1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турскиот суд ја укина забраната на Твитер

ЖА/дв/миа/афп26 март 2014

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган се најде под притисок и од судството поради одлуката за блокирање на Твитер во земјата. Претходно дури и претседателот Ѓул го осуди постапувањето на Ердоган.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Шест дена по донесувањето, административниот суд во Анкара ја суспендираше одлуката на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган за забрана на пристапот на Твитер во Турција.

Најавата на Ердоган дека ќе го „избрише Твитер“ предизвика остри реакции во земјата и во светот.

„Со оглед на тоа дека ова е суспензија на одлуката, во сила може да ја врати само судот, кој ја суспендираше. Затоа властите ќе мора да побараат ново мислење од судот“, изјави асистентот во Центарот за ИТ политика од Принстон, Зејнеп Туфекчи.

Турскиот суд официјално го блокираше Твитер во таа земја поради „жалбите на граѓаните дека таа социјална мрежа ја крши приватноста“. Турскиот телекомуникациски регулатор БТК соопшти дека побарал од Твитер да повлече одредени содржини и линкови од мрежата, но тоа не било сторено.

„Бидејќи немаше друг избор, пристапот до Твитер е блокиран во согласност со одлуката на судот, со цел да се избегне натамошната виктимизација на граѓаните“, се наведува во соопштението.

Ердоган: Блокирањето на пристапот до Твитер е внатрешно прашање на Турција

Турскиот премиер пак и натаму го брани својот став. Твитер не ги почитуваше одлуките на турските судови и затоа властите во земјата го блокираа пристапот до таа социјална мрежа, а оваа мерка е внатрешно прашање на Турција, изјави во предизборното интервју турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган.

Локалните избори во Турција ќе се одржат на 30 март. Коментирајќи ги критиките на европските земји, Ердоган ја повика Европската унија да се занимава со своите проблеми.

„Тоа што ние го сторивме е наше внатрешно прашање. За тоа има судски одлуки. Зошто ЕУ го игнорира тоа што се случува во други земји? Нека се однесува со нас онака како што се однесува со другите земји“, рече Ердоган.

Тој појасни дека десетици и стотици барања за укинување на налози и објави на Твитер доаѓаат од Франција, Германија, Велика Британија, САД, Русија, Индија. Според него поголемиот дел од тие барања се исполнуваат.

„Од друга страна Турција сакаше да затвори само два налози. Ние испративме судски одлуки, но во Твитер не нѐ слушаа...Ни остана само да го затвориме пристапот до Твитер“, рече Ердоган.

Тоа што таа мерка предизвика бран од обвиненија од страна на ЕУ за нарушување на човековите права, според Ердоган е неоправдано.

„Што се однесува до слободите, ние сме отидени многу понапред од повеќето земји во ЕУ. Таква слобода на информирањето, како кај нас, нема во повеќето од нив. Човек може да го нарече и навреди премиерот како сака. Такво нешто не може да се направи во повеќето од тие земји“, тврди Ердоган.

Пристапот до Твитер во Турција беше блокиран на 20 март.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми