1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Турција: Базата Инџирлик недостапна за германски пратеници

ЖА
15 мај 2017

Турција повторно одби на повеќемина германски пратеници да им дозволи посета на воздухопловната база Инџирлик и таму стационираните војници на Бундесверот. Се размислува околу повлекување на војниците.

Syrien-Einsatz der Bundeswehr - Tornado
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Германско-турските односи се ставени на нова проба: повторно пратеници од германскиот Бундестаг не смеат да ги посетат војниците од Бундесверот стационирани во воздухопловната база Инџирлик во Турција. Германската влада, како што се дознава од извори во Бундестагот, размислува околу повлекување на германските војници.Со тоа кризата во билатералните односи уште повеќе би се заострила.

Посетата на членовите на Комисијата на Бундестагот за одбрана била планирана за утре и најавена уште пред неколку недели. Турската влада не испратила никаков одговор, сѐ до саботата, кога за тоа било информирано Министерството за надворешни работи во Берлин. Како причина било наведено одобрувањето азил на турски офицери во Германија. Германската влада остро го критикуваше оневозможувањето пристап до Инџирлик. Апсолутно е неприфатливо неостварувањето на посета планира пред повеќе недели, изјави портпаролот Мартин Шефер во Берлин. Тој истовремено најави и можни консеквенци во поглед на стационирањето на Бундесверот во Турција. „Во оваа ситуација мораме да размислуваме за идните чекори“.  Бундесверот учествува со извидничките авиони „Торнадо“ и еден авион-полнач на гориво од базата Инџирлик во воздушните напади против терористичката милиција Исламска држава во Сирија и во Ирак. Во Инџирлик се стационирани околу 260 германски војници.

Министерството за одбрана веќе врши проверка за алтернативни решенија и стационирање на војниците во Јордан, Кувајт или Кипар. Според извори од Комисијата на Бундестагот за одбрана, одлуката треба да биде донесена следните недели. Како најизгледна локација се споменува Јордан.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми