1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турско - европски покер

Кристоф Хазелбах/превод: Ж.А.13 мај 2016

Гледано отстрана, бегалскиот договор меѓу ЕУ и Турција е пред распад. Но, без оглед на непопустливата реторика, двете страни не можат да си дозволат меѓусебниот договор да пропадне, смета Кристоф Хазелбах

Фотографија: picture alliance/dpa/K. Nietfeld

Никој не сака да попушти. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган одбива изменување на спорните турски антитерористички закони. Ако тој остане на позицијата, ЕУ најавува дека ќе му ја ускрати за в лето ветената визна либерализација. Слободното патување е една од големите цели на Турција, за која токму Ердоган долго се бореше. Ако беше во прашање само тоа, Европејците ќе можеа мирно да сочекаат додека Турција да ги исполни сите предвидени услови за безвизен режим, до последната запирка.

Но, визната либерализација е дел од Договорот за бегалците, кој со ЕУ го испреговара во меѓувреме на оставка принудениот турски премиер, Давутоглу. А Анкара се чини повторно подготвена да се закани со лостот „бегалци“. „Ако донесете погрешна одлука, ќе ви ги испратиме бегалците“, порача до европарламентарците преку Твитер еден советник на Ердоган.

На Ердоган му е потребно патувањето без визи

Не дозволуваме да бидеме уценувани, велат сега во Европската комисија и во Европарламентот во Стразбур. И, по исклучок, околу тоа владее натпартиска единственост. Претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер на пример вчера беше јасен: „Многу ни е важно исполнувањето на сите услови, инаку нема визна либерализација“. Тоа е оној истиот Јункер, кој на крајот на октомври предупредуваше дека не е време на турската влада да и‘ се упатуваат забелешки поради кршењето на човековите права, „без обѕир дали тоа ни се допаѓа или не“.

Тогаш, исто како и денес, Европјеците беа зависни од Турција. Досега Анкара се придржуваше кон својот дел од договорот. Ако Ердоган навистина ја раскине спогодбата и „ги испрати бегалците“, Европејците би се нашле онаму каде беа до почетокот на годината: пред еден гигантски нерешен проблем.

Но, и Ердоган е зависен од Европејците. Потребата не е само економска, политичка и дипломатска. Внатрешнополитички, многу подиректно влијаат изгледите за ослободување од визи: ако тој не им го испорача тоа на својот народ до в лето, ќе загуби значително на популарност. Но, ако ја добие визната либерализација, може да се „капе“ во слава. Така, двете страни имаат силен интерес од продолжување на договорот.

Важна лекција: потпри се на самиот себе си

Во фокусот на спорот околу антитерористичкиот закон е прашањето околу обемот на поимот тероризам. Никој во Европа не е против Турција да ги гони терористите. Но, она на што укажуваат Европејците, е злоупотребата на законот за замолчување на неомилените политичари и новинари. Тоа не се непремостливи спротивности. Многу нешта зборуваат во прилог на тезата дека Ердоган само сака да изнуди дополнително зголемување на цената за заедничката соработка, слично како што направи и при финансиската поддршка.

Меѓутоа, иако, да се надеваме, двете страни на крајот ќе се усогласат, Европејците би постапиле паметно ако предвидат „рачна кочница“ против масовна злоупотреба на безвизното патување.

И крајно, ЕУ веќе треба да ја извлече најважната консеквенца од спорот со Анкара: иако договорот со Турција предизвика енормно намалување на бегалскиот бран, Европејците не треба да се потпрат само на другите земји во својство на чувари на сопствената врата. Своите надворешни граници Европејците треба првенствено сами да си ги штитат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми