1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Туристичката дејност е пред колапс

29 јули 2020

Македонските туристички работници излегуваат на мирен протест. Проблемот не е само домашен: туристичката индустрија во светот изгубила 320 милијарди долари од јануари до мај.

Nordmazedonien | Stadt Ohrid
Фотографија: DW/K. Delimitov

Пет месеци без работа. Ова е најкусиот опис на „ангажманот“ на македонските туристичките работници, чија дејност од март заклучно со јули претрпе огромни штети поради корона-кризата. Вториот бран на епидемијата во регионот, и рестриктивните гранични режими во голем број земји, ги ускратија надежите на македонските туристички работници дека овој сектор ќе проработи барем во последниот дел од летната сезона. Во изминатиов период тие се обратиле за помош до надлежните институции, но со оглед дека одговорот оттаму доцни, денеска со мирен протест ќе се обидат уште еднаш да го свртат вниманието кон проблемите со кои се соочува оваа дејност, а кои водат кон најнепосакуваниот исход - „клуч на врата“. 

„Сведоци сте на нашата борба во изминатите пет месеци за опстојување на нашиот сектор, поради кризата со КОВИД-19, како и барањата кои во повеќе наврати ги упативме кон сите надлежни институции - Министерство за економија, Министерство за финансии, со цел помош на туристичките агенции, водичи, пратители и превозници, но досега останаа неми за нашите апели и ниту еднаш не добивме никаква надеж дека воопшто ќе бидат разгледани. Од таа причина, одлучивме масовно да ја изразиме големината на нашиот проблем, преку мирен протест", информираа организаторите.

Повеќе:

Ковид-ваучерите се спас за туризмот!

Охрид меѓу короната и УНЕСКО

Црна Гора и туризмот во пандемијата: „Се пропадна!“

Нови чекори за спас на грчкиот туризaм

Засегнати 5.000 вработени

Протестот ќе започне во 16 часот, а најавената маршрута води низ центарот на Скопје и завршува на „Илинденска“ број 2, пред зградата на Владата. Најавено е дека на мирниот протест ќе присуствуваат повеќе од 700 луѓе, кои ќе бидат следени од автобуси.

„Цели пет месеци сме без никакви примања, без никаква можност за одржување на функционалноста на нашите сектори. Доколку државата не ни даде помош, ќе бидеме принудени во наредните денови да ставиме клуч на нашите врати“, велат туристичките работници.

#dw_BalkanBooster: Ќе биде ли спасена летната сезона во Охрид?

03:08

This browser does not support the video element.

Притоа потенцираат дека протестот нема никаква политичка позадина, а со оглед дека се одржува во време на пандемија, ќе бидат преземени сите заштитни мерки.

Претходно, до надлежните институции тие испратиле нов сет на предлог-мерки кои треба да му помогнат на секторот да ја преживее кризата. Бараат субвенциите за платите да важат до крајот на годината, враќањето на кредитите да се одложи до септември следната година, компаниите од овој сектор да се ослободат од плаќање на ДДВ, да има субвенции за зелен картон за автобусите и минибусите, а искористеноста на капацитетот на возилата за туристички превоз наместо 50 да биде 70 проценти.

Според организаторите, со кризата се засегнати над 300 туристички агенции во земјата, односно туристички придружници, водичи и превозници, или околу 5.000 вработени во овој сектор, чија егзистенција сега е длабоко загрозена.

Загрозени 120 милиони работни места

Проблемот не е домашен, и со него се соочува целокупниот туристички сектор во светот. Поради пандемијата на коронавирусот, туристичката индустрија изгубила најмалку 320 милијарди долари само од јануари до мај, што е за трипати повеќе од загубите претрпени во глобалната финансиска криза од 2009 година, објави вчера Светската туристичка oрганизација.

„Tуризмот е еден од главните сектори кои се најтешко погодени од корона-кризата", потенцираше оваа организација, која дејствува во рамките на ОН.

Во посочениот петмесечен период, бројката на туристи била намалена за 300 милиони, што е пад за 56 % во однос на истиот период лани, бидејќи мерките за затворање на границите ги запреа меѓународните патувања. За илустрација, Шпанија вчера објави дека во второто тромесечие се уништени милион работни места поврзани со туризмот. Светската туристичка oрганизација, пак, оценува дека на светско ниво се загрозени помеѓу 100 до 120 милиони работни места директно поврзани со овој сектор. Меѓународната асоцијација на авиопревозници (IATA) веќе предупреди дека светскиот воздушен сообраќај пред 2024 година нема да успее да се врати на нивото пред корона-кризата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми