1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција - лажна надеж за Меркел?

Марсел Фирстенау/превод:З. Јордановски9 февруари 2016

Ангела Меркел и’ се додворува на земја со тешки демократски дефицити. Тоа може во најдобар случај само привремено да и’ помогне и ги потхранува сомневањата во нејзината веродостојност, смета Марсел Фирстенау.

Фотографија: Reuters/U. Bektas

Бегалската криза сега станува дури и случај за НАТО - Алијансата треба да помогне да се спречи дејствувањето на бандите кои организирано преку море префрлуваат бегалци од Турција кон Грција. Согласност за тоа постигнаа германскиот канцелар Ангела Меркел и турскиот премиер Ахмет Давутоглу вчера во Анкара. Веќе утре во Брисел се среќаваат министрите за одбрана на земјите од НАТО, па ќе можат интензивно да дискутираат и за таа најнова идеја во политиката во однос на бегалците.

Независно од прашањето дали НАТО воопшто е надлежно, веќе и самата идеја повторно потврдува дека Европа - изрично вклучувајќи ја тука и Турција - нема никаков заеднички план. Турција впрочем од 1999. година е официјален кандидат за членство во ЕУ, па сепак Меркел не сака да и’ вети ништо повеќе од „привилегирано партнерство“. Долго време Германија одредуваше што треба тоа да значи - сега односите се менуваат.

Ердоган ја одредува цената - во секој поглед

Предводена од автократскиот претседател Ердоган, и онака веќе свесна за моќта и самоуверената Турција се’ повеќе ја одредува цената - политички и финансиска. Во ноември беа навестени, а деновиве дефинитивно ветени три милијарди евра од ЕУ за потребите за згрижување на повеќе од два милиона бегалци од Сирија во Турција, чија состојба е катастрофална. Но, тоа се и пари со кои раскараната ЕУ сака да се откупи и да спречи да не дојдат уште повеќе бегалци во Европа.

Марсел ФирстенауФотографија: DW/S. Eichberg

И, со оглед на фактот дека Германија вака или онака го носи главниот товар, ја презема и улогата на главен плаќач и ќе порамни најголем дел од сметката. Но, прашање е дали од тоа ќе произлезе политичка камата на која се надева Меркел. Иако европската агенција за заштита на границите Фронтекс одамна е опремена, и натаму остануваат пропустливи честопати смртоносните бегалски патеку преку Средоземното море и Балканот. Повикувањето на НАТО на помош е признание од ЕУ дека самата не може да успее да ги пресече тие патишта.

Турција не заслужи политичка ревалвација

За Меркел останува „принципот надеж“. Поради тоа таа ја праќа и Службата за терхничка помош (ТХВ) во Турција. Германските експерти за дејствување во случај на катастрофи треба да помогнат да се ублажи страдањето на Сиријците кои бегаат од бомбите на режимот на Асад и на Русите. Но, оваа колона страдалници нема да биде последна и натамошно ќе расте притисокот врз соседот Турција. Многу е можно владата во Анкара наскоро да побара натамошна помош. А секоја натамошна исплата, секоја натамошна средба со Меркел значи политичко ревалвирање што Турција не го заслужува.

Земјата-кандидат за членство во ЕУ е со светлосни години оддалечена од демократски односи. За ваква проценка доволно е само да се укаже на воинствената политика спрема Курдите и на многу загрозената слобода на медиумите. И покрај тоа германската политика останува воздржана и забележително избегнува гласна критика на состојбите во Турција, партнерот од НАТО. Напротив, Турција ужива внимание повеќе од било кога - пред само две недели се одржаа и владините турско-германски консултации.

Само привремена полза за Меркел

Ситуацијата за Меркел станува се’ помрачна. Тоа што од немајкаде сега таа и’ се додворува на земја како Турција можеби на краток рок и ќе и’ донесе малку политички маневарски простор, но долгорочно нема да и’ е од никаква полза. Оти, Германија е одвај на почетокот во бегалската криза. Ќе дојдат натамошни стотици илјади бегалци кои ќе мора да бидат згрижени и интегрирани. Во однос на тие луѓе Меркел уште и изгледа донекаде веродостојна. Но, во односот спрема Турција таа е, навистина, прагматична, но за жал и нечесна.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми