Турскиот премиер тврди: ситуацијата е сосема под контрола
16 јули 2016Командантите на владините сили имаат сѐ под контрола, изјави денеска турскиот премиер Бинали Јилдирим во Анкара. Обидот за пуч на дел од армијата тој го нарече „срамна дамка за турската демократија“. Според Јилдирим, нацијата им го дала најдобриот можен одговор „на терористите“. Премиерот оцени дека во безбедносните сили на Турција има „паралелни структури“, од кои произлегол обидот за пуч. Припадниците на оваа група во меѓувреме се во рацете на правосудството и ќе добијат казна каква што заслужуваат, нагласи Јилдирим. Тој денеска потенцираше и дека смртна казна не е предвидена со турскиот устав, но Турција ќе размисли за промени на законот за да се осигура дека веќе нема да се повтори обид за пуч.
Неколку стотици мртви, повеќе илјади уапсени
Инаку, во текот на обидот за пуч во Турција загинаа повеќе од 260 лица, а повредени се над 1440. Повеќе од 2800 припадници на турската армија се уапсени како пучисти. Меѓу нив има и високи по ранг офицери, како и обични војници. Апсењата се сѐ уште во тек.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган од населението побара да остане будно. Во куса порака на Твитер тој предупреди дека мора да се смета со „повторно разгорување“ на бунтот. Во текот на изминатата ноќ во поголемите градови на државата илјадници луѓе протестираа против обидот за пуч. На еден од двата делумно блокирани мостови на Босфор во Истанбул војниците отвориле оган против приврзаниците на владата кои ноќеска демонстрираа на отворено. Војниците пукале врз приврзаниците на власта и на плоштадот Таксим, јави АФП. Во центарот на Анкара во текот на ноќта се слушаа големи експлозии и истрели, додека над градот кружеа воени авиони и хеликоптери. Медиумите јавија дека парламентот бил нападнат од воздух. Премиерот Јилдирим на безбедносните сили верни на владата им нареди да ги соборат авионите и хеликоптерите кои се во раце на пучистите.
Изутринава во Анкаа и Истанбул сѐ уште се слушаа одделни пуктоници. Претседателот Ердоган во моментов е во Истанбул. Тој го прекина својот одмор на Средоземјето и слета на аеродромот Ататурк во Истанбул, каде беше пречекан од своите приврзаници. Ердоган ги обвини пучистите дека непосредно по неговото заминување од хотелот во Мармарис го бомбаридрале објектот.
Светот следи внимателно што се случува
Обидот за пуч беше осуден ширум светот. Американскиот претседател Барак Обама побара завршување на крвопролевањето. Германската влада ги повика сите страни да ги почитуваат демократските институции на Турција и да го почитуваат уставниот поредок. Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер свика кризен штаб. Загриженост поради состојбата во Турција изрази и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Конфликтот во Турција претставува ризик за „меѓународната и регионалната стабилност“, подвлече тој.