1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Турција контра Русија: натпревар за превласт во Сирија

Керстен Книп
14 февруари 2020

Турскиот претседател Ердоган најави одредени намери на Турција во Сирија. Но, и Москва има свои планови. Трката за превласт во Сирија влегува во нова рунда. Иднината на земјата е неизвесна.

Syrien Konflikte Heimatvertrieben
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Tammawi

Ситуацијата во Идлиб натамошно ескалира. Од последниот бунтовнички бастион веќе побегнаа 700.000 луѓе, а од ден во ден оттаму заминуваат и други, во потрага по засолниште од бомбите со кои сириската армија го опсипува регионот.

Учителот Абделкафи Алхамдо, кого го сретна репортерскиот тим на Дојче веле,  сепак не сака да бега, сака да исчека до последен момент. „На овој студ не можам да живеам никаде на отворено во шатор, зашто може да се случи децата да ми умрат пред очи“, вели тој. 

Децата најмногу страдаат, истакнува Жоел Басул од хуманитарната организација „Спасете ги децата“: „Секој ден се убиваат и рануваат деца. Денес тие сочинуваат една третина од сите жртви. Гледаме дека повторно децата се тие кои ја плаќаат цената на конфликт во кој тие не се учесници.“

Смртоносни пресметки

Маката на жителите на Идлиб може дополнително да се зголеми. Деновиве турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се закани со испраќање турски трупи во Идлиб.

Во својот говор Ердоган се повика на повеќе турско-сириски борби од почетокот на февруари, во кои беа убиени неколку турски војници. Истовремено загинаа и 30 сириски војници. Од почетокот на оваа недела двете страни неколкупати се судрија, при што загинаа уште пет сириски војници.

Ердоган упати недвосмислено предупредување до владата во Дамаск: доколку на турските војници „им бидат нанесени и најмали штети, ќе извршиме општи напади врз силите на режимот, без придржување кон границите предвидени со Договорот од Сочи“, изјави Ердоган во средата.

Сепак се чини дека турскиот претседател засега планира да се придржува кон ултиматумот чиј рок е крајот на февруари: дотогаш Турција им даде рок на сириските трупи да се повлечат од околината на турските позиции. Во спротивно, турската армија ќе се активира, предупреди Ердоган, за таа цел во изминатите денови е сериозно засилено турското воено присуство во Идлиб.

Сириската влада: Плановите на Ердоган - далеку од реалноста

Сириската влада веднаш реагираше и изјавите на Ердоган ги оцени како празни зборови на личност далеку од реалноста, која не ја разбира ситуацијата, како што соопшти сириското Министерство за надворешни работи, дополнувајќи дека армијата и натаму ќе се бори против сите „терористички организации“ во регионот.

Во изминатите недели Турција во правец на Идлиб преместува силни воени единици. Но, се чини дека претседателот Ердоган  нема да ризикува директен судир со сириските трупи. Зашто, овие борби лесно може да прераснат во директна борба со руската армија, која заедно со трупите на Асад учествува во нападите врз бунтовничкото упориште.

Ни Русија, ниту пак Турција немаат намера да отстапат политички околу Идлиб или да се повлечат од областите кои ги контролираат, вели Тобијас Шнајдер, научен соработник во Глобал Паблик Полиси Институт од Берлин во разговор за Дојче веле: „Можно е да дојде до одреден судир како во 2015 година, кога Турција собори еден руски авион. Тогаш ќе се види кој прв ќе попушти."

Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин - битка за доминација во СиријаФотографија: Reuters/S. Chirikov

Турските амбиции и руските интереси

Голема е загриженоста од меѓусебен судир, но голема тежина имаат и целите на засегнатите актери. Турција очигледно има претензија не само врз областите населени со Курди во северна Сирија, туку под своја контрола да ги стави и оние понатаму кон југ. Се чини дека Ердоган смета оти владата на Асад никогаш нема да ја освои повторно целокупната сириска територија која ја имаше до 2011 година. Ердоган не само што би имал под контрола големи делови од територијата со курдско население, туку и би докажал дека Турција е сила која не се плаши своите претензии да ги оствари со воени средства.

Владата во Москва ги отфрли заканите на Ердоган. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков изјави дека терористи од Идлиб продолжуваат со напади врз сириската армија и руски воени бази, иако Турција се обврза на уништување на џихадистите. Сириската армија нема цивили во визирот, туку екстремисти. Москва и Дамаск го обвинија и Западот за континуирана поддршка на терористите во Идлиб. При своето напредување сириската армија запленила голема количина воена опрема, оружје и муниција делумно од западно производство, соопшти руската новинска агенција Интерфакс, повикувајќи се на руски и сириски владини претставници. Москва и Дамаск дотолку поодлучно ја истакнуваат решеноста регионот Идлиб повторно да го стават под своја контрола. 

Неизвесна иднината на Сирија

Турската офанзива може да стане голема кочница за обидот на Асад и Путин да ја вратат власта врз целокупната сириска територија. Засилениот ангажман на Турција може да биде обид да анулира дел од постигнатиот воен напредок на Асад, за на овој начин да постигне подобри преговарачки позиции, вели Тобијас Шнајдер. Но, со оглед на неоптималната положба на турската авијација, исходот од намерата останува отворен. „Дали е можно да се реализира  ваков потфат без веродостојно заканувачко сценарио кон Русите?“

Поверојатно е, истакнува Шнајдер, продолжување на постепено доведување на Идлиб кон колапс, со тоа што Асад постојано стартува помали кампањи за уништување на областите под контрола на бунтовниците. Иднината на Сирија е неизвесна и десет години по почетокот на војната.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми