1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Триумф на хардлајнерите

Керстин Книп/ СН27 декември 2014

Израелско-палестинските односи се многу лоши. Насилството и подготвеноста на насилство растат на двете страни. Тоа го искористуваат пред се’ тврдокорните струи, кои подредуваат се’ на својата идеологија.

Фотографија: Reuters/A. Awad

Израел се запозна со својот прв државјанин џихадист. Пред два месеца малолетниот Израелец со палестинско потекло побегна од дома. Му се загуби секоја трага. Сега се појави во една болница во Турција, со тешки повреди. Се претпоставува дека ги здобил во Сирија или Ирак, каде се борел во редовите на терористичката организација Исламска држава (ИД). Случајот на младиот џихадист шири страв во Израел од раст на религиски екстремизам. Ќе се приклучат ли се’ повеќе Палестинци на радикалните џихадистички групи како што е ИД? На почетокот на ноември ИД најави поголема присутност во појасот Газа. Блокираниот појас кој го контролира исламистички Хамас досега негираше присутност на борци од ИД. Тој став не го промени ни кога, исто така во ноември, е извршен нападот врз францускиот Културен центар во Појасот Газа, за кого одговорност презема токму Исламска држава. Истовремено Хамас досега избегнуваше да ги осуди бруталните акции на ИД во Сирија и во Ирак. „Одлучивме да не се изјаснуваме за Исламска држава“, објасни офицер на Хамас за интернет порталот Ал-Монитор. „Ние сите сме исламисти и од идеолошки причини ни е тешко да ги осудиме како 'терористи', бидејќи и ние сме обвинети за тероризам од страна на Запад и на одделни арапски земји.“

Фотографија: Reuters/Ammar Awad

Секуларисти против исламисти

Својата исламистичка идеологија Хамас се’ повеќе се обидува да ја извезе и на Западниот Брег во кој доминира секуларниот Фатах. Хамас мора да преземе вооружено востание на секој сантиметар на Западниот Брег, истакна шефот на Хамас, Махмуд Захар во еден говор во Газа на крајот на ноември, пренесува Ал-Монитор. Палестинската управа реагираше алармантно: само во ноември уапси 200 милитантни активисти на Хамас.

Тој број покажува длабока поделеност на Палестинците и покрај тоа што на почетокот на годината е формирана влада на национално единство која ја сочинуваат припадници на Хамас и на Фатах. Двете страни спорат околу тоа што е исправна политика кон Израел. Се согласуваат само во осудите кон Израел, кого го обвинуваат за смртта на политичарот Зиад Абу Аин на демонстрациите на северот на Рамала, на 10. декември годинава. Министерот без ресор во владата на национално единство загина по жестокиот конфликт со израелските војници. Неговата смрт ги разбесни Палестинците, исто како и смртта на 19-годишниот Мухамед Јавабрех, кого на демонстрациите во ноември го убија израелски војници.

Палестинците бараат помош од Советот на безбедност на ОН

Починатиот палестински министер без ресор Зиад Абу АинФотографија: AFP/Getty Images/A. Moman

За случаи како што се овие или за продолжувањето на изградбата израелски населби во појасот Газа, како и за акциите на израелската војска за време на последната војна во Газа летоска, Палестинците во иднина сакаат да разговараат во Советот на безбедност на ОН. Тие се жалат и на се’ поголема подготвеност на еврејските екстремисти на насилство, во Израел, како и во палестинските автономни области. Пред неколку дена Палестинците усвоија резолуција во која се бара воспоставување на траен мир со Израел. „Тоа го правиме по години страдања од убиства, уништување, бомби, пукање, трикови, лицемерие, како и проширување на израелските населби“, напиша палестинскиот весникот Хајат ал-Јадида на 23.12.2014. „Цел свет гледа дека Израел го блокира патот кон мирот“, оценува весникот Хајат ал-Јадида кој излегува во источен Ерусалим.

Примирје до израелските избори

Од друга страна, Израелците ги обвинуваат Палестинците дека ги блокираат сите обиди за воспоставување мир. Коментаторот Гершом Горенберг смета дека премиерот Бенјамин Нетанјаху е главен виновник што многу Израелци се чувствуваат несигурни и што имаат страв за иднината. Во март наредната година тој повторно ќе учествува на избори. Во предизборната кампања премиерот ќе настојува да се претстави како политичар со искуство. „Меѓутоа искуство има во изградба на населби, во префрлување богатството на богатите, како и во претставувањето себеси еднаш како демагог, еднаш како умерен политичар. Нетанјаху се претставува како силна личност која го штити својот народ“, пишува новинарот Бен Каспит за Ал-Монитор. Меѓутоа таа улога се’ повеќе Израелци му ја оспоруваат. Тоа што на израелската војска летоска и’ беа потребни 50 дена за да го порази Хамас, ветувањата на Нетанјаху за сигурност, во очите на избирачите, изгледаат неверодостојни.

Израелскиот премиер Бенјамин НетанјахуФотографија: AFP/Getty Images/G. Tibbon

Врз можноста за ново палестинско востание (интифада) влијаат преговорите на двете страни, кои во последнте месеци ни малку не напредуваа. До новите избори во март веројатно ќе остане стаус кво ситуацијата. Меѓутоа тоа не е особено погодно за мирот. Бројот на вооружени инциденти се зголеми во последните месеци. Малку нешта зборуваат во прилог на тоа дека во наредниот период ќе ги има помалку.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми