1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последната шанса на Турција за демократија

Седа Сердар
19 април 2018

Турција оди на предвремени избори на 24 јуни. Победникот на ова клучно гласање ќе стекне неверојатна политичка моќ, а токму тоа го сака претседателот Реџеп Таип Ердоган, смета Седа Сердар.

Türkei Erdogan kündigt Neuwahlen an
Фотографија: Reuters/M. Cetinmuhurdar

За неполни два месеца во Турција ќе се гласа на парламентарни и на претседателски избори. Претседателот Реџеп Таип Ердоган ги распиша изборите веќе на 24 јуни. Чуму таа итност?

Гласините за брзи предвремени избори кружат веќе некое време, иако и Ердоган и членовите на владејачката партија АКП беа непопустливи во тврдењата за одржување на изборите во регуларниот термин во ноември 2019 година. Но кога лидерот на Партијата на националистичкото движење (МХП) Девлет Бахчели, сојузник на Ердоган, повика на одржување на предвремени избори, стана јасно дека и АКП всушност не сака да чека до крајот на наредната година.

Тешко е да се замисли дека Бахчели би преземал таков чекор без одобрение од Ердогоан, иако и двете страни демантираат дека ваквото вин-вин сценарио произлегло на таков начин. Бахчели изгледа како да презема водечка улога во процесот, наспроти критичките гласови кои велат дека тој само го следи она што го задоволува Ердоган. Во истовреме Ердоган си го зачувува образот и го добива она што го сака, додека исто така го зајакнува неговиот сојузник. 

Нелагодност дома

Сепак, одлуката доаѓа изненадувачки и партиите немаат многу време да се подготват за изборите. Во неговата кратка изјава, Ердоган истакна дека поради неизвесности, вклучително и турскиот воен ангажман во Сирија, стариот изборен систем, кој неисправно функционира, мора да се поправи што е можно побрзо.

Повеќе:

-Турскиот ризик во Сирија

-Една година по референдумот во Турција: поголема моќ за Ердоган

-Ердогановата листа за отстрел?

Интервенцијата во Сирија првобитно му донесе поени на Ердоган на домашен терен, но со оглед на тоа дека иднината на операцијата од ден во ден станува сѐ позамаглена, нејасно е дали таа на изборите ќе му донесе натамошни предности. Во меѓувреме, турската лира драматично брзо губи од вредноста, а нејзиното влијание врз економијата е уште еден проблем, кој АКП се обидува да се преправа дека не постои. Новите избори ќе овозможат многуте недостатоци на политиката на АКП - како потфрлањето на судскиот систен, јакнењето на владината контрола врз медиумите и уназадените односи на Турција со меѓународните сојузници - да исчезнат од преден план.

Седа Сердар, авторка на коментарот

Нема единство

Незадоволна од целиот развој на ситуацијата во земјата во последните години, турските опозициски партии се залетаа да ја прифатат шансата за предвремени избори. Но дали таа се навистина подготвени?

Главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) нема претседателски кандидат, ниту пак некое име е на повидок. Прокурдската Народна демократска партија (ХДП) сѐ уште се обидува да ги залечи раните кои ѝ беа нанесени со апсењето на нејзините лидери и членови. Што се однесува пак до новоформираната партија ИЈИ, иако нејзиниот лидер Мерал Аксенер се истакнува како силен противкандидат на Ердоган, нејасно е дали тие ќе бидат во можност да ги исполнат неопходните правни барања и дали ќе им биде дозволено да се кандидираат на изборите на 24 јуни. ИЈИ е партија формирана од поранешни членови на МХП на Девлет Бахчели.

Во моментов, единствено прашање кое ја обединува опозицијата е тоа дека сите сакаат да биде задржан парламентарниот систем во Турција. Ердоган и Бахчели, од друга страна, притискаат за спроведување на уставните промени за поголеми овластувања за претседателот на државата, кои беа одобрени на референдум минатата година, но би требало да стапат во сила дури по првобитниот термин за изборите во ноември 2019 година.

Земјата ќе оди на избори под вонредна состојба. Ердоган ќе се обиде да управува и да ги контролира сите елементи на кампањата до 24 јуни. Она што ѝ е потребно на опозицијата е да постигне единство, да ги обезбедува гласачките кутии, како и силен кандидат. Во актуелниот политички пејсаж, без ниту еден друг кандидат на повидок, ЦХП и ХДП, можеби имаат шанса да помогнат да биде свртена нова страница во опозициското дејствување, и обединети да го поддржат лидерот на партијата ИЈИ Аксенер, чија политичка ѕвезда е во подем по формирањето на партијата. Сепак, на турските гласачи им е потребно многу повеќе од силен лидер. Ним им треба некој кој ќе може да ги реши економските проблеми и да донесе стабилност во земјата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми