1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турскиот парламент го укина имунитетот на 138 пратеници

ЕМФ/дпа/ард20 мај 2016

Од одлуката на турскиот парламент за укинување на имунитетот се погодени пред сѐ прокурдските пратеници на ХДП, кои се главно обвинети за тероризам.

Фотографија: Reuters/U. Bektas

Контроверзната одлука е донесена - турскиот парламент им го укина имунитетот на 138 пратеници за против нив да може да се покрене истрага. Со двотретинско мнозинство гласови, односно 376 гласа од вкупно 550 пратеници, дадена му е поддршка на предлогот на владејачката исламско-конзервативна партија АКП на Ердоган.

Од одлуката се погодени членови на сите четири пратенички групи. Според новинската аганеција Анадолу, 27-мина пратеници погодени од одлуката се од редовите на АКП, 51 од централно-левичарската партија ЦХП, 50 од прокурдската ХДП, а деветмина од ултрадесничарската МХП. Освен тоа, имунитетот му е укинат и на единствениот независен пратеник во Парламентот.

Укинувањето на имунитетот е овозможено со направената временски ограничена промена на уставот. Мнозинството пратеници гласаше за 138-те пратеници да се стави вон сила една реченица од членот 83, која вели: „Пратеник кој сторил кривично дело пред или по избори, не смее да биде уапсен, сослушан, притворен или изнесен пред суд, доколку Собранието не донесе поинаква одлука.“

Според мислењето на критичарите, одлуката на Парламентот се носи поради стремежите на претседателот Реџеп Таип Ердоган да го промени Уставот, а за што сега нема доволно мнозинство гласови. Со укинување на имунитетот тој би можел да ја постигне својата цел, затоа што, според Уставот ,пратеничките места кои можеби вака ќе бидат ослободени, ќе треба да се пополнат на дополнителни избори.

Фотографија: Reuters/U. Bektas

Врз основа на актуелното расположение во земјата, се проценува дека е тешко пред сѐ ХДП да го повтори изборниот успех од минатата година. Тоа би можело д доведе до тоа АКП да добие доволно пратенички места за промена на Уставот. Во моментов ХДП, која е критички настроена кон Владата, има 59 пратенички места. Првиот човек на партијата, Селахатин Демирташ, стравува од опасноста од натамошно ескалирање на насилството во Турција доколку им биде укинат имунитетот на пратениците на ХДП. Тој во интервју за германската телевизија АРД пред неколку дена оцени дека Турција чекор по чекор оди во насока на систем „еден човек“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми