Џо Бајден и Камала Харис на номинирачкиот конгрес на Демократската партија ќе се презентираат како перфектна комбинација за претседателските избори во САД. Но, нивниот успех ни оддалеку не е сигурен, смета Инес Пол.
Реклама
Фрлање поглед кон минатото понекогаш помага за разбирање на сегашноста и ориентација кон иднината. Постојат две главни причини поради кои Доналд Трамп можеше да победи на претседателските избори во САД пред четири години.
Прво, затоа што тој не беше Хилари Клинтон. И второ, затоа што му успеа да се инсценира како политички аутсајдер. Двете работи се меѓусебно поврзани.
Многу Американци до денешен ден чувствуваат омраза кон тогашната демократска претседателска кандидатка Хилари Клинтон и тоа од повеќе причини. Една е што таа и нејзиниот сопруг, екс-претседателот Бил Клинтон, со децении припаѓаат на политичката елита на САД. И многумина избирачи ги сметаат за одговорни што Вашингтон сѐ повеќе се оддалечува од грижите на просечниот граѓанин, што богатите стануваат сѐ побогати, а сиромашните сѐ посиромашни.
Џо Бајден не се залага за големи промени
Претседателот Трамп натамошно ги заостри овие социјални поделби. Но, тоа ништо не менува во фактот што и оваа година значајни групи од избирачите на Демократите се повеќе од незадоволни од изборот на нивниот претседателски кандидат.
Џо Бајден, белец, стар 77 години и „праисториски" политичар, за многумина отелотворува статус кво. А не она на што првенствено црните, Латиноамериканците, многу жени, но и млади прогресивни демократи толку очајно се надеваат: политичка промена, која нема да биде во заштита на големите концерни, туку ќе значи иднина за американскиот сон.
Соодветно големи затоа се надежите на демократските изборни стратези кои сега ги полагаат во потпретседателската кандидатка Камала Харис. Дали ќе ѝ успее да ги убеди неопределените гласачи, ќе ги мотивира разочараните избирачи и ќе ги придобие за себе оние републиканци кои не сакаат на Доналд Трамп да му дадат доверба за наредните четири години?
Изостанаа еуфорични моменти
Традиционално, партиските конгреси се голем фест на кој се создава заедништво. Тоа е посебно важно за Демократите, кои во сржта се движење кое своите различни крила мора да ги мобилизира зад една основна идеја доколку сака да ги освои изборите. И фактички, токму претседателскиот кандидат е оној кој ја отелотворува таа идеја. Харизмата на Џо Бајден меѓутоа тешко дека ќе биде доволна за оваа цел.
Би било интересно да се види како масата делегати ќе реагира на Камала Харис. Подгреано од досегашната ѕвезда Мишел Обама, како увертира на поранешната прва црна прва дама за евентуална прва жена-претседател која нема да има бела боја на кожата. Со голема веројатност, ова би можело да биде еден таков момент во кој се наежува кожата, кој ги премостува разликите и сее надеж.
Нема масовни собири
Големите шоуа оваа година мора да отпаднат. Енергетскиот импулс кој номинирачките партиски конгреси вообичаено го пренесуваат низ целата земја, овојпат стана жртва на коронавирусот. Партискиот конгрес на Демократите, кој почнува денеска и ќе трае четири дена, ќе биде одржан во дигитална форма.
Додека големи делови од светот во идните недели со огромно внимание ги следат настаните во САД, политичките актери таму немаат друг избор освен да се препуштат на виртуелната борба. Постојано во надеж дека нема да дојде до техничка грешка која би се претворила во вирален убод од нож.
На еден претседател во вакви услови без сомнение функцијата му обезбедува поголема бина. А ако Доналд Трамп нешто знае, тогаш тоа е да свири на клавијатурата на медиумскиот интерес.
Овластувањата на најмоќниот државник во светот
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.