1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Тројца косовски Срби уапсени за убиството на Ивановиќ

ЖА / агенции
23 ноември 2018

Тројца косовски Срби, од кои двајца полицајци, се уапсени денеска во врска со убиството на косовскиот политичар Оливер Ивановиќ, кое се случи во јануари годинава.

Brücke in Mitrovica - Grenze Kosovo-Serbien
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Во северниот дел на Косовска Митровица рано утрово специјалните полициски сили уапсиле тројца косовски Срби, соопшти косовската полиција, а по уште еден осомничен се трага.

Уапсените се осомничени во врска со  убиството на Оливер Ивановиќ,  кој на 16. јануари оваа година беше застрелан пред неговото биро во Митровица, а неговиот убиец не беше идентификуван. 64-годишниот косовско-српски политичар се сметаше за умерен и еден од ретките кои можеа да посредуваат помеѓу српското малцинство и албанското мнозинство во Косово.

Ивановиќ исто така беше голем поборник на сузбивање на криминалот во српскиот дел од Митровица. Многумина во неговото опкружување ја застапуваат теоријата дека оние кои ги влечеле конците во атентатот потекнуваат од  криминалното милје  и дека убиството нема ништо заедничко со политичкиот конфликт во градот.

Косовската полиција исклучително ретко интервенира во северниот, српски дел на  поделениот град Митровица.  Во акцијата денеска било уапсено уште едно, четврто лице, кое не е поврзано со атентатот врз Ивановиќ, но се обидело да им се спротистави на специјалците, соопшти полициски портпарол.

Апсењето се случува во ектот на нови тензии меѓу Приштина и Белград, кој има големо влијание врз српските општини во Косово и по прогласувањето на косовската независност во 2008. година. Србија до денес уште не го признава Косово за самостојна држава.

Повод за последните бранувања во релациите меѓу Белград и Приштина е што  Косово оваа недела воведе сто процентни царини за српските производи,  што Србија го оцени за провокација.

По веста за апсењето во Митровица, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска свика состанок на надлежните безбедносни служби. Српскиот политички лидер во Митровица, Игор Симиќ, апсењето на косовските Срби го опиша како брутално и го повика локалното население на протести.

Во меѓувреме косовскиот премиер Рамуш Харадинај апелираше до населението да остане мирно, уверувајќи дека полициската акција не е поврзана со никакви политички настани.

    

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми