1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Османи: Бевме цел на хибриден напад во земјата

ДТЗ
24 јуни 2022

Според Османи, францускиот предлог не е конечен, а надлежните молчеле за процесот досега за да не влијаат на случувањата во Бугарија. Маричиќ обвинува за сценарија за нарушување на државната позиција.

Nordmazedonien I Bojan Maricic und Außenminister Bujar Osmani
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Три прашања се клучни дали Северна Македонија ќе каже „да“ или „не“ за францускиот предлог, вели шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Веднаш откако бугарскиот парламент даде зелено светло за францускиот предлог, награден со уште четири барања од Софија кон Скопје како услов за влез во ЕУ, Османи на прес-конференција со министерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ рече дека јазикот, историските прашања како главен критериум за напредување на преговорите и динамиката на уставните измени се клучни за тоа каква одлука ќе донесе земјата. 

Според Османи, францускиот предлог не е конечен, а надлежните молчеле за процесот досега за да не влијаат на случувањата во Бугарија. 

„Сега останува да видиме каков текст има усогласено Бугарија и каква е нивната позиција и што ќе предложи Франција откако ќе ги види двете позиции на земјите, како тие ќе пристапат во процесот. Ќе бидеме во комуникација и да видиме што ќе достават како конечен предлог“, вели Османи. Тој објаснува дека засега е во оптек работна верзија на преговарачката рамка, во која треба да бидат внесени забелешките на двете страни. Македонскиот став вчера го Брисел го пренесе и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, кој потенцираше прашањето за јазикот и историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка. 

Османи вели дека ако има промени во преговарачката рамка коишто се прифатливи за земјата, можно е да има позитивен исчекор наскоро. 

Кој е одговорен? 

Запрашани дали чувствуваат одговорност и дали ќе поднесат оставка по неуспехот во Брисел, двајцата министри порачаа дека одговорноста ја гледаат во безрезервната борба со цел земјата да стане членка на ЕУ, но не по цена на државните интереси. 

Вицепремиерот Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар ОсманиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Нема да правиме комромис ниту по едното, ниту по другото прашање, ќе станеме членка еден ден на ЕУ, но не по цена на компромиси за државните прашања“, велат министрите. . 

Маричиќ е дециден дека земјата не може да се откаже од патот кон ЕУ, но дека не може ниту да се откаже од позиции коишто се важни за секоја држава. „Простор за одговорност надвор од ова не гледам, поголема е одговорноста на лица коишто се обидоа да ја нарушат државната стратегија со пренесување на информации кои не беа ниту точни ниту конечни“, вели Маричиќ.

Хибриден напад 

Османи вели дека министри и политичките партии во државата кои требаше да ја бранат позицијата на Северна Македонија во преговорите со Бугарија биле цел на хибриден напад во земјата. Тој најави можна истрага, па ако се покаже дали станува збор за организирано сценарио за уривање на државната позиција, тие е можно и кривично да одговараат. 

„Имавме хибридни напади врз закани за министри и политички партии  со кои се обидуваше да се урне нашата државна стратегија  и државните позиции за спорот со Бугарија, кои може да се исчитаат во контекст на  кривични постапки. Некој се обидуваше да ја урне нашата позиција. Тие хибридни закани треба да се истражат, да се види  дали се дел од некои сценарија, бидејќи можно е некои да избрзаа од наивност, но некои учествуваа свесно и организирано“, рече Османи. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми