1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турската креативна статистика

Даниел Хајнрих
8 јули 2017

Турската економија, без оглед на политичката криза, остварила раст од 5 проценти, тврди официјалната статистика. Експертите се скептични. Дали се ова само фалби од Ердоган?

Türkei Istanbul
Фотографија: DW/S. Huseinovic

Туркстат, заводот за статистика, на крајот на јуни официјално објави дека турското стопанство во првиот квартал оваа година остварило пораст од пет проценти. Секако, тоа е одличен резултат, толку добар што Гарет Џенкинс не може да сфати како турските статистичари воопшто дошле до него.

Џенкинс е економски стручњак кој работи за стокхолмскиот Институт за безбедносна и развојна политика, а живее и работи во Истанбул уште од крајот на 80-те години. Во тој период во Турција доживеал многу подеми и падови, но не знае што да мисли за овие турски самопофалби: „Минатиот декември турскиот Завод за статистика одеднаш го промени начинот на кој се мерат економските показатели. Така преку ноќ на турското стопанство му стана многу подобро отколку што веруваа сите аналитичари и експерти. Ние всушност уште не разбираме на каков начин пресметуваат Турците за да можат да добијат толку добри резултати.“

Вила и убав поглед го помагаат оптимизмот

Меѓутоа, претставникот на германската Надворешнополитичка комора, АХК, нема толку лошо мислење. Кон тоа можеби придонесува и тоа што Јан Нетер седи во канцеларија во велелепна стара вила со голема градина и прекрасен поглед на Босфор. Тој порадо тргнува од претпоставката дека турската државна статистика е точна: „Секако, може да се поздрави промената на расположението поврзано со позитивните резултати во првиот квартал. Во таа статистика првенствено се истакнува значително зголемениот извоз, но и државната поддршка на инфраструктурни и други проекти, како и на домашната потрошувачка.“

Сепак, кај економските показатели, понекогаш истите бројки можат различно да се интерпретираат, посебно во поглед на домашната потрошувачка. Гарет Џенкинс не се сомнева во порастот на оваа потрошувачка, но ја толкува од аспект на мерката која нема долго да трае и која е и исклучително опасна: „Владата посегна по цела низа краткорочни мерки. На пример, издаде гаранции за банкарски кредити. Секако, на краток рок, тоа ја поттикнува потрошувачката. Но, среднорочно, тие краткорочни мерки можат да имаат исклучително негативен ефект, на пример ако луѓето веќе не бидат во можност да ги отплатуваат своите кредити.“

Јан Нетер има оптимистички ставови за турското стопанствоФотографија: AHK

„Инвеститорите не се грижат за демократијата, но ги загрижува сигурноста“

Дали Турците можат да си дозволат кредити? На Еге Јазган му се стемнува кога ќе му го постават ова прашање. Овој професор по економија на универзитетот Билги вака ја толкува ситуацијата: „Нивото на разни штедни влогови во Турција е исклучително ниско. Осен тоа, постојат и огромни недостатоци во инвестициите.“ Но, него уште повеќе го загрижуваат државните пофални оди за зголемен извоз. Разбирливо, турската лира во политичките немири по обидот за пуч, па до периодот на пресметување, загуби речиси една третина од својата вредност и можно е поевтините турски производи да привлекле купувачи.

„Но, тоа е можеби само блесок пред темината, зашто посебно во Европа, Турција го загуби добриот глас како доверлив партнер. А токму Европа е најважниот извозен пазар за Турција и има исклучително значење и како пазар на капитал за земјата. Зашто, Турција во голема мерка зависи од странски вложувња“, вели професорот Јазган.  

Такви вложувања во минатата година немаше. Обидот за државен преврат, масовните апсења на новинари и наводни непријатели - поради сето тоа за многумина странски вложувачи, ситуацијата во Турција се чини премногу непредвидлива. „Едвај некој од странските инвеститори го интересираат демократијата и човековите права. Но, многу се загрижени за економската стабилност и правната држава. За нив е важно нивните пари да бидат на безбедно место. Добрите години пројдоа, а на долг рок, можеби нема да се повторат“, смета и Гарет Џенкинс.

Колку стабилна е турската економија по пучот? Фотографија: picture-alliance/abaca

Верува оној кој сака да верува...

Од својата климатизирана канцеларија со поглед кон сончевиот Босфор, претставникот на германската економија уште мисли дека нестабилната политичка ситуација нема да има врска со економските односи: „Веќе со децении постои тесна врска меѓу германското и турското стопанство. Политичките околности притоа играат помалку важна улога.“ Затоа германското стопанство, тврди Јан Нетер, „со оптимизам гледа во иднината и е уверено дека овој позитивен тренд во текот на годината ќе се стабилизира.“

Во секој случај, несложни околу тоа накаде се движи турската економија и што треба да се мисли за, како што се истакнува, големиот економски раст под Ердоганово раководство, не се само стручњаците кои живеат и работат во Турција. И Светската банка  на пример, донекаде поверува во статистиките и ја подобри проценката за Турција. Од друга страна, рејтинг-агенцијата Мудис на Турција ѝ даде катастрофална оценка. Сепак, уште не ѝ ја спушти категоријата, но само затоа што со месеци ја категоризира Турција на самиот раб на т. н. безвредни вложувања со огромен ризик.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми