1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турције е доведена со грбот до ѕид

Баха Гингер / превод: ЕМФ3 април 2015

Во Турција се‘ укажува на тоа дека на внатрешнополитички план следуваат бурни времиња. Одговорен за тоа е претседателот Реџеп Таип Ердоган со своето неувидување, оценува Баха Гингер.

Türkei Anschlag in Istanbul
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Suna

Временските растојанија меѓу загрижувачките вести од Турција стануваат се‘ покуси. Одвај да поминува ден без извештаи за бомбашки напади, вооружени напади, киднапирања или судири меѓу демонстранти и полиција. Засилена со новите безбедносни закони, полицијата во меѓувреме дејствува речиси на своја рака. Два месеца пред парламентарните избори на 7 јуни, Турција и во делот на економската политика се има збогувано од својата досегашна улога на европски ученик за пример. Драматичниот пад на извозот испраќа алармирачки сигнали во стопанството. Религиозно-конзервативната партија АКП, која владее со апсолутно мнозинство од 2002 година, е ставена на огромна тешка интерна проба.

Турција, која до пред неколку години беше горда на своите завидни стапки на економски пораст, сега е доведена со грбот до ѕид. Кој ќе се осмели да го критикува Ердоган, во најдобар случај, како што се случи со стотици новинари, губи работно место. Други се апсат од страна на полицијата и завршуваат на обвинителна клупа или в затвор. По прашањето на слобода на печатот и слобода на мислењето Турција, во меѓународна споредба, се наоѓа на засрамувачките последни места, во кругот на страшни диктатури.

Сонот на Ердоган за претседателска моќ

Ердоган непоправливо го отфрла секој обид да биде потсетен на неговата со уставот зацртана неутралност. Наместо тоа, тој и натаму дејствува како премиер и влегува во вербални битки со опозицијата кои се деструктивни за плуралистички-демократскиот систем. Неговиот наследник на функцијата премиер, Ахмет Давутоглу, воопшто нема шанса да се докаже.

Баха ГингерФотографија: DW

Како прв претседател на државата избран директно од народот, Ердоган сонува во меѓувреме за 400 од 550-те пратенички места за неговата АКП. Со ваквото мнозинство, неопходно за да може да се менува уставот, тој сака во Турција да воведе претседателски систем по урнекот на Франција или САД. Доколку не ја постигне оваа цел, Ердоган размислува за референдум и ризикува избувнување на нови тензии со непредвидливи опасни последици по внатрешниот мир во земјата.

Фрагилен мир

Колку е фрагилен мирот покажува тактизирањето на Ердоган во делот на политиката кон Курдите. Мировната понуда на лидерот на забранетата ПКК, Абдула Оџалан, кој е во затвор од 1999 година, се‘ уште виси во воздух. Намерата на Оџалан да ги придвижи своите милитантни Курди на завршување на вооружената борба, по 40.000 жртви од 1984 година наваму, предизвика тешка фракциска борба во АКП и поделба на крила кои се „за“ и „против“ мировен курс. Претходно, Ердоган, наспроти поинаквите тврдења во минатото, веќе негираше дека во Турција постои курдски проблем и со тоа долеа масло на огнот.

Турската република, родена врз урнатините на Османлиското царство во 1923 година, од почетокот на повеќепартискиот систем пред 65 години повеќе пати горчливо искуси колку е тешко поредокот базиран врз уништување на политичкиот противник да се претвори во внатрешнополитички мирен. За тоа е неопходна храброст и подготвеност на ризик. Зашто, во шесте изминати децении само мал број политичари беа во состојба за такво нешто, Турција доживеа неколку прекини на демократијата и од тоа се опоравуваше секогаш многу тешко. Ердоган би можел да ја поштеди Турција од уште едно грубо приземјување на нејзиниот демократски поредок. Но за такво нешто мора да покаже подготвеност за компромис, а не круто неувидување. Само тој самиот може да овозможи позитивен пресврт во Турција.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми