Ако денеска не се деблокираат процесите за избор на ДИК, владејачкото мнозинство повеќе нема да чека на „конструктивноста“ на опозицијата.
Реклама
Доколку опозициската ВМРО-ДПМНЕ во текот на денешниот ден не ги поднесе официјално утврдените предлози за нејзини членови на ДИК и ако не се повлече од непринципиелни условувања, од владејачкото мнозинство велат дека ќе ги преземат сите обврски за претстојните процеси, а опозицијата ќе треба да си ја преземе одговорноста што го блокира правото на граѓаните за плебисцитарно изјаснување околу насоката во која сакаат да се движи Македонија.
Со цел да се деблокира изборот на нов состав на ДИК, премиерот Заев ги прифати барањата на ВМРО-ДПМНЕ за законски измени кои ќе овозможат пред секои избори да функционира техничка влада според пржинскиот модел, и донесување нов закон за финансирање на партиите. Но, не ги доби побараните гаранции дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги повика граѓаните да излезат на референдум, со цел да се обезбеди успешен плебисцитарен процес. Иако законот за финансирање на партиите претходно беше договорен и усогласен во работните групи, постигнатиот договор заврши во слепа улица, откако завчеравечер опозициската партија побарала да се избрише членот 165-а од Кривичниот законик, кој се однесува на делото „злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“. Ваквото барање би водело кон амнестија на највисоките поранешни партиски функционери обвинети за ова дело (Груевски, Протоѓер, Јанакиески, Јанкулоска, Божиновски и уште 15- тина други од предметот „Титаник“), а за кое најмалата затворска казна е 5 години.
Втор обид за амнестија, дали и последен?
Ова е втор обид на опозицијата да го услови изборот на ДИК, откако претходно побара измена на членот 353 од Кривичниот законик за делата „злоупотреба на службената положба и овластување“, со што лица опфатени во дури 11 предмети на СЈО би биле автоматски амнестирани.
„И Македонија, и референдумското изјаснување, се заложници на барање за амнестија и зачувување на личниот интерес“, вели министерот Дамјан Манчевски, кој учествува во работната група што со опозицијата ги усогласува законските проекти.
Костадин Костадинов, пратеник на СДСМ во Собранието, обвини дека „заради амнестија на криминалот, Мицкоски се обидува да ја турне Македонија во изолација и неизвесност“.
„Иако ВМРО-ДПМНЕ со години се залагаше за референдум, Мицкоски бесрамно го услови Договорот и идниот референдум со амнестија на криминалите на ВМРО-ДПМНЕ. Колку и да се трудат, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нема да ја закочат македонската иднина. Ќе победи волјата на граѓаните. Ќе има ДИК, ќе има и референдум, амнестија на криминалот нема да има“, порача Костадиновски.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ги имаат утврдено нивните предлози за ДИК, но ќе чекаат прво да се изгласаат измените во Изборниот законик и Законот за финансирање на политичките партии. Оттаму не признаваат дека изборот на Комисијата се условува со бришење на членови од Кривичниот законик кои може да обезбедат амнестија на нивни сопартијци.
„СДСМ се фатени во криминал и затоа пратеникот Костадин Костадинов на панични прес- конференции кажува лаги и манипулации“, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Потребни се реформи и економски прогрес, а не распродажба на македонската историја, традиција и култура. Заробениот правен систем ја држи Република Македонија надвор од евроатланските структури, кои не ги покрива ниту предавството на националните интереси“, порача опозициската партија.
Дали сте за амнестија на ограбувачите?
Но, ваквите ставови не поминуваат ни кај нивните сопартијци. Од „ВМРО ДПМНЕ - Демократска Фракција“ велат дека се видело вистинското лице и улога на преговарачите на ДПМНЕ, и дека е последен момент наметнатиот лидер Мицковски да поднесе оставка, а партијата да свика вонреден партиски Конгрес.
„Итно е потребно Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, како највисок партиски орган, да донесе Когресна одлука со која ќе се определи дали ВМРО ДПМНЕ и понатаму ќе функционира како злосторничко криминално здружение за интересите на соборениот диктатор Груевски и неговата криминална 'фамилија', или во иднина ќе дејствува како современа демократска и патриотска политичка партија“, реагираат од Демократската фракција.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.-P. Strobel
14 фотографии1 | 14
Од таму потенцираат дека ВМРО-ДПМНЕ е против општество во кое „владее егоизмот на интереси“ и побараа „Мицковски да престане да купува време, да одработува за туѓи криминални интереси и да ја срами партијата, и итно да поднесе оставка!“
Имајќи ги предвид сѐ почестите барања на ВМРО-ДПМНЕ за измена или укинување на членови од Кривичниот законик, со кои партијата се залага за (ин)директна амнестија и со неа го условува изборот на ДИК и рефрендумот, лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, предлага решение што ќе ги деболокира процесите.
„За да успее претстојниот референдум поврзан со интеграциите во НАТО и ЕУ, предлагам да се прифати предлогот на опозицијата за амнестија на криминалот, со ново дополнително референдумско прашање: 'Дали сте за амнестија на функционерите кои ја ограбија Македонија?' Со вакво прашање се гарантира и излезност и успешност на референдумот“, иронизира Трајанов, додавајќи дека „во Македонија криминалот стана вредносна категорија, а не зло со кое мора да се справиме“.