1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Турција: Можно проширување на офанзивата во Сирија

ЖА / агенции
24 јануари 2018

Во турската воена офанзива во сирискиот регион Африн се убиени најмалку 260 борци на курдската милиција ИПГ и на ИД, тврди турската армија. Вашингтон и Москва повикуваат на воздржаност.

Syrien Türkische Offensive in Nordsyrien nahe Afrin
Фотографија: picture-alliance/dpa/DHA-Depo Photos

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу најавува  можно проширување на турската воена офанзива против курдските милиции во северна Сирија.  Во визир се градовите Манбиџ и областите источно од реката Еуфрат. Според Чавошоглу, курдските борци од ИПГ оттаму вршат напади врз Турција, изјави турскиот министер во интервју за француската телевизија Франс 24.

Операцијата на турската војска во Сирија наидува на критики во меѓународната јавност и е бризантна за САД. ИПГ-борците се сојузник на Вашингтон во меѓународната коалиција, предводена од САД, против терористичката милиција Исламска држава и добија американско оружје, без оглед на протестот на Анкара. На прашањето дали офанзивата нема да наиде на противење на САД, Чавушоглу одговори: „Со никого не морам да се усогласувам. Наша задача е отстранување на секоја опасност по Турција“.

Од извори од Вашингтон се дознава дека американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе разговара телефонски со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Американскиот министер за одбрана Џим Матис во меѓувреме ја повика Турција на воздржаност, зашто употребата на сила во Африн значи бранување на досега релативно стабилна област во Сирија.

Повеќе на темата: 

Со германски тенкови на Курдите

Турција и сириската сложувалка

Рускиот претседател Владимир Путин вчера телефонирал со својот турски колега, инсистирајќи на почитување на сирискиот територијален интегритет и суверенитет, соопшти претставник на Кремљ.

Очигледно телефонот кај Ердоган деновиве се вжештува: и францускиот претседател Емануел Макрон се јавил кај него и изразил загриженост од развојот на настаните. Макрон потсетил на неопходноста од борба против Исламска држава и сите присутни џихадистички сили. Истовремено, мора да бидат обезбедени сите нужни хуманитарни услови за цивилното население, како и овозможена клима за трајно политичко решение во граѓанската војна во Сирија, пренесе портпарол на Елисејската палата.

Воената операција „Маслиново гранче“ што Турција ја стартуваше во саботата е насочена против курдската милиција ИПГ, под чија контрола се наоѓа регионот Африн. Анкара ја смета ИПГ за сириски огранок на ПКК и со тоа за терористичка организација. Турскиот Генералштаб објави дека од почетокот на офанзивата против курдските милиции досега се „неутрализирани“ најмалку 260 „припадници на терористичката организација“. Животот го загубиле и повеќемина припадници на турската армија. Според информациите на Сириската опсерваторија за човекови права, убиени се најмалку 23 цивили.

Проценките на ОН се дека од викендот досега од регионот побегнале околу 5.000 луѓе.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми