И покрај острите критики од САД и од НАТО, Турција очигледно го реализира својот план за купување на рускиот противракетен систем С-400. Испораката, според претседателот Ердоган треба да следи наскоро.
Реклама
Ракетите треба да бидат испорачани во јули, најави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на собир на неговата партија АКП. Со одлуката за купување на рускиот ракетен систем, Турција влегува во спор со својот НАТО партнер САД.
Исклучување од програмата за Ф-35
Вашингтон имено ѝ постави краен рок до Анкара до крајот на јули да се откаже од купување на С-400. Во спротивно, земјата ќе биде исклучена од борбената авионска програма Ф-35.
Во писмото објавено минатиот петок, американскиот министер за одбрана Патрик Шанахан го информираше својот турски колега Хулуси Акар за деталите на ваквото исклучување. Една од заканите е дека сите турски пилоти кои во моментов се обучуваат за новит борбени авиони на НАТО- Ф35 би морале да ги напуштат САД.
Покрај тоа, можно е долгорочно да биде суспендирано учеството на турските компании во изградбата на авионите Ф-35. Владата во Вашингтон тврди дека Русија би можела преку ракетниот систем инсталиранво Турција да добие податоци за можностите на новите стелт авиони Ф-35.
Ердоган сака да го предомислиТрамп
Турција протестира против реакцијата на Вашингтон. Исклучување од програмата Ф-35 е во спротивност на „духот на сојузот" меѓу двете земји, изјави министерот за одбрана Акар за време на посетата на Азербејџан.
Претседателот Ердоган сé уште сака да ги спречи санкциите на Вашингтон. Тој најави дека во телефонски разговор пред самитот на Г-20 кон крајот на јуни ќе му ги престави своите аргументи на американскиот претседател. Целта е враќање на „почетната ситуација".
Ердоган истакна дека Турција не само што ќе купи 100 борбени авиони Ф-35, туку исто така е и партнер во програмата. Турската одбранбена индустрија инвестираше 1,25 милијарди долари во проектот.
Откажување не е опција
Турскиот претседател истовремено потенцираше дека откажувањето од купување на рускииот систем Ц-400 не е опција за него. Зделката е завршена, рече тој.
Вашингтон инсистираше на тоа Анкара наместо рускиот Ц-400 да го набави американскиот противракетен систем Патриот. Ердоган го отфрли ова барање со аргументот дека Москва дала подобра понуда.
Патот на Турција кон авторитарност
Преминот на Турција кон авторитарност е во тек веќе 10 години. Но, по неуспешниот воен пуч во 2016 година, претседателот Ердоган и АКП ја забрзаа консолидацијата на власта.
Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Weiken
Јули 2007: Абдула Ѓул станува прв исламистички претседател
По повеќегодишни реформи на пазарната економија, транзицијата на Турција полека почнува да оди наназад. Кандидатурата на исламистот Абдула Ѓул за претседател во 2007 сигнализира напуштање на секуларистичката политика и ги затегнува односите меѓу АКП и армијата. Сепак, со широка поддршка на исламистите и либералите, Ѓул е избран за претседател, а АКП победува на парламентарните избори.
Фотографија: A.Kisbenede/AFP/GettyImages
Септември 2010: Уставни реформи
Тогашниот премиер Реџеп Таип Ердоган предлага уставни измени за зголемена контрола над правосудството и армијата, овозможувајќи и на владата да бира судии и високи воени офицери. Амандманот, комбиниран со мерки за заштита на децата и засилување на правото на жалба, е одобрен со големо мнозинство на референдум.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Tumer
Мај 2013: Ерупција на незадоволство во Гези Парк
Насобраниот гнев на младите луѓе кон Ердоган, Ѓул и исламистичката АКП достигнува точка на вриење во мај 2013. Насилното полициско расчистување на мал собир за заштита на Гези Парк предизвикува масовни анти-владини протести. Најмалку 11 луѓе загинаа, а повеќе од 8.000 се повредени, пред демонстрациите да згаснат еден месец подоцна.
Фотографија: picture-alliance/abaca
Јули 2015: Офанзива против Курдите
Нестабилното примирје меѓу турската влада и курдската бунтовничка ПКК се распаѓа поради тензиите кои ги создава војната во Сирија. Воените сили ги продолжуваат операциите во југоисточниот дел на Турција против Курдите. На почетокот на 2016, групација на ПКК ја презема одговорноста за два бомбашки напади во Анкара во кои гинат речиси 80 луѓе.
Фотографија: picture-alliance/abaca/M. Coban
Јули 2016: Неуспешен воен пуч
Воен удар против владата до темел ја потресува Турција и накусо ја претвора земјата во воена зона. Околу 260 цивили ги загубија животите во ноќните судири со армијата во пет големи градови. Ердоган ги повикува своите поддржувачи на отпор, и веќе следното утро војници се во заседа на илјадници цивили на мостот Босфор, каде и се предаваат.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T.Bozoglu
Јули 2016: Ердоган воведува вонредна состојба
По неуспехот на пучот, Ердоган воведува вонредна состојба. Се апсат десетици илјади луѓе осомничени за учество во пучот, но и политички противници. Меѓу уапсените се воени и судски функционери и избрани претставници на про-курдската ХДП партија. Чистчката подоцна опфаќа и јавни службеници, универзитетски професори и учители.
Фотографија: Reuters/U. Bektas
2016: Задушување на медиумите
Како дел од пресметката на Ердоган со наводните „поддржувачи на тероризмот“, Турција станува една од водечките земји во светот по бројот на уапсени новинари.Владата затвора околу 110 медиуми по пучот и затвора повеќе од 100 новинари, меѓу нив и Германецот со турско потекло Денис Јуџел.
Фотографија: Getty Images/S.Gallup
Април 2017: Ердоган победува на референдум
Ердоган тесно успева да победи на референдумот на кој се гласа за проширување на неговата моќ. Турскиот парламентарен систем практично се напушта во корист на силна егзекутивна власт. Ердоган добива можност да владее до 2029 година. Меѓународните набљудувачи велат дека на гласањето имало неправилности, а медиумската кампања во целост била во корист на кампањата на Ердоган.
Фотографија: Reuters/M. Sezer
Јуни 2018: Нова изборна победа на Ердоган
Ердоган си обезбедува нов петгодишен мандат и огромни извршни надлежности откако убедливо победува на изборите на 24 јуни. Неговата АКП и нивните националистички партнери добиваат убедливо мнозинство во парламентот. Меѓународните набљудувачи го критикуваат гласањето, со оценка дека медиумското покривање и вонредната состојба му дале огромна предност на Ердоган.