Тунис: два чекора напред, еден назад
17 декември 2015 Мохамед Буазизи, трговец со зеленчук од провинцискиот град Сиди Бузид, постигна тажна слава со самозапалувањето на 17 декември 2010. година. Неговиот очајнички чин предизвика бран од протести, кои бргу избегаа од контрола. Кон средината на јануари во главниот град Тунис се собраа повеќе илјади демонстранти и скандираа „Бегај“, „Леб и вода! НЕ за Бен Али!“. Неколку часа подоцна, по 23-годишно владеење, претседателот Зине Ел Абидин Бен Али побегна во Саудиска Арабија, каде до денес живее. Околностите на неговото бегство се’ уште се нејасни. Беше формирана преодна влада, партијата на Бен Али беше забранета и есента 2011. за прв пат во историјата на Тунис се одржаа слободни избори.
Се чинеше дека Тунис е на најдобар пат кон демократија, за разлика од многу други земји во регионот. Но, воодушевувањето на населението од новодобиените политички слободи и надежта за социјални и економски реформи набргу му отстапи место на отрезнувањето. Не беше донесен нов устав, а две политички убиства во 2013. година ја потресоа земјата. Ситуацијата ескалира. Политичката криза беше решена само благодарение на повеќемесечното посредување од страна на таканаречениот „квартет“, за што четирите организаци што го сочинуваат „квартетот“ годинава ја добија Нобеловата награда за мир.
Политичка стабилизација
Со усвојувањето на уставот и со парламентарните и претседателски избори политичката ситуација се стабилизира, но многумина Тунижани сметат дека се доведени во опасност придобивките од револуцијата. Во три напади, за кои одговорноста ја презема терористичката организација Исламска држава, годинава загинаа 70 лица. Истовремено 5.000 борци од Тунис, што е и најголема бројка на странци, војуваат во радикални групи во Ирак и Сирија.
Туниската влада на ова реагира со заострени мерки за безбедност и со нов антитерористички закон. Но, со тоа е направен и чекор назад во однос на демократијата: организации за човекови права известуваат за зачестени случаи на тормозење во полициските станици и во затворите. На осомничени лица со денови не им се дозволува контакт со адвокат. Во последниве недели повеќемина млади луѓе беа осудени поради користење хашиш или поради хомосексуалност.
Заборавени вистински важните прашања
Абдесатар Бен Муса, добитник на Нобеловата награда и претседател на туниската Лига за човекови права, во настап на француската телевизија предупреди од враќање кон авторитарни структури. „Секогаш кога има напад, погласно се вели дека човековите права не се важни“, а всушност токму тие се најдобро оружје против тероризмот, вели Бен Муса.
Кај политичките спротивставувања во последните години во Тунис во подредена ситуација останаа првенствено оние, кои го дадоа импулсот за промените во 2010. година: во најголем дел млади луѓе во осиромашената внатрешност на земјата, кои се отсечени од скромниот стопански пораст на богатиот крајбрежен појас. „Од 2011. година зборуваме за политика. Но, никогаш не се зафативме со вистински важните прашања“, вели Алаа Талби, раководител на „Тунискиот форум за економски и социјални права“, левоориентирана тинк-тенк организација. Во последните години се недозволиво запоставени теми како култура, економија и реформа на образовниот систем. „А токму тоа се теми ко треба да го сочинуваат успехот на демократијата во наредните 15 до 20 години“, нагласува Талби.