1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Трката по вакцина за коронавирусот во тек, со неизвесен крај

БГ /АП
6 април 2020

Целиот свет во моментов чека едно нешто во битката со пандемијата на коронавирусот: Вакцина. Повеќе држави и компании во светот се во трка со времето во потрага по неа. Кој е најблиску и кога може таа да се очекува?

Symbolbild Corona-Virus Impfstoff
Фотографија: picture-alliance/dpa/Geisler-Fotopress

Кон средината на јануари, научниците во Кина ја објавија генетската секвенца на вирусот, означувајќи го почетокот на трката на десетици лаборатории ширум светот во потрага по лек. Пристапот досега драматично варира. Некои научници ги анализираат ефектите на постојните лекови како можен третман, некои експериментираат со пренамена на други лекови. Некои научници, пак, користат најмодерна технологија во обид да создадат радикално нова вакцина.
Само 60 дена откако беше споделена генетската секвенца на Ковид-19, започнаа тестови на луѓе со првата потенцијална вакцина.
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Гебрејесус тоа го означи како „неверојатно достигнување“, а експертите изразија воздржана надеж дека вакцината би можела да биде спремна во рок од 18 месеци. Ова би можело да изгледа како ужасно долго време за оние кои му се најдоа на патот на вирусот.
Но првиот човек на ГАВИ, Алијансата за вакцина, Сет Беркли предупредува дека вообичаено се потребни меѓу 10 и 15 години за еден лек од развојна, преку фаза на тестирање и производство, да биде подготвен за употреба. Иако, вакцината за Ебола беше направена за 5 години. 
„Ќе имаме ли среќа да добиеме добар имунолошки одговор? Кои пристапи ќе функционираат? Ќе бидат ли одржливи?“, изјави тој во интервју минатата недела. Времетраењето на постапката ќе зависи од процесот на тестирање. 
„Ќе мораме да минеме низ многу нешта за да бидеме сигурни дека вакцината ќе функционира и дека ќе биде безбедна за употреба за милијарди луѓе“, вели Беркли. 

Нови методи

Традиционалниот метод за развој на вакцина, врз основа на принципите на вакцината за сипаници од 1796 година, е да се вметне модификуван дел од инфективниот агент за да се стимулира имунолошкиот систем без да му се наштети.
Една нова технологија сега се обидува да предизвика имунолошка реакција на поинаков начин, со вметнување на делче од генетскиот материјал на вирусот. Само неколку недели откако кинеските научници го објавија геномот на вирусот, на Универзитетот Тексас во САД беше креиран двојник на неговиот С протеин, делот кој се закачува и ги инфицира човековите клетки, и направи негова слика со помош на криогенски микроскоп. Оваа реплика сега е кандидат за самата вакцина. Идејата е да се направи вакцина со користење на генетската информација на протеинот кој би се развил во мускулното ткиво на човекот, наместо да биде инјектиран.
„Предноста е што е многу брзо“, вели Џејсон Меклилан, кој го предводеше тимот научници во Тексас. Тестовите врз луѓе започнаа месецов и доколку се оди според планот, вакцината би можела да биде подготвена за 18 месеци. 

Научниците се во трка со времето во потрага по вакцина за коронавирусотФотографија: picture-alliance/BSIP/Laurent

- повеќе: Коронавирусот и псевдонауката се шират со иста брзина

Францускиот производител на лекови Санофи користи поинаков генетски пристап. Во партнерство со владата на САД, фирмата користи ткн. „рекомбинантна ДНК платформа“ за производство на можна вакцина. Во овој модел се презема ДНК на вирусот и се комбинира со ДНК на безопасен вирус, и се креира химера која може да предизвика имунолошка реакција. Антителата кои ќе се произведат потоа можат да се дозираат. Технологијата е веќе основа за вакцината против инфлуенца на Санофи, а фирмата верува дека е во предност и затоа што вакцината за Сарс која ја произведе им даваше делумна заштита на животните. 

Има ли лек?

Но научниците експериментираат и со други постојни лекови во потрагата по третмани за тешко болни пациенти.
СЗО избра четири лекови или нивна комбинација за големо глобално тестирање со пациенти од Аргентина до Тајланд. Тоа се експерименталниот антивирусен третман ремдесивир; потоа комбинација на два ХИВ лека- лопинавир и ритонавир; овие два лека плус имунолошкиот медикамент интерферон бета; како и лекот за маларија хлорокин. 
Ремдесивирот веќе е во последната фаза на клиничките тестови во Азија и лекарите во Кина велат дека тој се покажал ефективен во борбата против болеста. Тој беше развиен против вируси како Еболата (во тој случај се покажа не-ефективен) и се уште не е одобрен за било каква употреба. Доколку вирусот го инкорпорира ремдесивирот во себе, лекот создава несакани мутации кои можат да го уништат вирусот. 

- повеќе: Филипче најави нова терапија за коронавирус- какви се светските искуства? 

Комбинацијата на лопинавир и ритонавир имаше разочарувачки резултати во првичните тестови на 199 пациенти во Вухан. Лекарите заклучија дека лековите не ги подобриле клиничките слики на пациентите.

Претседателот на САД, Доналд Трамп ја подигна возбудата за хидроксихлорокин и хлорокин, слични лекови на база на синтетичка форма на кинин кои повеќе од еден век се користат против маларија. Лековите имаа ветувачка почетна фаза во третманот на мал број пациенти во Франција и Кина. Но, овие лекови носат и ризици. Кај околу еден отсто од луѓето постои ризик од несвестица, напад или дури и смрт од срцев удар поради постојни проблеми со срцевиот ритам за кои можеби не се ни свесни.

Регенерон минатата година разви интравенозен лек кој значително ги подигнува стапките на преживување кај заболените од Ебола со користење на ткн. „моноклонални антитела“. Тие генетски модификувале глувци за да им дадат имунолошки системи налик на човечките. Глувците потоа се изложени на вируси за да продуцираат човечки антитела. Тие антитела потоа се изолираат и се анализираат за да се пронајдат најпотентните, кои потоа се развиваат лабораторија, се прочистуваат и потоа интравенозно им се ставаат на луѓе. Лекот може да функционира и како вакцина и како третман, преку дозирање на луѓето пред да бидат изложени- иако тие ефекти се само привремени.

Заеднички проект на францускиот институт Пастер, биотехнолошката фирма Темис и Универзитетот во Питсбург ги користи вакцините против мали сипаници како подлога за нова. Се работи за редизајнирање на постојната вакцина со антиген на новиот коронавирус.
Научниците во Австралија имаат уште подиректен пристап. На Институтот во Мелбурн за детски болести вршат масовно тестирање со вакцина против туберкулоза во надеж дека таа би можела да ги заштити здравствените работници од Ковид-19.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми