1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Криза во Тунис: Причини и можни сценарија

Керстен Книп | Калед Салемех
28 јули 2021

Распуштањето на парламентот во Тунис од страна на претседателот Каис Сајед е потег во чија заднина се партиски конфликти. Но, актуелната криза има подлабоки корени во економската криза што долго ја потресува земјата.

Tunesien | Proteste gegen Regierung _neu
Фотографија: Nacer Talel/AA/picture alliance

Претседателот на Тунис, Каис Сајед, веднаш штом ја објави својата одлука се префрли во модус на оправдување: тој, вели, само постапувал во согласност со Уставот кога му го одзема мандатот на премиерот Хишам Мешиши и на 30 дена го судпендираше парламентот.

Сајед, кој е правник по професија, се повикува на Уставот и тоа на оној негов дел кој „под закана од опасност за единството, безбедноста и независноста на земјата“ дозволува необични мерки. Притоа, како што вели, ги информирал и сите потребни институции - премиерот и претседателот на парламентот, Рашид ал Ганучи.

На верзија спротивна од претседателската не требаше долго да се чека. Ганучи, кој истовремено е и претседател на умерената исламистичка партија Енахда, веќе во неделата вечер тргна во контранапад. Тој изјави дека претседателот не го консултирал пред својот потег, и оцени оти не може да стане ниту збор за опасност по земјата која би го оправдала распуштањето на парламентот. Пред сѐ, вели, би можело да се каже дека самиот претседател извршил пуч против „револуцијата и Уставот“, заклучи Ганучи.

Претседателот на Тунис, Каис СаједФотографија: Tunisian presidency Facebook page/AFP

Расправа меѓу правниците

Слично на развојот на ситуацијата гледа и правникот Сана Бен Ачур. Тој за ДВ оценува оти тоа е „црн ден“ во историјата на Тунис и тврди дека повикувањето на членот 80 од Уставот е „чиста интерпретација на претседателот“. „На Тунис му се заканува диктатура“, заклучува Ачур.

Повеќе:

-Тунис: Демократијата во опасност

-Тензии во Тунис: Претседателот Сајед го отпушти премиерот и го суспендираше парламентот

-Тунис: два чекора напред, еден назад

Професорот по право Рабех Краифи има спротивно мислење. Тој потсетува оти судиите во Уставниот суд во Тунис сѐ уште не се избрани, па според тоа претседателот е единствениот кој има право да го применува Уставот. Според тоа, смета тој, постапката на претседателот правно гледно е целосно исправна.

Партиска конкуренција

Правната збрка околу одлуката на претседателот само покажува до која мерка Тунис е во партиско-политичка криза и во која мерка таа прави притисок на учесниците, а особено на самиот претседател кој очигледно веќе не е во состојба да ги увери мнозинството Тунижани во исправноста на своите одлуки. Зад претседателот стојат неговите следбеници кои протестираа барајќи оставка на владата и распуштање на парламентот.

Всушност, како што вели шефот на канцеларијата на германската фондација „Фридрих Еберт“ во Тунис, Јоханес Кадура, ова е досегашен врв во расправата меѓу претседателот од една и премиерот и претседателот на парламентот од друга страна. Оваа расправа доведе до политичка блокада која оваа економски нагризана земја воопшто не може да си ја дозволи.

Фотографија: Fethi Belaid/AFP/Getty Images

Натегањата започнаа на почетокот на годината, кога премиерот Мешиши, во рамки на реконструкција на владата, имаше намера да смени неколку министри и да ги замени со нови кои, меѓутоа, не беа блиски на претседателот, па тој одби да ги именува. Сајед ги обвини министрите дека биле вмешани во корупција, но медиумите во земјата пишуваа оти се работи за борба за превласт во самата влада и прашањето кој има повеќе „свои луѓе“ во кабинетот.

Дека најновите одлуки на претседателот се донесени во позадина на политичките конфликти укажува и недамнешното затворање на експозитурата на медиумската компанија Ал Џaзира во Тунис. Седиштето на компанијата е во Катар, земја која ги поддржува Муслиманските браќа, а кои пак се поврзани со исламистичката партија Енахда во Тунис. Така излегува оти богатиот заливски емират посредно ја финансира оваа партија со која претседателот не е во најдобри односи.

Изневерени очекувања

Сепак, оваа политичка криза своите корени ги има во една подлабока криза која ја потресува земјата веќе со години - економска. Од „револуцијата“ пред 10 години, економската ситуација за жителите на Тунис не се подобри. „Поради тоа владее големо разочарување кое сега се изразува и политички“, смета Јоханес Кадура.

Тунис во некоја рака е родно место на т.н. „Арапска пролет“ во 2011 година, која во земјата доведе до соборување од власт на авторитарниот претседател Зин ал Абидин Бен Али. Искрата на овие случувања се пренесе и на регионот, па во Либија и во Египет беа симнати од власт долгогодишните властодршци.

Но, политичките промени не донесоа економско заздравување. Напротив, ситуацијата во последните 10 години се влоши. Задолжувањето на државата, според некои проценки, изнесува 84 отсто БДП, а невработеноста официјално е 17 насто, иако всушност се смета дека е многу повисока. Властите, во соработка со ММФ, планираа структурни реформи, но тие никогаш не заживеajа.

Пандемијата како воена состојба

Сето ова предизвика недоверба во политичките структури кај широките народни маси. Младите или се свртуваат кон екстремистички групи или се обидуваат да избегаат во Европа. Еден дел се насочува кон насилни протести. Единственото нешто за што Тунижаните се согласни е незадоволството од корупцијата и сивата економија, поради која, според некои проценки, пропаѓаат 50 проценти од БДП.

Фотографија: Yassine Gaidi/AA/picture alliance

Пандемијата на  коронавирусот, исто така, остави трага. Во моментов, според универзитетот Џонс Хопкинс, заразени се 570.000 туниски државјани, а 18.600 досега починале од Ковид-19. Само седум проценти од граѓаните се целосно вакцинирани. Ситуацијата во болниците е, како што во мај рече Омаима ел Хасани од Здружението на млади лекари на Тунис - „како во војна“. Според неа, здравствениот систем во Тунис е „пред колапс“.

Во насока на диктатура

Таквиот развој на настаните, како што вели Јоханес Кадура од германската фондацијата „Фридрих Еберт“, придонесува за натамошен раст на незадоволството на граѓаните. Сè уште е нејасно како кризата ќе се развива натаму. „На краток рок, сè ќе зависи од тоа како двете спротивставени групи ќе ги мобилизираат своите приврзеници. Во екстремен случај, земјата би можела да потоне во политички хаос “, вели Кадура. Во секој случај, пресудно ќе биде однесувањето на војската.

Поранешниот претседател Манцеф Мазуки ја нарече акцијата на сегашниот претседател државен удар. „Политичките кризи во развиените земји се решаваат врз основа на законот, но ние направивме огромен чекор наназад и се движиме кон диктатура“, заклучи поранешниот претседател.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми