1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трогателен собир во Берлин

Марсел Фирстенау / превод: ЕМФ14 јануари 2015

Интеррелигиозниот собир на солидарност со жртвите на терористичките напади во Париз беше трогателен. По јасните зборови на верските претставници и на сојузниот претседател треба да следуваат дела, смета Марсел Фирстенау.

Фотографија: Reuters/Fabrizio Bensch

Неволјата ги спојува луѓето. Ова древно животно искуство деновиве на многу импресивен начин се потврдува ширум светот. Во неделата (12.01) сликите од маршот на кој милион луѓе во Париз им оддадоа почит на жртвите на исламистичките фанатици го обиколија светот. Во Берлин вчера (13.01) илјадници луѓе пред Бранденбуршката порта се собраа на демонстрации против теророт. Собирот го организираше Централниот совет на муслиманите и турските здруженија во Германија. Ним веќе не може да им се забележи дека преземаат премалку против верска радикализација или против теророт. Вакво обвинување во минатото можеше постојано да се слушне.

„Сите ние сме Германија“, изјави претседателот на Централниот совет на муслиманите, Ајман Мазиек. Сојузниот претседател Јоахим Гаук ја повтори оваа реченица. Поубав реторички симбол речиси и нема. Во главите на сите кои беа пред Бранденбуршката порта или собирот го следеа на телевизија ќе остане една слика: муслимани, христијани и Евреи кои се држат рака под рака. Двигател на тоа беше муслиманот Мазиек. Како да реагираше на зборовите на Аврамовиот учител. Но вицепретседателот на Централниот совет на Евреите во Германија во тие моменти ја критикуваше „се‘ поголемата радикализација“ на исламот.

Исламот е навистина дел од Германија

Мазиек, за среќа, не подлегна на искушението да реагира на тоа. Наместо тоа, тој терористичките напади во Париз ги означи како „најголемо богохулство“, како предавство на исламот, чии принципи се извалкани. Еден висок претставник на верска заедница појасно речиси и не може да се дистанцира од теророт. Речиси заколнувачки звучи неговата најава дека муслиманите во Германија во иднина „ќе прават уште поголем напор и ќе се ангажираат уште повеќе да бидат критички членови на општеството“. Останува да се види дали ќе се држат до тие зборови.

Марсел ФирстенауФотографија: DW/S. Eichberg

Слично важи и за политиката. Добар и охрабрувачки знак е што канцеларката Ангела Меркел еден ден пред впечатливиот собир пред Бранденбуршката порта ја повтори реченицата на поранешниот германски претседател Кристијан Вулф: „Исламот е дел од Германија“. Демохристијанот Вулф ги изговори овие зборови уште во 2010 година како претседател на Германија и поради нив се најде на мета на многу критики, пред се‘ од конзервативниот табор. Пет години подоцна оваа реченица е се‘ уште спорна. Но, спорот околу нејзе денес е уште потесноград отколку тогаш.

Се разбира дека Германија е доминантно христијанска

Факт е дека во доселеничката земја Германија живеат милиони муслимани. Со општеството во Германија со векови доминира христијанството и тоа никој не го оспорува. Исто така, сите знаат дека христијанството доминира повеќе со германското општество и има поголемо влијание врз него од која било друга религија. Сепак, исламот е дел од Германија, а, за среќа, така е и со еврејството.

Речиси трагична е страната на надрелигиски прокламираниот здрав разум што тој е реакција на перверзијата на религијата. За жал, атентатите од Париз не се и последните извршени во божјо име. Дотолку поважно е во секојдневниот живот во дело да се спроведува солидарноста меѓу религиите. Претседателот Гаук за тоа најде соодвенти зборови: дистанцата меѓу доселениците и домашното население, но и разликите меѓу доселениците со различно потекло, се‘ уште се надминува преретко. „За разноликост се неопходни среќавања“ - од ваквата реченица на германскиот претседател треба сите да се почувствуваат повикани и треба да дејствуваат во согласност со неа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми