета Кери, отвора можност за „итно неопходната хуманитарна помош“ и дава простор да се заваршат животно важни работи како поправки, снабдување со вода и храна. Палестинците добиваат можност „да ги згрижат повредени и погребаат умрените“.

Џон КериФотографија: Reuters

Уништувањето на тунелите продолжува

Американскиот минситер за надворешни работи соопшти дека Израел и покрај прекинот на огнот ќе продолжи со „дефанзивните операции“ против системот тунели на Хамас. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно се изјасни дека прекинот на огнот е прифатлив само ако Израел и натаму може да ги уништува тунелите во Појасот Газа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми