Одбележувањето на годишнината од пропаднатиот обид за пуч во Турција и најновите изјави на Ердоган, доминираат на страниците за меѓународна политика во германските весници.
Реклама
Во текстот наслов „Оваа Турција е загубена“, весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува:
„Ако беше неопходен уште еден доказ за тоа дека Турција на претседателот Ердоган не се гледа себеси како дел од Европа, тогаш прославата на првата годишнина од пропаднатиот обид за преврат го донесе тој доказ. Беше најавено дека ќе се слави 'победата на демократијата'. Потоа можеше да се види како изгледа демократија 'а ла Ердоган': лидерот на опозицијата Киличдароглу не смееше да зборува на одбележувањето на годишнината во парламентот, а Ердоган, во добро инсцениран спектакл, побара 'сечење на главите' на пучистите. Освен тоа, тој не зборува за фер процес, туку за повторно воведување на смртната казна. Претходно, Ердоган не криеше дека му е сеедно за ЕУ. Оттука, намерата на претседателот на Европската комисија Јункер и натаму да ја држи подадена раката кон Турција и неговото барање таа да се држи до демократските вредности за да не биде прекинат процесот на приклучување, како што бара Европскиот парламент, е знак на беспомошност. Ердоган и неговата мегаломанија нa ЕУ веќе не ѝ оставаат избор: Турција е за Европа загубена и од тоа мора да се извлечат консеквенции.“
„Ханделсблат“ ги става под лупа најавите на Ердоган за повторно воведување на смртната казна:
„Турскиот претседател знае точно што предизвикува со ваквата своја реторика: земјата се оддалечува сѐ повеќе од ЕУ, НАТО, Западот воопшто. Турците стануваат туѓи за Западот. И, тоа се прави со намера. Ердоган и неговата АКП работат на нов национален идентитет - дури и ако тоа значи прекин со старите партнери. Чао, Европа! Или на турски: Ѓуле, ѓуле!“
Весникот „Велт“ коментира дека модерна Турција сѐ уште е жива:
„Претседателот може да го управува полицискиот апарат, па и правосудството, како што сака. Но, тој е и слаб. Зашто, претседателски систем скроен според една личност не одговара на долг рок на една земја која има голем среден слој и која општествено сѐ уште се наоѓа на пат кон западната Модерна. Ердоган против себе има најмалку половина од населението. Тој нема да може да спречи многу Турци и натаму да гледаат кон Западот. Тоа, пак, што и натаму успева со вулгарност и суров национализам да одушеви голем дел од Турците, покажува дека земјата и натаму лебди меѓу Ориентот и Оскидентот, меѓу националистички чувства и модерно сфаќање на државата... Маршот за правда од Анкара до Истанбул беше знак на живот на модерна Турција. Колку и да е тежок односот со Турција денес - Европа не смее да се разочарува од земјата на Босфорот.“
„Зиддојче цајтунг“ потсетува:
„Пучот од почеток беше осуден на неуспех. Не само поради тоа што пучистите постапија глупаво, туку, што е од решавачко значење, затоа што мнозинството Турци од своето горчливо искуство знае што следува ако армијата ја преземе власта: измачување, затвор, смрт. Затоа толку многу луѓе таа топла летна петочна вечер, кога во Истанбул или се прави забава или се ужива со семејството, застанаа против тенковите на мостот на Босфор. Својата храброст со живот ја платија 249 луѓе.“
Ердоган најавува нова Турција
По три недели исполнети со секојдневни демонстрации за поддршка на Ердоган, во неделата се одржаа финални протести во осумдесет градови во Турција. Во меѓувреме, се уште трае чистката на ѓуленистите
Фотографија: DW/D. Cupolo
Повик да се излезе на улиците
Додека траеше обидот за пуч, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика поддржувачите да излезат на улиците и да ја спречат армијата во обидот да ја симне од власт владејачката АКП. Откако воениот удар заврши неуспешно, Ердоган се заблагодари на неговите поддржувачи и од тој ден, тој секоја вечер ги повикуваше граѓаните да излеуваат на демонстрации.
Фотографија: DW/D. Cupolo
Некогаш под репресија - сега моќни
Финалните собири беа одржани во недела. Во Истанбул се собраа два милиони граѓани, а во Анкара околу 10.000. Истовремено, речиси осумдесет градови низ целата земја одржаа демонстрации за поддршка на Ердоган. АКП е првата исламистичка партија во Турција која преживеала воен удар. Поддржувачите на Ердоган на тоа гледаат како на триумф над традицијата на воени удари во земјата и секуларниот устав.
Фотографија: DW/D. Cupolo
Оптимизам за нова Турција
Во својот говор во Истанбул, Ердоган вети дека „ќе ја изгради Туција од почеток“, а расположението помеѓу поддржувачите беше оптимистично. Лале Алики, агент за недвижности од Анкара кој беше присутен на сите демонстрации кои следеа по обидот за пуч изјави: „Кога чистката ќе заврши Турција ќе напредува, затоа што тие кои беа инфилтрирани во владата, повеќе нема да бидат товар за нашата држава“.
Фотографија: DW/D. Cupolo
Привремен социјализам
Хава Озкан ко-претседавач на курдската организација Тухад-Фед вели дека демонстрациите имале целосна поддршка од владата. За присутните на протестите била обезбедена храна и вода, а јавните претпријатија во Анкара и Истанбул нуделе бесплатен превоз за време на последните три викенди, со цел да се овозможи масовна мобилизација. „Ова што се случува во Турција е привремен социјализам“, вели Озкан.
Фотографија: DW/D. Cupolo
Подем на социјалните медиуми
Во кризни ситуации социјалните медиуми во Турција се забранети. Преку говорот на Ердоган кој се емитуваше преку FaceTime, се до снимките од насилство врз цивилите – социјалните медиуми се покажаа дека „работат“ во полза на владата. Критичарите сметаат дека владата намерно дозволила непрекинат пристап до социјалните медиуми затоа што се покажало дека е во корист на Ердоган.
Фотографија: DW/D. Cupolo
Ова е само тренинг
Некои сметаат дека демонстрациите се начин АКП да ја засили својата база на поддржувачи. Мухамед, бегалец од Сирија кој беше сведок на пучот во Египет, а сега живее во Турција, рече дека демонстрациите се „тренинг за поддржувачите на Ердоган“ и дека „наскоро тој може да ги организира против некое друго движење кое не му се допаѓа“.
Фотографија: DW/D. Cupolo
Преименување на јавните простори
Од плоштадот Кизилеј во Анкара до мостот Босфор во Истанбул, познати јавни места низ цела Турција беа преименувани во чест на оние кои ги загубија своите животи за време на обидот за пуч. Граѓаните сега патуваат од европската кон азиската страна на Истанбул преку мостот „Мачениците од 15 јули“.