1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Трудно“, по„трудно“, нај„трудно“

7 април 2021

Перспективата на нови избори, повторно ќе ги направи партиите во Бугарија предаторски расположени по македонското прашање,ќе ја засили негативната патриотска националистичка реториката,во обид да се обезбеди глас повеќе.

Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Ако нешто дознавме од изборите во Бугарија, тоа е дека дури сега ништо не се знае.  Новиот, уште повеќе поделен, и непознат, политички амбиент, ќе го направи пробивот за нашиот проблем со Бугарија уште покомплициран.  Засега, не се знае дали патот ќе биде полесен, или уште по„труден“, но секако ќе биде поисполнет со непознаници.  Постојат повеќе фактори кои можат да влијаат и на олеснување, но и на отежнување на претстојните наши напори, во и онака полната и хаотична домашна политичка агенда, успешно да го вметнеме и да го надминеме акутниот проблем, и да ги започнеме преговорите со ЕУ.  Притоа, нашиот прозорец се стеснува, а бугарскиот расплет може сериозно да се одолговлечи, што е исто така, во најмала рака, ризична варијанта.

Првиот релативно едногласен заклучок од познавачите на политичката сцена во Бугарија, е дека најголемиот губитник од изборите се „етаблираните политички елити“, и дека добитници се некои „нови дечки“, со силна анти естаблишмент порака и агенда, со нови идеи, визии, и планови за Бугарија.  Релативно е лесно да се потврди тој заклучок, имајќи предвид дека новата политичка сцена секако наликува на масовно отфрлање на старите, познати, повторувани политички наративи, и на јасна порака од електоратот дека е време за нова политика.  Од наша перспектива, секако изгледа дека со„ одјавувањето„ на досегашните партии како движечки сили, постои можност да се „одјави" и нивната идеологија, особено национал-популизмот кон македонското прашање. Факт е, дека партиите кои беа најтврди, најгласни, националисти, во претходниот период изгубија најмногу гласови.  Ова е можеби индикација дека бугарските граѓани, можеби осознавајќи дека нивната влада е осамена во тој став, бараат нов меѓународен пристап и имиџ, слика и реноме на проевропска земја, фактор на европеизација на Балканот, а не фактор на балканизација на Европа.

Фотографија: Spasiyana Sergieva/REUTERS

Но, ние не знаме, дали таквите пораки и желби на електоратот, ќе се пресликаат во политики и ставови на новата влада, која и да биде таа.  Прво, постои опција за коалиција во која се вклучени старите партии (вклучително Борисов).  Мислам дека сепак прерано го „отпишуваме“ од можните калкулации.  Тој има сериозно искуство во ваквите политички маневри, и не е на возможно да се најде, во некаков формат, и во новата влада.  Токму кај составот и форматот на новата влада, за нас се појавуваат најголемите варијации во смисла на можност за решение на проблемот.

Прво, за нас е подобро да има било каква влада која ќе потрае барем две години, одошто да се оди на нови избори. Перспективата на нови избори, повторно ќе ги направи партиите во Бугарија предаторски расположени по ова прашање, и ќе ја засили негативната патриотска националистичка реториката, во обид да се обезбеди глас повеќе. Понатаму, при нови избори, времето ќе работи против нас, односно, расплетот на политичката сцена ќе се одолговлечи повеќе одошто ние имаме реално време.  Имено, за нас оптималниот прозорец е ова прашање да се реши помеѓу мај и јули, кога ЕУ има закажано повеќе полезни формат (Берлински процес, самит, КОРЕПЕР), и ако тој прозорец го пропуштиме зашто Бугарија нема политичка разрешница, следната можност (и тоа сериозно помала), е после нашите локални избори, односно во декември.  И понатака, веројатноста за успех експоненцијално ќе се намалува, како што ќе спласнува сегашниот ентузијазам за проширувањето, и во ЕУ и дома.

Други колумни од Петар Арсовски:

-Не е во ред

-Табу

-Иди ми, дојди ми

Второ, за нас е подобра политичка влада, одошто техничка или експертска.  Кај политичката влада имаме, и ние, и меѓународната заедница, повеќе влијание, и тие имаат поголем влог во решавањето на проблемот.  Прелесно ќе биде, експертска или техничка влада, ова прашање да го ескивира, со изговор дека тие за такви геостратешки одлуки едноставно немаат мандат.  Освен тоа, експертската или техничката влада по природа е кризна, менаџерска, влада, и таа ќе биде фокусирана на домашни реформи, а секако нема да има ниту интерес, ниту политички капитал, за да се занимава со вакво чувствително прашање.

Фотографија: GERB Party Press Office/AFP

Трето, доколку има политичка влада, кога веќе не може да има еден чист партиски мандат и единствена точка за преговори, можеби за нас тогаш е подобро таа да биде што поширока, односно што пофрагментирана.  Така, можеби политичките партии полесно ќе се одлучат на некаков компромис или пробив, сметајќи дека политичката цена за ваквото решение (кое по сите изгледи би било непопуларно во Бугарија), ќе се дистрибуира кај сите ученици, па со тоа нема нешто драматично да смени во нивните рејтинзи, зашто секоја партија ќе плати еден, помал, дел од политичката цена.  Еден од проблемите со бетонирањето на националнатаа бугарска позиција по ова прашање, беше што ниту една партија не се осмелуваше да има различен став од националната мантра, стравувајќи дека така ќе се донесе во понеповолна ситуација од другите партии, при условен национален консензус.  Вака, кога сите би биле во иста сутуација, сметам дека решението полесно би го „проголтале“.

Конечно, најважен сепак ќе биде меѓународниот контекст.  Во основа, моменталната позиција на Бугарија е толку тврда, што решение е единствено можно доколку тие се откажат од некои точки во нивниот сегашен наратив, особено околу спојувањето на проблемот со преговарачката рамка, и инсистирањето на идентитетски те прашања.  Таквото поместување е невозможно да се направи само со наши сопствени напори, туку тука е клучен притисокот од ЕУ, САД, и земјите членки како Германија и Франција.  Особено, на крајот, ќе биде важно истиот принцип на заеднички напредок на Македонија и Албанија, кој важеше кога ние бевме напред, а Франција стави вето, да важи и сега, кога Албанија го чисти своето портфолио, а ние сме тие кои се „заглавени“ од Бугарија.  Тоа ќе го големи притисокот и ќе го направи решението поверојатно.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми